Лига Шампиони вечер. Денешните активности се различни од обичен викенд, а светот не само што поинаку ротира, туку сигурно и успорува пред да почне натпреварот…
Познати навики и глетки. Чување на гласните жици за да се навива фамилијарно по дома или во некој бар со друштво… Навремено купување пијалаци и грицки, ама и автомобили со четири вклучени трепкачи пред 24-часовните продавници – на оние кои во 20:35h открија дека немаат пиво во фрижидер!… И попладневна дремка, секако, за да се собере потребната количина на свежина; па, сепак, стратезите секогаш зависат од нашите стручни коментари пред телевизорот, а играчите го уважуваат секој наш совет за тајмингот на шут, додавање или враќање во одбрана!…
Макар индиректно, ќе се измести светот и за оние малкумина имуни на фудбалската магија: вообичаените придружници ќе го откажат заедничкото гледање на турските серии и ѕвездите на Гранд или, ако не нешто повеќе, барем малку ќе задоцнат на журката во некоја од дискотеките…
Ох, штета – одложено ќе читате за тактичко-техничките особености на тимовите во финалево! Забрзано ќе „скролнете“ низ моите записи, а можеби и ќе прочитате некој краток параграф под повпечатлива слика.
Се извинувам однапред до сите „Интеристи“, но наредниве денови прво ќе следува тоа што не успеав да стигнам да го напишам пред почетокот на финалето: независно од исходот – и независно од фантастичната сезона – одамна им должам на Родри, КДБ и Гундоган една статија која секако нема да успее да ја долови нивната посебност.
Но, доволно ве/се задржувам. Си ја пуштам химната на ЛШ и си ги замислувам прскалките на олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул, кренатиот трофеј, а и еуфоријата во некоја нијанса на сина: светлосина (Манчестер Сити) или темносина (Интер)…
А, во недела наутро… Ех, во недела наутро ќе може да си продолжи светов вообичаено да ротира: чистење по дома, алишта за перење, позајмување на штипки од комшиите, правење скара, подготовки за работната седмица… А и фудбал, секако! Би било убаво да се најде некој термин уште за во понеделник…
Add a Comment