Main photo COMPRESSED

Германците си одат дома: залудната победа над Костарика

Последен натпревар од групната фаза на Светското првенство во Катар ’22. Кој би рекол – неизвесност и во групата Е, каде секој тим има шанса за продолжување понатаму! На распоред: Jапонија – Шпанија и Костарика – Германија. Дури и наспроти очекувањата, и двата натпревари понудија вистинска фудбалска забава! Ние ќе се осврнеме на еден од нив: ќе фрлиме поглед, низ нашите стари добри фудбалски рамки, на играта на „гигантот“ кој нема да го гледаме понатаму на Светско.

Читајте за Костарика и падот на Германија – некогаш симбол за фудбалска непобедливост, денес збир од квалитетни запченици на машинерија која повеќе не функционира.

Поглед на листот пред почеток на натпреварот

Флик со една промена во стартната единаесетка: Сане влегува во првиот состав (на местото од Керер), што значи и Кимих е поместен на десната бековска позиција. Милер останува како (не)класичен напаѓач во единаесетката – и покрај шпекулациите дека Никлас Филкруг ќе застане во центарот на нападот после спасоносниот гол против Шпанија.

Костарика пак, со три промени во стартниот состав кој ја победи Јапонија: Варгас во одбраната (принудно на местото на суспендираниот Калво), како и младиот Агилера и Венегас во нападот.

I Прво полувреме

Доминација на Германците, висока офанзивна поставеност

Многу позитивен почеток на полувремето за Германците. Можеме да зборуваме, номинално, за поставеност 4-2-3-1, но бидејќи целата десетка беше поставена длабоко во противничката половина, тоа најчесто изгледаше како некоја неконвенционална 2-3-5-ка.

И централните дефанзивци Зиле и Ридигер (не се гледаат на сликата) се во противничката половина; Гундоган пред нив, како диригент на средината на теренот; бековите Кимих и Раум многу високо поставени; Горецка и Мусиала на офанзивните средишни позиции; Гнабри и Сане широко на крилата; Милер на работ на задната одбранбена линија.

Германците имаа убав проток на топка и лесно доаѓаа до шанси кои само се редea една по друга. Опасност „мирисаше“ од секоја позиција. Талентот, динамичноста на средниот ред и напаѓачката линија дојдоа до израз. Замислете: 70 допири со топка во противничкиот шеснаесетник! Дури и при поставена одбрана, како во долуприкажаната ситуација, Германците успеваа да извлечат максимум.

Секој неуспешен обид за пробивање на одбраната беше коригиран со брз пресинг и враќање на топката во посед високо во полето на противникот: 19 одземени топки во последната третина од теренот, 28 одземени топки со брз пресинг после само 5 секунди! Позитивната игра беше крунисана со гол уште во 10. минута од страна на Гнабри. Можеби противникот не е по „мерка“, но ова е онаа Германија која сме навикнати да ја гледаме.

Мусиала повторно брилијантен. Вклучен во секој аспект на играта. Секоја одлука се чини вистинската: лесен дриблинг, паметни одлуки, одлично позиционирање. Постојано го пронаоѓа просторот меѓу дефанзивните линии. Прием со свртување кон напред и брз напад на слободниот простор. Потврдено и од статистиката: само до 30. минута, Мусиала ја примил 16 пати топката во просторот измеѓу одбранбените линии.

Одбраната на Костарика

Костарика во низок дефанзивен блок кој воопшто не го напуштаа. Поставени во 5-4-1, беа само покана за висок притисок од Германците. Со преретки мигови во противничката половина, и во неможност што било да креираат, не можеме да зборуваме за концепт на офанзивна поставеност – туку, едноставно, за игра со очекување на противничка грешка. Штета што не видовме повеќе од една офанзивна Костарика, затоа што (особено видливо во второто полувреме) изгледаа многу добро кога напаѓаа.

Речиси ќе им успееше на Костарика оваа замисла и во првото полувреме – во 42. минута, по грешката на Раум и Ридигер, Германија ја спаси Нојер. Тоа беше само вториот обид на гол од страна на Костарика во текот на целото првенство – статистика која ќе се искачи до 8 обиди до крајот на натпреварот! (Првиот обид бил, интересно, голот против Јапонија.) Уште неколку потенцијално опасни мигови за Германците, за неудобен крај на првото, многу доминантно полувреме.

II Второ полувреме

Продолжува впечатокот од крајот на првото полувреме – во оние ретки мигови кога играта е на нивната половина, одбраната на Германија изгледа ранливо. Високонапаѓачкиот фудбал што го играат истовремено значи и многу отворена формација – и тука нема простор за бавна и лабава дефанзивна транзиција. Токму така, во 58. минута, ја платија казната на големиот број неискористени шанси.

После еден прекин, уште еден гол за Костариканците и сега Флик ги вади сите офанзивни асови од клупата. Направените промени значеа една ултраофанзивна поставеност.

Костарика, сепак, не можеше да одолее предолго и прими три гола во последните 18 минути – Хаверц постигна два гола, од кои вториот е по брилијантно додавање на Гнабри (стилски слично како и додавањето на Милер кон Горецка во првото полувреме).

Завршен коментар

Ако ги погледнеме талентираните играчи кои ги имаше на располагање, неизбежно ќе заклучиме дека Флик не успеа да извлече максимум од својата екипа. Голем проблем или мал пропуст – сеедно: сијаличката засвети и германската машина мора да оди на дијагностичка проверка…

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *