Исечок Тактичка Фудбалска Анализа: ФК Слога Виница на натпреварот ФК Беласица- ФК Слога 1934 (1-0) 07.05.22

I Општи информации за натпреварот:

Македонска Фудбалска Лига, Втора Лига- Исток, 26 Коло, 7 мај 2022 год во 17 часот. На стадионот „Младост“ во Струмица, се одигра вистинско дерби на Истокот, битка за второто место на табелата кое води до бараж и надеж за игра во првата лига следната сезона.

Возбудлив натпревар со контроверзни моменти за време на натпреварот, жалби после него. На крајот, радост и еуфорија само на едната страна – како што вообичаено се случува.

II Стартни состави, форма и формација

Беласица направи промени во составот кој минатиот викенд изгуби (3 – 0), против, сега веќе новиот прволигаш- тимот на Победа. На местото на Чукарски Христијан, во игра беше Јовановски Дарио на десната бековска позиција.

Слога Виница, од друга страна, направи две промени во составот кој одигра нерешено (0 – 0) против ФК Каменица Саса. Тренерот Никола Кузманов им даде шанса на Сефо Алтин и Ѓорѓиев Љубомир, на местото од Лазаров Огнен и Петровски Мартин, со очигледни промени во тактичкиот концепт.

Форма на ФК Беласица

И Победа3-0Беласица30.04.22
ПБеласица3-0ФК Пехчево23.04.22
ПБеласица2-0Каменица Саса16.04.22
ПОсогово0-5Беласица09.04.22
ПБеласица6-0Лок. Градско02.04.22
п=победа, н=нерешено, и=изгубен натпревар

Форма ФК Слога Виница

Н Слога Виница0-0Каменица Саса30.04.22
ПОсогово0-1Слога Виница23.04.22
ПСлога Виница8-0Лок. Градско16.04.22
ПБратство 070-3Слога Виница09.04.22
ПСлога Виница2-1Детонит Јуниор02.04.22
п=победа, н=нерешено, и=изгубен натпревар

III Краток извештај за натпреварот

Бавен почеток на натпреварот со бавен проток на топка на двете страни, главно на средината на теренот. Добро тактичко покривање и неможност за наоѓање на слободен играч кој би имал повеќе време на топка и можност за создавање играч повеќе во т.н. трета зона (финалните третини од теренот).

Гол во 11мин.

Милушев(3) лесно се снаоѓа во офанзивната задача по левата аут линија, го проигрува Михаилов (11) кој, оставајќи простор за Милушев, правилно е поставен повнатре во просторот (на работ на шеснаесетникот). Следува одличен краток пас на Михаилов,кој го согледува луцидното протнување на Коцев(6) во слободниот простор позади одбранбената тројка (неуспешен обид за офсајд замка). Смиреност во завршницата, впечаток на леснотија и рутинско завршување на акцијата од Коцев.

Како што одминува полувремето, ФК Слога Виница се чини дека има повеќе контрола врз играта и топката, но тоа е без некое конкретно завршно додавање или шанса за шут на гол.

Во продолжение на натпреварот, улогите се кристализираа. ФК Беласица гледаше да се брани добро чекајќи ја својата можност преку контранапади, додека ФК Слога Виница ја имаше топката кај себе и се обидуваше да го пробие густиот, низок дефанзивен блок, најчесто по страничните позиции. Не искористија премногу од нападот по страничните позиции и центаршутовите, но изнудија многу слободни удари и сепак претставуваа закана.

Играта после црвениот картон

ФК Беласица успешно се справуваше со притисокот додека силите беа рамноправни на теренот. Во 69 мин, после фаул врз Митров Иван (Слога Виница), Јовановски Д. (23) (Беласица) доби втор жолт картон. Тренерот реагираше веднаш, внесувајќи го Стојков Д. (5)(Беласица) кој сосем солидно ја покри десната бековска позиција. Но, и покрај предноста од еден човек, играчите на Слога Виница, не успеаа сосем ефективно да ја дезорганизираат дефанзивната структурата на Беласица (одбранбените играчи на Беласица реагираа сo блокирани центаршутеви, исфрлени опасни топки од 16никот и со одбранбена компактност).

IV Тактички аспекти

Одбрана и одбранбена транзиција (по губење на топка)

Висока поставеност на дефанзивниот блок која овозможува висок почеток на пресингот- зонски, и често изолиран (со еден или два играчи), но е многу интензивен и ефикасен. Одбраната преминува во зонски, позиционо ориентиеран пристап кога е поставена во среден блок (преминуваат во 5-3-2: бековите се спуштаат ниско, Митров Иван (7) влегува во средната линија, и прави тројка, приклучувајќи им се на двајцата дефанзивни играчи за врска.)

Општиот впечаток за одбраната е цврстина и агресивност, и со исклучок на пропустот при примањето на голот, одбраната изгледа многу компактно.

Напад и офанзивна транзиција (по освојување на топка)

Офанзивната транзиција не е премногу нагласена – фудбалерите на Слога Виница повеќе се потпираат на организиран напад: преку Иванов Бојан (10) пренесување на играта најчесто на крилната позиција кон Митров Иван (7) – за да се искористат неговите квалитети (пробивност во дуелите 1 на 1, квалитетен центаршут, изнудување на фаул).

Партнерството на играчите од средината на теренот (Стојов Стојче (8) и Сефо Алтин (21)) функционира одлично, иако ретко имаше мигови на долг организиран напад и развој на игра (недостигот на долг организиран напад е всушност карактеристика на повеќето тимови во македонската фудбалска лига).

(Нападот на ФК Беласица остава чувство на отсеченост, што е можеби тактичка замисла- зголемена одбранбена густина и игра со брза транзиција во напад, користејќи ги креативните подавања во простор на Коцев Александар)

Прекини

Прекините ги изведува Иванов Б.(10) од десната страна и Митров И.(7) од левата. Одлични, остри центаршутеви во незгодниот „измеѓу“ простор (помеѓу одбранбената линија и голманот) (изнудуваат многу фаули!).

Поставеноста на играчите при офанзивен и дефанзивен прекин е надвор од опсегот на овој исечок тактичка анализа.

V Индивидуални особености и еден малку поинаков тајмлајн

Индивидуални особености

Милушев Александар (3) (Беласица), сигурен на левата бековска позиција, крупен чекор, пробивен, добар центаршут.

Коцев Александар (6) (Беласица), среден играч со офанзивни задачи и карактеристики, удобен на топка, одличен во меѓупростор (така е постигнат и голот). Погледнете ја протурената топка во 51:58 или 86:35!

Рамани Хамза (21) (Беласица), во средниот ред пред одбраната, со солидни технички квалитети (погледнете го одличниот ролинг во 37:22), и одлично завршување на дефанзивниот дел од задачата покривајќи ги просторите оставени од бековската линија.

Иванов Бојан (10) (Слога Виница) изгледа како креативниот мозок во екипата. Често се враќа многу назад за да ја добие топката. Сигурен е на топка и тешко ја губи. Доколку му се остави време на топка, одлично ја разигрува екипата. Десетката во тимот со технички квалитети и око за квалитетно додавање.

Алтин Сефо (21) (Слога Виница) е моторот, одлично дефанзивно покривање и радиус на движење. Добра позиционираност и редовно е достапен за двојно додавање, со брз проток на топка.

Митров Иван (7) (Слога Виница) е човекот што се бара во нападот. По страничните позиции, одлично заградување на топката, директен пробив и центаршут. Знае како да извлече фаул.

Малку поинаков тек на натпреварот (engl. timeline)

Завршен коментар

Браво @СлогаВиница за одличниот натпревар на дербито. И за одличната сезона. Препорачуваме да го погледнете натпреварот преку архивата на ФФМ https://tv.ffm.mk/.


Упатство при употреба:

Направената анализа е исечок од многу подетална анализа. Понудениот исечок е од информативен – не и прескриптивен карактер, и нуди краток субјективен поглед на главните тактички аспекти на натпреварот. Не се изгубени од вид нејзините ограничувања: некомплетност – недостига клучен сегмент како анализа на прекините (корнери, слободни удари, аути); недостиг на статистички податоци и информации од сензорни уреди (GPS); набљудуван е само еден натпревар- премалку за да се донесат заклучоци за навики, рутински решенија и грешки, слабости и јаки страни.

Tags: No tags

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *