Football Frame Cup

Од тренерски агол: одговори на три (мноооооогу) фудбалски прашања

И додека ги чекаме да се појават – на теренот на фудбалскиот стадион „Борис Трајковски“ во населба Маџари – идните ѕвезди на фудбалската игра (сериозно, дојдете си на трибина со бележник, зашто ќе треба да запишете неколку имиња што ќе ги слушате на телевизија за десетина години), седнавме ние неколку од нивните тренери да ги прашаме по нешто за нивните тактики, планови и досегашни тренерски искуства.

Шестмината (не)среќници да бидат позамарани малку од нас на сред подготовка за турнирот беа: Оливер Налбантов од ФК Бутел; Александар Арсовски од ФК Маџари Солидарност Јуниор; тренерот на ФК Беласица, Кире Дрвошанов; Михајло Јосифовски од ФК Њу Старс; Јорданчо „Дани“ Џипунов од ФК Форца и проф. Горан Астарџиев од ФК Железарец.

Има ли подобро време да ги споделиме нивните одговори од ова, некоја минутка пред почетокот на турнирот? Знаеме, знаеме – пеперутки во стомакот, треперат колената… Па, да, и ние сме возбудени. Многу.

 

1. Дали има некои силни или слаби страни на кои вашиот тим се фокусира при нивната подготовка за турнирот?

Оливер Налбантов (ФК Бутел)
Оливер Налбантов (ФК Бутел)

Оливер Налбантов (ФК Бутел): Најбитно, секако, е самото учество на турнирот – настан на кој децата имаат можност да стекнат нови искуства, да почувствуваат малку поинаква атмосфера и, не помалку важно, соодветен притисок при одигрувањето на натпреварите… А силните и слабите страни нема да ги откриеме – на нив се работи во текот на целата година, согласно планската програма и тренажниот процес…

Александар Арсовски (ФК Маџари Солидарност Јуниор): Еве, ние нема да криеме ништо! Наша силна страна отсекогаш ни била пас-играта: знаеме да ја играме одлично, течно, со директни пасови спрема напред и брза трансформација по одземена топка. Слабост на екипата, пак, ни е скок-играта… Ама, добро, за наша среќа, мислам дека нема таа преголемо значење во овие категории.

Кире Дрвошанов (ФК Беласица): Нема подобар начин да се дознаат добрите и лошите страни на една екипа од директно соочување со друга. Оттука, ќе ни претставува задоволство и предизвик да си ги пробаме силите и квалитетите на нашите деца наспроти оние на децата од другите тимови. Се подготвуваме за овој турнир тимски – и така и ќе одиграме! Независно дали ќе победиме или изгубиме, ќе го направиме тоа тимски.

Александар Арсовски (ФК Маџари Солидарност Јуниор)
Александар Арсовски (ФК Маџари Солидарност Јуниор)

Михајло Јосифовски (ФК Њу Старс): Па, како и другите екипи, и ние сме во одличен натпреварувачки ритам – како што веќе сите знаете, се натпреваруваме во детската лига на ФФМ. Ама, секако, турнирскиот систем е малку поразличен од лигашкиот и тука други аспекти на играта може да дојдат во прв план. Но, во суштина, ниту тоа не менува многу – битно е да се биде секогаш спремен за фудбал и да се ужива со топката во нозе! Сè друго само ќе си дојде. Оттука, не можам да речам дека практикувавме некоја различна подготовка за Фудбал Фрејм Купот: се подготвувавме нормално, исто како и за секој друг натпревар…

Јорданчо Дани Џипунов (ФК Њу Старс): И ние. Како и секој натпревар што сме го одиграле досега –  без разлика дали е од пријателски или од натпреварувачки карактер – секогаш се трудиме да ги поправиме нашите слаби страни и на секој нареден натпревар да видиме барем нивно минимално подобрување. На некој начин, тоа е најголемата победа што може да ја извојува еден тренер – и еден тим.

Горан Астарџиев (ФК Железарец): Нашите припреми за овој турнир беа пред сè насочени кон базичната тактичка поставеност кај дечињата. Истовремено, се трудевме и психолошки да ги подготвиме за да можат посоодветно да се соочат со новите нешта. А турниров ќе им донесе многу нови нешта: нови противници, различна публика, неиспробан терен, па и самиот формат на натпреварувањето…

     

2. Како ги балансирате потребата и желбата да се победува со важноста на развојот на играчите и уживањето во спортот?

Кире Дрвошанов (ФК Беласица)
Кире Дрвошанов (ФК Беласица)

Оливер Налбантов (ФК Бутел): Правилниот развој на играчите несомнено води и до победи, но тие не смеат да бидат единствениот извор на мотивација. Напротив, самиот напредок, на индивидуално и на тимско ниво, треба да им биде поттик на сите за да го продолжат процесот на фудбалски развој. Токму поради тоа сметам дека работата со младите категории е многу значајна, па дури и потценета. Зашто таа бара да се вложи огромен труд и љубов. А бара и внимателно да се следат, низ континуираниот процес на тренинзи, позитивните промени кај децата и нивниот постојан напредок на секое ниво во фудбалскиот развој. Конечно, бара и да се инспирира во децата желба и способност да растат и да се развиваат заедно со фудбалот, уживајќи во него. Победите, секако, се битни, но мора децата да научат дека и преку поразот се учи и дека само тогаш можеме да станеме уште посилни, да научиме од грешките и да се трудиме повеќе да се подобриме.

Александар Арсовски (ФК Маџари Солидарност Јуниор): Слично и ние, тежнееме пред сè да овозможиме напредок на тимската игра преку индивидуално подобрување на играчите во сите сегменти, како фудбалски, така и нефудбалски. Доколку преку тоа се постигне одреден резултат – уште поубаво! Тоа е полн погодок за сите!

Кире Дрвошанов (ФК Беласица): Клише ќе биде да повторам, но вистина, победата и никогаш не ни била толку битна… Побитно ни било да учествуваме, давајќи сè од себе, и децата да бидат среќни. Да почувствуваат како е да се игра против други деца од нивна возраст, од други градови и со други квалитети. Да се инспирираат.

Михајло Јосифовски (ФК Њу Старс)
Михајло Јосифовски (ФК Њу Старс)

Михајло Јосифовски (ФК Њу Старс): Можеби ќе се повторам од претходно, но најважно е да се ужива. Разбирливо, секое дете има желба да победи и да даде гол – па, си знаеме сите, малку нешта се убави како неизмерната радост што следува потоа. Но, ова се сепак мали деца кои треба да се научат пред сè да ја засакаат оваа игра. Оттука, нема – и не смее да се има – никаков притисок дека мора да се победи. Само кога ништо не се мора може во нешто вистински да се ужива.

Јорданчо Дани Џипунов (ФК Форца): Така е. Резултатите си доаѓаат сами по себе. Најважно нешто за еден спортист е неговиот правилен развој, да се оформи целосно како личност, да го засака спортот, да дава сè од себе да стане подобар…

Горан Астарџиев (ФК Железарец): Секое дете има желба да даде гол, да победи и да се радува. Меѓутоа, треба да се фокусираме кон она што е суштинско и најважно кај децата во оваа возраст. А тоа е да уживаат во фудбалската игра, да играат без страв од грешка, да се бодрат меѓу себе и да стекнат непроценливи животни и спортски искуства.

 

3. Каква улога играат родителите во вашиот пристап кон тренирањето на млади играчи и како соработувате со нив за да го поддржите развојот на нивните деца?

Јорданчо Дани Џипунов (ФК Форца)
Јорданчо Дани Џипунов (ФК Форца)

Оливер Налбантов (ФК Бутел): Родителите мора да бидат најголемата поддршка на децата во победа и во пораз и тие треба да се трудат преголемите желби за успех да ги оптимизираат за тие да не доведат до разочарување или откажување. Децата мора постојано да се мотивираат и на ублажен начин да им се укажува на сите пропусти. Добра и соодветна комуникација, соработка, следење на долгорочните фудбалски цели, почитување на клупските принципи и дисциплиниран пристап од инволвираните страни се само неколку од состојките клучни за успех и, уште поважно, правилен раст и развој на децата.

Александар Арсовски (ФК Маџари Солидарност Јуниор): Стриктно во самиот процес на фудбалска надградба, не можам да речам дека родителите играат огромна улога; но, бидејќи играат токму таква улога во сè останато, си имаме ние секогаш одлична комуникација, која е од огромно значење и за нас и за дечињата.

Кире Дрвошанов (ФК Беласица): Со моите деца, јас сум веќе 3-4 години и засега имам одлична соработка со родителите. Се надевам дека токму така и ќе продолжи!

Горан Астарџиев (ФК Железарец)
Горан Астарџиев (ФК Железарец)

Михајло Јосифовски (ФК Њу Старс): Па, јас би можел да речам дека родителите имаат истоветно важна улога во воспитувањето на децата колку и ние, тренерите, почнувајќи од хранењето на нивната желба за спортот и од нивното вовлекување во фудбалот. Оттука, заеднички се трудиме да им помогнеме на децата во нивниот здрав развој. Имаме супер соработка!

Јорданчо Дани Џипунов (ФК Форца): Ха, родители како родители 😀. Секогаш се стремиме да го најдеме заедничкиот пат кој води кон иста цел, а тоа е правилен развој на нивното дете, љубов кон спортот, почит кон соиграчите и противниците, целосна поддршка за детето…

Горан Астарџиев (ФК Железарец): Добро воспитано дете е првиот услов кој мора да се исполни за да може некој да стане член на нашата школа. Оттука активно се обидуваме, преку разни проекти и работилници, да ги вклучиме родителите во процесот на фудбалска надградба. Така не само што тие можат да се запознаат со нашиот начин на работа, туку и – преку тоа – можат да учествуваат во формирањето на спортската личност уште од најрана возраст кај своите деца.

Ознаки: нема ознака

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *