Main Photo COMPRESSED

Португалија ја „прегази“ Швајцарија за влез во 1/4 финале

Заврши групниот дел од натпреварите на Светското првенство и почна „нокаут“ фазата. Сега, еден натпревар решава сè, па и сè изгледа можно. На распоред за анализа од оваа рунда, репрезентации кои не биле гледани низ нашите рамки досега: Португалија и Швајцарија.

Португалија дури некако и вообичаено: невпечатливо на почетните натпревари, но сè поопасна во понатамошните рунди. Швајцарија, пак, токму онаква каква што беше во претходниот возбудлив меч против Србија – во еден постепен фудбалски подем и сè поблиску до гигантите на европскиот фудбал.

Резултатот? Возбудлив натпревар со многу голови кој сугерираше сосем возможен дострел на Португалците до финалето, па и самиот пехар (ех, уште да мислеа така и Мароканците…)

Поглед на листот пред почеток на натпреварот

Четири изненадувачки промени во составот на Фернандо Сантош во однос на почетните единаесетмина против Уругвај. Изненадувачки само заради тоа што повеќето веројатно би рекле дека оној против Уругвај беше најдобриот можен состав на Португалија во моментов. Но, како што покажа натпреварот, селекторот Сантош имал не само тактички идеи зад измените, туку и – право!

Во одбранбената линија, промени на двете бековски позиции. На десната страна, во стартната единаесетка влегува Дало – и тоа на местото на Кансело, еден од најдобрите бекови во Премиер лигата! На левата бековска позиција, пак, Гереиро во игра наместо Мендеш. Во средината на теренот, Отавио наместо Рубен Невеш. И, конечно, сосем изненадувачка промена во нападот: на местото од Роналдо, за првпат како стартер, влегува 21-годишниот Гонзало Рамош од Бенфика (водечки стрелец во португалската лига).

Кај Швајцарците, пак, само две промени во однос на екипата која ја победи Србија: искусниот Јан Зомер се враќа на голот, исто како и Фернандеш на десната бековска позиција.

Целосна доминација на Португалија

Офанзивна креативност на Португалците

Само првите петнаесетина минути од натпреварот не понудија некакви возбуди. Но, потоа, полека почнаа да стануваат видливи тактичките замисли на двајцата тренери, а со нив и разликата во квалитетот.

Португалија во офанзивна поставеност 4-1-2-3, со Пепе и Дијаш на централните бековски позиции. Карваљо главно служеше како централна оска во средината на теренот, а при организација – и по потреба – се спушташе и помеѓу централните бекови. Отавио и Бернардо Силва, заедно со oстанатите играчи од средината на теренот, беа во исклучително флуидна, но координирана поставеност.

Oпшт баланс на тимот насекаде на теренот и полетност која навистина наликуваше на „европска самба“.

Високата поставеност на бековите (Дало и Гереиро) овозможуваше Феликс и Фернандеш да се спуштаат пониско од своите странични крилни позиции и да учествуваат во креацијата на играта. Бернардо Силва вообичаено динамичен, но и со тим околу себе кој ги следи неговите движења и ги надополнува со соодветни бројни ротации на позициите. Слободата да комбинираат (би биле потребни многу слики за да се доловаат сите нивни интуитивни поместувања) беше забавна за набљудување и овозможи целиот нивен напаѓачки талент да дојде до израз.

Од клупа, во второ полувреме, влегуваат Витиња, Леао и Роналдо – зарем би можел да посака некој тренер нешто повеќе од една ваква ротација?

А да го пробаме детево од Бенфика?

Гонзало Рамош на местото од Кристијано Роналдо. И покрај тоа што сите очи беа вперени во него, и покрај тоа што беше под огромен притисок на јавноста, на гледачите им понуди настап со насмевка, целосно неоптоварен од околностите или од самиот себе. Остави впечаток на комплетност во играта: одлични технички способности, мобилност, паметна позиционираност, ситни движења незгодни за одбранбената линија... и три гола во мрежата на Швајцарија!

Одбранбена дисциплинираност во секоја линија на португалскиот тим

Одбранбено, Португалците беа поставени во 4-3-3 и со агресивен пресинг пристап оневозможија каква било противничка игра.

Погледнете ја само разликата во дефанзивниот притисок направен од двете репрезентациии!

Немоќта на Швајцарија

„Офанзивна“ Швајцарија: неуспешни обиди за организација на играта

Излегоа написи дека стомачен вирус ги нарушил подготовките на Швајцарија за натпреварот, но останува силниот впечаток дека Швајцарците, едноставно, не знаеја како да се спротистават на португалскиот динамичен тим. Џака, заедно со останатите играчи на средината на теренот, беше целосно потиснат и невидлив.

На почетокот беа поставени офанзивно, со „тројка“ во одбранбената линија, но во второто полувреме се вратија на „стандардна четворка“. И тоа не функционираше како, впрочем, и ништо друго. Оттука, уште повеќе изненадува статистиката која воопшто не се поклопува со општиот впечаток: иронично, Швајцарците имаа и поголем процентуален посед на топката (48,8% во однос на португалските 43,6%) и поголем број на додавања (436, во однос на португалските 392)!

Единствена светла точка беше Емболо во нападот, но и тој – како и Шаќири, на пример – целосно отсечен од текот на играта; без дополнителна поддршка, не успеваше нешто повеќе од тоа да изнуди некој небитен фаул и да ја задржи топката малку подолго кај себе, но без конкретна опасност кон голот.

Одбранбена пасивност на Швајцарците

Покрај совршено коордираните ротации на Португалците кои имаа и премногу простор за игра, одбранбената линија на Швајцарија, поставена во 4-4-2, не беше функционална и делуваше многу неудобно и изгубено на теренот.

Завршен коментар

Разочарувачки настап на Швајцарија. Нивниот претходен натпревар (против Србија) најавуваше мотивираност и борба или, барем, квалитетен отпор. Но, не понудија ништо од тоа, за разлика од Португалците кои понудија блескава партија.

Со ваква игра, на многумина им се чинеше дека Португалија може да победи кој било, па дури и незгодниот Мароко со кого требаше да игра во четвртфиналето. Иако таквите надежи на ибериската репрезентација на крајот не се исполнија, впечатокот е дека немаат преголема причина за загриженост. Роналдо и Пепе се последните ѕвезди на „старата генерација“ и, макар било тажно да се каже, првенствово покажа дека можат барем без еден од овие двајца. А покажа и нешто многу побитно: дека Португалците успеаја да ја обноват својата репрезентација без какви и да е „германско-холандски“ турбуленции.

Дијаш, Феликс, Бернардо Силва, Бруно Фернандеш, Отавио, Витиња, Леао, Рамош… Технички доминантен тим со блескава иднина. Нека стои ова во Фудбал Фрејм архивите.

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *