На Светското првенство во Катар, дури пет пати победници беа одлучени по изведувањето на пеналите. Така беше и на последниот натпревар, оној меѓу Аргентина и Франција, натпревар полн со драматичност, пресврти и возбуди достојни за едно финале. За љубителите на статистиката, ова беше само третото Светско првенство кое е одлучено по изведување на пеналите (по Бразил – Италија во 1994, и Италија – Франција во 2006).
„Пеналите се само среќа“ – сме слушале често од различни експерти и на прес-конференции. Ех, колку многу треба да се работи на таа среќа! Доказите – во продолжение. Па, повелете: пеналите од финалето Аргентина – Франција, низ кадрите на Фудбал Фрејм!*
* Речиси наивно пристапивме со идејата за оваа тема. Истражувањето беше исклучително забавно и заврши со многу повеќе прашања отколку одговори. Се надеваме ќе ви бидат подеднакво забавни и стимулативни како што ни беа и нам.
Прва рунда: Мбапе и Меси (список и психологија)
Кој го прави списокот?
Секој со својата „филозофија“:
- тренерот одлучува сам (најпосле, тој најдобро го познава техничкиот и психолошки профил на своите играчи). Според едно обемно истражување на 91.000 удари од белата точка во периодот од 2009-2018, неизненадувачки, најдобар избор се играчите кои редовно постигнуваат голови во игра, т.е. напаѓачите и играчите од средината на теренот, особено оние поискусните, над 30 години. (На темата, прочитајте ја и оваа многу интересна анализа за потенцијалната улога на тренерот во процесот.)
- тренерот обично ги прашува играчите пред пенал-рулетот – кој сака и кој е подготвен да ја преземе одговорноста;
- по правило, шутираат оние најуспешните од тренинзите кога се вежбале пеналите.
Психолoгијата зад пеналите
Зошто Мбапе и Меси изведуваат први?
Важноста на мечот може да има големо влијание врз техниката и тактиката (одлуката) на изведување пенали. Најпосле, пеналите се момент на исклучителен притисок. Позитивен старт значи помал притисок за наредниот играч. Затоа и има логика (но кој би знаел?) тоа што најдобрите играчи на теренот најчесто ги изведуваат воведните пенали.
Втора рунда: Коман и Дибала (заклучоци од истражувања и идеја што веднаш ќе ја прифатите)
Различни истражувања со различни заклучоци
Исчитавме многу статии и истражувања – и заклучоците од нив варираа многу! Има навистина многу фактори во игра, но се наметнува и впечатокот дека има промени во пристапот на пеналите во различните фудбалски периоди.
А, да прославуваш после секој постигнат гол во пенал низата?
Доколку го прославуваш погодокот од пенал многу ентузијастично, можеш да го зголемиш притисокот врз противникот кој треба да шутира наредно.
Трета рунда: Тшуамени и Паредес (подготовка за пеналите)
Голманската подготовка
Најдовме податоци дека се потребни само 300 милисекунди на изведувачот на пенал да постигне гол од белата точка. Токму поради ваквата брзина, голманите не се потпираат на брзина и агилност за да го сопрат ударот, туку на „претпоставката“ каде ќе се изведе ударот. Со исклучителниот број на податоци достапен денес, таа претпоставка е далеку помалку „лотарија“ од тоа што првично ни изгледа: постојат аналитичари на податоци и софтверски фирми кои ги преработуваат тие податоци, па голманот може да добие одлично спакувана информација од типот „Меси своите пенали во текот на кариерата /последната година/ова првенство/… ги шутира __ % на левата страна; не пробувај да го провоцираш (ха ха)…“
Сме виделе досега сцени во кои голманите имаат имаат некои ливчиња со информации за шутирачите (сите оние точки опишани подолу во четвртата рунда!) Од помош може да биде и анализа на генерални трендови во изведувањето на пенали (особено во недостиг на индивидуални извештаи).
На крај, се разбира дека зборуваме за веројатност, но таа е детално проучена веројатност.
Подготовка на играчот
Секако дека од исклучителна важност е тренирањето на техниката на изведување на пеналот. Не би смееле да ја заборавиме и психолошката подготовка, за да може соодветно да се одговори во моментот на голем притисок.
Како што се прават анализи на играчите, така се прават и анализи на навиките на голманот, неговите слабости и јаки страни.
Четврта рунда: Муани и Монтијел (каде, кога, како)
Каде:
Голман: каде да биде поставен?
Централно? Или повеќе на едната страна (која страна?), свесно оставајќи голем простор – во обид да влијае на одлуката на играчот?
Да влијаат ли претходните пенали во низата на шутирање на мојата одлука која страна да ја изберам наредно?
Играч: каде да шутне?
Лево, десно, во средина? Високо или ниско?
Оптималното место за шут: горе и високо во аголот (повеќе лево отколку десно) – тешко дофатно за голманот, но многу ризично. Некои истражувања за идеално место посочуваат поинаку: ниско, покрај стативата, но не преблиску до стативата.
Идеалниот пристап, според „теоријата на игри“, е мешање на стратегиите – за постигнување на најголема можна непредвидливост.
Уште поинтересно за анализа: кога ќе ја донесам одлуката?
Голман:
Кога ќе изреагира? Да изреагира порано за да ја насочи одлуката на играчот (да ја лажира ли својата вистинска намера)? Или да чека, на тој начин зголемувајќи ја напнатоста кај изведувачот? Подолгото чекање, разбирливо, е меч со две острици:
- ќе има помалку време за реакција
- но, ќе може да „прочита“ повеќе: правецот на стапалото на потпорната нога го одредува, со многу висок процент, правецот на шутот (повеќе од 80%!); ќе може да го види аголот на трчање (земањето залет) на изведувачот кон топката
Играч :
Колку ќе одолговлекува со донесувањето на одлуката? Одлучува ли пред да ја постави топката на пеналтикот? (едно истражување сугерира дека дури 73% од играчите одлучуваат каде да шутираат независно од голманот!)
Или ја одложува одлуката до самиот контакт со топката? – Ова е особено модерен пристап: топката само во периферен вид, очите насочени кон голманот во очекување на неговата реакција, бавен пристап до топката (или краток застој во тркот кон топката кој често знае да изнуди реакција од голманот) и завршница со лесен удар – која остава впечаток на отсуство на каков било напор.
Како?
Голман:
- Да биде мирен на голот, да ги рашири рацете или да се движи – користејќи различни начини за дистракција (пример од финалето: Мартинез ја зема топката и наместо да му ја подаде на Тшуамени, му ја фрла топката далеку на страна)?
- Да влегува во вербална интеракција со противничкиот играч во обид да му ја наруши концентрацијата и самодовербата?
Играч:
Како да шутира? Да се фокусира на „пласирање“ (техника) или на јачина?
Препораките се: да се гледа во голманот наместо во топката, да се земат повеќе од пет неизбрзани чекори и да се стави фокуост на техниката наместо на јачината на ударот (околу 75%?)
Примери за различна техника при изведување на пенал:
- „Жоржињо“ техника (Меси шутираше така – бавно трчање, набљудување на реакции на голманот и одложување на сопствената одлука до контактот со топката)
- „Мала мрежичка“ (страничниот дел на мрежата покрај стативата) (Мбапе и Монтијел)
- По средината на голот – голманот ќе тргне на една или друга страна (Дибала и Муани шутираа така)
- Силен удар во некој горен агол
- Паненка
- …
Заклучен коментар
Пеналите се чинеа како многу логичен крај на финалниот натпревар, и општо – на ова многу изедначено Светско првенство, во кој ниту една екипа не се одвои со доминантност.
Се надеваме дека наредниот пат, кога ќе слушнете дека пеналите се „лотарија“, ќе помислите дека можеби има повеќе од тоа. И, можеби, ќе помислите на оваа статија за која се сомневаме дека имавте сили да ја дочитате до крај.
Add a Comment