Можеби малку неправедно звучи насловот. Секако дека Аргентина не е само Меси! Напротив: нивниот тим е одлично избалансиран и, доколку сакате, во стилот на Златко Калински, вистински мерак е за гледање за сите фудбалски сладокусци.
Па, сепак, овојпат, нудиме малку поинаква тактичката анализа од претходните – извлековме кадри од „нашата камера“ што го пратеше само Меси.
Спротивно од сите маркетинг совети, да почнеме од најмалку атрактивното: Меси, во одбраната, е поставен во првиот одбранбен блок. Најчесто, само високо позициониран – еден фантастичен Хулијан Алварез ги пополнува останатите дефанзивни потреби. Повремено Меси, сепак, се вклучува во висок пресинг на одбранбените играчи. Но зарем би ја трошел некој генијалната 10-ка на одбранбени задачи?
Разбирлива е крутоста на првите 25 минути: наградата е влез во финале на, веројатно, најпрестижното натпреварување во светот. Препознатлива е и „тивкоста“ на Меси во почетните делови на натпреварот. Веќе сме ги слушнале коментарите: само се шета по теренот и гледа наоколу. Интересно, и статистиката го потврдува тоа: од истрчани 8,2км, дури 4,8км Меси поминал во првата, најбавна зона (0-7км/час). Видливо и во следниве, сосем невпечатливи кадри:
Ех, кога би можеле да добиеме транскрипт од неговиот мисловен процес! Но, и без тоа, не е мала лекцијата што можеме да ја извлечеме: колку често, понесени од динамиката на играта, застануваме и набљудуваме?!
Хрватите се обидоа: непотребно е личното маркирање (човек на човек) на Меси, со така цврста одбранбена четворка и многу подвижен среден ред – само го стеснуваш просторот во кој Меси може да се протне.
Навистина, како успева? И покрај одличното одбранбено покривање на Хрватите, Меси секогаш успева да најде голем простор меѓу линиите (до 78 минута, 21 прием во просторот меѓу средниот ред на Хрватите и нивната одбранбена линија, дури четири повеќе од вториот на листата – Перишиќ со 17) . Неговиот „тајминг“ на отварање е совршено калибриран, и му овозможува исклучителна ефикасност во движењата.
Ах, колку итро! Погледнете ја таа паметна игра, од офсајд, надвор од погледите на играчите од одбранбената линија.
Спуштање на рамото за лажирање на правецот на движење; непредвидлива промена на ритамот на движење; свесност за позицијата на своите играчи, дури и под притисок на директниот дуел со противничкиот играч; физичка доминација дури и во својата 36 година – сила да се спротистави на многу поголеми одбранбени играчи (како Гвардиол) и да ја загради топката; експлозивно забрзување во првите неколку метри; контрола на топката во микропростор и под голема брзина…
Магичен е секој миг на Меси со топка.
Се извинуваме што не ги спомнавме Хрватите досега – тие не беа ни приближно лоши: ја имаа топката повеќе кај себе, ја контролираа средината на теренот, беа уредни во протокот на топката, добро организирани – но ништо од ова не донесе финален производ кој ќе значи опасност за Аргентинците во каква било форма: шут кон гол, центаршут, слободен удар…
Но, го немаат Меси. Играта „едноставно“ се менува кога тој ја има топката. Впрочем, добар дел од анализава однапред е осуден на неуспех: магијата на Меси не може да се фати во кадри (дури ни фудбалфрејмовските!) Без никакво претерување: привилегија е да се гледа на екраните. Станува апсурден бројот на награди, трофеи и рекорди што ги има освоено. Во недела, нека стане таа апсурдност и уште поголема.