FK Sloboden glavna slika COMPRESSED

Фудбал Фрејм на многу локално дерби

Бавно неделно утро. Проверувам прогноза, малку пооптимистична во однос на предвидувањата претходната ноќ. Па што и ако врне. Последен натпревар полусезонава, плус дерби – на „Јурја“, играат ФК Вардар 75 и ФК Слободен, домаќини на истиот терен – зарем смеам да пропуштам? Го пакувам животот во ранецот и со помош на насоките од Гугл, одам да го гледам првиот четвртолигашки натпревар во животов.

 Додека се снајдам и паркирам, натпреварот е веќе почнат. Некој прославува. Што? – еден дечко кој исто така доцни – „Вардар 75“ води? Не сме победиле на ниту еден натпревар сезонава…

Нерамно, но убаво зелено игралиште, локална публика покрај оградите, куче – што  како џокер без маркер – влегува и излегува во натпреварот, пријатели во двата стручни тимови, петел кукурика во позадина, трактор поминува покрај патот… Широка насмевка.

Не престанав да се смешкам целиот натпревар: забавни навивачки досетки и тренерски инструкции, „расправии“ меѓу играчите, убави голови. Интересни играчи во секоја играчка линија. Да ви кажам ли за 10-ките од двата тима?! Папас (Вардар 75) и Мариос (Слободен), неизненадувачки уметници: дриблинг, визија, пас со пета кој никој не го насети, гол со „копната“ топка преку клизачот на голманот…

И таму, на едно мало, природно испакнато место: live streaming! И фотоапарат за забележување на случувањата – дечкиве од ФК Слободен ја препознаваат убавината на фудбалот. Алал да ви е!

ФК Слободен триумфираа убедливо, но голманот на ФК Вардар 75 на своите соиграчи им спомна за „кафана од мене“. Некако, на крајот, сите победија.

Фудбал со широка насмевка – како што треба да биде.

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *