IMG-29757919e9fe727647eeb7881bae8372-V

Марјан Белчев: „Jас сум човек кој не се откажува“

Со огромно задоволство, нашиот прв фудбалски портрет е Марјан Белчев, роден 1982, поранешен фудбалер на Цементарница, Вардар, Тетекс, Брегалница, со меѓународно искуство во Иран, Албанија, Мјанмар и Швајцарија, капитен во сите младински репрезентации.

Разговорот со него го почнуваме како кратка содржина на задната корица од книга: брз обид за пополнување на празнините за некои клучни животни случувања. Чувството е како да се видовме последен пат вчера на тренинг, а не како да поминале десетина години: Белчев е од оние ретки луѓе со кои времето не те оддалечува.

За полесно снаоѓање на читателите, направен е обид за хронолошко подредувањe на случувањата. Се надеваме ќе ја доловиме топлината што излегува од секој негов збор.

Зашто дури и на прашања како „Кој лош совет, препорака го слушаш често, а сметаш дека треба да се игнорира?”, од Белчев не излегува критика: „Нема такво нешто! Од секоја препорака можеш да научиш: на тебе е како и дали ќе ја примениш,“ одговара по кратко размислување.

Впрочем, дури и кога раскажува за своите илузии, неуспеси, грешки, не излегува горчина од него. Но, да тргнеме од фудбалските почетоци.

Погледнувајќи наназад кон своите фудбалски почетоци

„Во минатото гледам како на едно големо искуство. Кога ќе погледнам назад, не ја замислував иднината тогаш како што е сега. Моите фудбалски почетоци беа сосем позитивни, се развивав многу брзо. Лидерски способности имав уште од мал, бев капитен на Вардар, капитен на младинските репрезентации, еден од водечки играчи. И чувствував дека иднината ми се насмевнуваше. Минатото ми дава до знаење дека не можеш да земаш ништо здраво за готово, дека така ќе биде или вака… Почнаа повреди и тогаш сè тргна надолу.“

Подготовка за натпреварите, фудбалски квалитети

Белчев е пример за човек посветен на тренинг, фитнес, внимавање на исхрана, вода, спиење…

„Дополнително работев на мојата телесна подготвеност […] Можеби требало да работам повеќе на работите што ми биле јака страна (потребна е работа и на слабите страни, но јаките треба да ги направиш уште појаки). Имав добра десна нога, технички доста солиден, физички бев доста спремен, карактерот и моите лидерски способности успевав да ги пренесам на теренот. За да бидам елитен можеби ми недостигало тоа што го имаше Пандев и на 18 години: перцепцијата, читање на играта неколку чекори, неколку потези однапред. Перцепцијата на играта што ја имав на 27-28 години ќе беше убаво да ја имам на 18. Се тренира тоа, меѓутоа треба многу рано да почнеш (некои го имаат веќе тоа, како дарба) – учење што да гледаш и кога да гледаш, кои информации да ги процесираш.“

Прашања и одговори за играч од средината на теренот

Дали и што размислуваш додека играш?

„Размислуваш за ситуацијата: бараш простор, ги бараш противниците, бараш каде се твоите играчи, бараш решенија. Тоа е размислувањето. Меѓутоа, голем дел од тоа е автоматизирано, тренирано. Во средина секако е најкомплексно затоа што си опкружен со играчи од сите страни.“

Каде гледаш најчесто, кои решенија прво ги проверуваш?

„Првите решенија секако ти се кон напред, вертикално. […] Ти си тој што можеш и да го промениш решението: сè се случува толку брзо на терен што треба да реагираш инстантно, па всушност треба да имаш не едно, туку три решенија во секој момент. Е, сега, дали ќе го одбереш најдоброто од трите зависи од ситуацијата – тоа ги дели квалитетните од просечните играчи“

Што мислиш дека најмногу недостасува кај играчите од средината на теренот?

„Баш таа перцепција на игра, читање на играта, правовремено земање информации, процесирање и носење одлука. Меѓутоа целиот процес, навиките да бараш информација недостасуваат. И тие се учат во пониски категории на 14-15 години. Тогаш се почнува и му ги втемелуваш на играчот за подоцна да може да го прави тоа на повисоко ниво, многу побрзо, почесто.“

Kojа е твојата замисла за одличен играч?

„За мене модерен играч е доволно добро технички поткован, ја чита играта, тактички е супериорен, со добри физички предизпозиции и карактерно-лидерско способности. Меѓутоа, многу е тешко да се најде таква комбинација.“

Прва асоцијација за врвни играчи од средината на теренот?

„Таа генерација на Барселона со Гвардиола: Чави и Иниеста. Го памтам порано и Макелеле, страшен играч.“

Повредите и лекциите од нив

Се повредува рано и често. Предолг е списокот на оперативни интервенции: преден вкрстен лигамент на двете колена, менискус, ’рскавица…

„Не верувам дека причината е генетска. Мислам дека е сè заедно – несоодветен тренажен процес, одмор, исхрана, хидратација, рехабилитација… Можеби таа едукација околу тренажниот процес, колку и зошто да тренираш, тоа сигурно.

Јас бев пресамоуверен и претврдоглав и изгледа мојот разум можеше многу повеќе од моето тело, па веројатно тоа е она што доведе до повредите. Но, во тој период сметам дека созреав. Човек мора да проживее нешто за да сознае. Сфатив што е важно во животот, кои се моите јаки и слаби страни.“

И кои се?

„Јас сум човек што не се откажува. Кога ќе налетам на препрека, ќе направам сé за да ја надминам… Со повредите се справував самоиницијатвно, со волја, да се изборам, издржам, да одам понатаму. Морав да застанам, да направам пауза, да научам. Во процесот учиш. Можеби можев порано да сменам курс, но јас доцнам со одлуките и се трудам да го научам тоа…“

А што е важно во животот?

„Да бидеш искрен, да ги почитуваш другите, да бидеш љубезен, да даруваш доверба, да даруваш љубов. Тие се работите што се важни.“

Заминува во Швајцарија во 2014, на 32 години

Станиците низ сениорскиот фудбал се Вардар, Цементарница, Македонија Ѓорче Петров, Тетекс и Брегалница, меѓународно искуство во Иран, Албанија и Мјанмар, а, последното поглавје од својата играчка кариера го завршува во Швајцарија.

Зошто замина?

„Есенскиот дел од 2012 бев шест месеци во Брегалница, а потоа зимата заминав за Мјанмар. Ја поминав 2013 цела таму сè до ноември, a после – откако се вратив од Мјанмар – станав дел од Тетекс, кои тогаш се натпреваруваа во втората лига. Имаше многу добра екипа (со Боби Божиновски, Драган Начевски…), па успеавме да влеземе во прва лига, но добив многу мала понуда за да продолжам. Тоа е една од повеќето причини… Пробав и отворив фирма за копачки и спортска опрема со еден пријател од Словенија. Очекувањата ми беа преголеми, а тоа што се случуваше беше сосем друго. Осетив дека не сум за бизнис, дека не можам да продавам магла и да правам како што знае да се прави понекогаш во Македонија, јас бев искрен околу сето тоа… и тоа беше една од причините.“

Има многу заеднички работи помеѓу фудбалот и денешната работата како раководител на тимот во пошта (Извор)

Додека полуаматерски игра фудбал во Швајцарија, патот воопшто не е како што повеќето замислуваат. Попатни станици се фабрика за месо и фирма за декорации, но и течно научен јазик (германски), тренерски дипломи, почеток на тренерска асистентска работа, работа во пошта.

Сега води исклучително динамичен живот во Берн (Швајцарија), со нешто што изгледа како повеќе од две работни места: раководител на одделение во пошта и помошник тренер на младите екипи (U16) на Јанг Бојс.

Останатото време го посветува на семејството.

„Би сакал да имам повеќе време за фамилијата (сопругата и шестгодишната ќерка) и за себе. Мене деновите ми се долги а ноќите кратки. Се обидувам да спијам по седум часа навечер, но тоа не е секогаш лесно.“

Изгледаат пресоодветни и местото и позицијата каде што е сега. Можев да го замислам уште тогаш – во некој стручен штаб, раководител, лидер во секоја можна смисла. Што за него значи да се биде лидер?

„Лидер значи да имаш интегритет, тоа што го мислиш и тоа што го зборуваш и тоа што го правиш да биде во иста линија. И да носиш одлуки и тогаш кога е најтешко, кон сите искрено да се однесуваш.“

Најпаметната инвестиција

„Вложувај во знаење, во книги. Читај книги за луѓе што направиле некоја разлика . Учи од нив и нивните искуства.“

Од домашната библиотека на Марјан Белчев
Од домашната библиотека на Марјан Белчев

Ментори и најдобри играчи

„Можам да кажам дека Христијан Цветковски е мојот фудбалски ментор, многу ми е близок, и ден-денес сме во контакт, а и фамилијарно сме блиски.“

Кои се најдобрите играчи со кои си играл, со индивидуални и тимски квалитети?

„Од постарите играчи – Тони Јакимовски, а во млади категории, секако – Дени Ѓошевски (барем додека не се повреди). Тие ја имаа баш таа перцепција на игра: Дени го имаше тоа на 18 години.“

Омилени фудбалски спомени и натпревари за паметење

„Финалето на купот, Вардар против Работнички. Исто и Цементарница-Силекс – тоа ми беше последна утакмица во Цементарница. А и Тетекс-Елфсборг (2011). Иако изгубивме 2-1, тоа беше моја добра утакмица – барем колку што се сеќавам.“

За носталгијата и пријателствата

Што би му кажал на 18 годишниот Марјан Белчев?

„Да намали со темпото малку. Да се фокусира на јаките страни, да биде малку потрпелив и да биде отворен за повеќе нови работи.“

Имаш ли твој омилен неуспех?

„Повредите ми се омилен неуспех. Можеби да не се повредев, ќе направев некоја страшна меѓународна кариера, но човечки веројатно немаше да бидам на нивото на коешто сум сега, немаше да се развијам. Така што, сè се случува со причина. Јас сметам дека повредите што ги имав всушност ме развија и ’разбудија.‘“

Што би рекол дека најмногу ти недостасува од фудбалскиот живот?

„Подготовката за натпревар, целиот тренажен процес, тензијата.

Во последно време ме фаќа носталгија. Ми недостасуваат моите, другарството. Имам многу пријатели, уште сум во контакт и секогаш драго се сретнувам со нив кога и да дојдам. […] На крајот на краиштата, сè се сведува на квалитетот на времето што го посветуваш на некого […] но, како старееш, бираш повеќе, сортираш повеќе, бараш квалитет наместо квантитет. Од секој да научиш нешто. Затоа и правиш селекција.

Јас, секако, создадов пријателства и тука (во Швајцарија). Но, требаше да се избориме со новиот предизвик. Климент (Климент Настоски – со него заедно заминуваат во Швајцарија) и ден-денес ми остана близок, а и уште 2-3 македонски фамилии со кои се дружиме заедно интензивно тука, со нашиве деца. Тоа што имаме добро пријателство, тоа нè одржува тука.“

Белчев во Фудбалскиот речник

Што гледаш кога ќе погледнеш напред во иднината, која e твојата среќна визија?

„Се надевам дека ќе бидам посмирен човек, поконкретен. Се надевам на многу среќни, радосни моменти, многу насмевки, заеднички моменти со пријателите.“

Со неговата контролирано присутна амбициозност, сосем извесно е продолжување на исклучителноста. Кога му посочив колку ми е мерак; дека не знам како изгледа од внатре кругот во кој се врти, но од надвор изгледа убаво (патот кој го поминал и местото каде е сега), ми одговори: трпение и одлучност.

Марјан Белчев во фудбалскиот речник би бил: чист клизач со собирање на топката кога мислиш дека веќе си поминал.

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *