Богат фудбалски пејзаж и цел куп фудбалски возбудувања на прагот!
Летово, додека се загревавме со пријателските натпревари од различните турнеи на фудбалските гиганти низ светот, можевме да видиме и како еден подзаборавен полуостров на спортската мапа, Саудиска Арабија, стана врвна туристичко-фудбалска атракција.
Во меѓувреме, Меси веќе не можеше да ја издржи сиромаштијата во ПСЖ и Франција, па замина на печалба во Америка, нешто после Бускетс и нешто пред Жорди Алба; штета што не ги подружи и Иниеста, па да ја погледавме уште малку Старата Барса, макар и на хајлајтси (зашто инаку треба во 2 по полноќ).
Од оваа страна на Океанот, Комјунити Шилдот меѓу Арсенал и Манчестер Сити беше одлична најава за англиската Премиер Лига што почнува веќе нареден викенд; тогаш почнува и новата ФПЛ сезона, па сигурни сме дека многумина деновиве одлучуваат дали ќе одат со Салах или Бруно и кого ќе одберат меѓу Воткинс и Жоао Педро како втор напаѓач…
Во меѓувреме, Меси веќе не можеше да ја издржи сиромаштијата во ПСЖ и Франција, па замина на печалба во Америка
Назад во реалноста, викендов почна и нашата прва фудбалска лига; ФК Вардар одново се врати во одбраното друштво, ама влечејќи си со себе некои стари болки. Годинава ќе му прави друштво и ФК Воска Спорт, за прв пат во својата историја. И ФК Брера ќе игра првпат во македонската прва лига, ама само заради тоа што ФК Академија Пандев неодамна се трансформираше под ова ново име.
И додека сопствениците на кладилниците си ги тријат рацете со возбуда а еднакво возбудените навивачи веќе чекаат во ред за новосезонските дресови од своите омилени тимови (некое поголемо бројче од лани, платено во стомачни масти), женската популација внимателно го изострува тајмингот за поминување пред телевизор во клучниот фудбалски момент… освен, нели, ако не го создава тој момент, на некое светско првенство таму долу.
Еј, а зошто никој не зборува за тоа?
Светско фудбалско првенство за жени во Австралија и Нов Зеланд е веќе во елиминационите рунди! Па, зарем не ви кажаа ништо за тоа вашите роднини од Мелбурн на последниот разговор преку скајпо?
Од она малку што успеав попатно да го видам, женскиот фудбал напредува со огромни чекори и воопшто не е помалку атрактивен.
Па, дозволете ми да си додадам задача во веќе невозможен распоред – им должам тактичка анализа. На роднините од Австралија. Поздрав до Џон и Мери!