Фудбал! Во парковите, после училиште, помеѓу камења, стебла или со ташните како стативи, играњето со топка е споделено уживање. Прекрасно е кога се разбираш со некој фудбалски – кога знаеш дека слично размислувате во хаосот на слободната игра, и кога ќе успеете да победите некои противници кои пробале организирано да ве спречат.
Без напор е сонувањето за време на фудбал: кратките мигови кога помислуваш дека би можел да бидеш наредниот Дарко Панчев, Роналдо, Горан Пандев, Меси…
Фудбал Фрејм е сета енергија на ослободеното фудбалско сонување. Записи на лична фудбалска љубопитност, патување кон она што е важно во фудбалот и зошто е важно.
Фудбал Фрејм е платформа за фудбалските муабети кои ни недостигаат: разговорите што се прават додека се грицка сончоглед и семки на трибина, меѓу фудбалерите на тренинг, меѓу ентузијастите додека губат на термин („зашто не ја даваш топката, се рвам таму со седмицата“), тренерите во кабина; децата на улица…
Преку содржини кои ќе зборуваат за фудбалски теми – на начин различен од брзите, препишани вести на кои сме навикнати – Фудбал Фрејм ќе се обидува постојано да ги предизвикува начините на кои гледаме на фудбалот, да ги надрасне рамките.
Football FrameD: always a little dirt, or infinity, or something.