Categories
Тактичка фудбалска анализа

Магијата на Меси во полуфиналниот натпревар против Хрватска

Можеби малку неправедно звучи насловот. Секако дека Аргентина не е само Меси! Напротив: нивниот тим е одлично избалансиран и, доколку сакате, во стилот на Златко Калински, вистински мерак е за гледање за сите фудбалски сладокусци.

Па, сепак, овојпат, нудиме малку поинаква тактичката анализа од претходните – извлековме кадри од „нашата камера“ што го пратеше само Меси.

Спорадично вклучен во одбранбените активности

Спротивно од сите маркетинг совети, да почнеме од најмалку атрактивното: Меси, во одбраната, е поставен во првиот одбранбен блок. Најчесто, само високо позициониран – еден фантастичен Хулијан Алварез ги пополнува останатите дефанзивни потреби. Повремено Меси, сепак, се вклучува во висок пресинг на одбранбените играчи. Но зарем би ја трошел некој генијалната 10-ка на одбранбени задачи?

Се шета по теренот…

Разбирлива е крутоста на првите 25 минути: наградата е влез во финале на, веројатно, најпрестижното натпреварување во светот. Препознатлива е и „тивкоста“ на Меси во почетните делови на натпреварот. Веќе сме ги слушнале коментарите: само се шета по теренот и гледа наоколу. Интересно, и статистиката го потврдува тоа: од истрчани 8,2км, дури 4,8км Меси поминал во првата, најбавна зона (0-7км/час). Видливо и во следниве, сосем невпечатливи кадри:

Ех, кога би можеле да добиеме транскрипт од неговиот мисловен процес! Но, и без тоа, не е мала лекцијата што можеме да ја извлечеме: колку често, понесени од динамиката на играта, застануваме и набљудуваме?!

Маркиран од неколку противнички играчи

Хрватите се обидоа: непотребно е личното маркирање (човек на човек) на Меси, со така цврста одбранбена четворка и многу подвижен среден ред – само го стеснуваш просторот во кој Меси може да се протне.

Во потрага по празен простор

Навистина, како успева? И покрај одличното одбранбено покривање на Хрватите, Меси секогаш успева да најде голем простор меѓу линиите (до 78 минута, 21 прием во просторот меѓу средниот ред на Хрватите и нивната одбранбена линија, дури четири повеќе од вториот на листата – Перишиќ со 17) . Неговиот „тајминг“ на отварање е совршено калибриран, и му овозможува исклучителна ефикасност во движењата.

Зошто седи во офсајд?

Ах, колку итро! Погледнете ја таа паметна игра, од офсајд, надвор од погледите на играчите од одбранбената линија.

Дриблинг, асистенција, гол… – обид да се опише малку видливото

Спуштање на рамото за лажирање на правецот на движење; непредвидлива промена на ритамот на движење; свесност за позицијата на своите играчи, дури и под притисок на директниот дуел со противничкиот играч; физичка доминација дури и во својата 36 година – сила да се спротистави на многу поголеми одбранбени играчи (како Гвардиол) и да ја загради топката; експлозивно забрзување во првите неколку метри; контрола на топката во микропростор и под голема брзина…

Магичен е секој миг на Меси со топка.

Завршен коментар

Се извинуваме што не ги спомнавме Хрватите досега – тие не беа ни приближно лоши: ја имаа топката повеќе кај себе, ја контролираа средината на теренот, беа уредни во протокот на топката, добро организирани – но ништо од ова не донесе финален производ кој ќе значи опасност за Аргентинците во каква било форма: шут кон гол, центаршут, слободен удар…

Но, го немаат Меси. Играта „едноставно“ се менува кога тој ја има топката. Впрочем, добар дел од анализава однапред е осуден на неуспех: магијата на Меси не може да се фати во кадри (дури ни фудбалфрејмовските!) Без никакво претерување: привилегија е да се гледа на екраните. Станува апсурден бројот на награди, трофеи и рекорди што ги има освоено. Во недела, нека стане таа апсурдност и уште поголема.

Categories
Тактичка фудбалска анализа

Изненадувањето на Саудиска Арабија против Аргентина: висока дефанзивна линија, правилото на „кратка маица“ и малку среќа

Светско првенство во Катар, 2022 година. Уште на самиот почеток, и повеќе од изненадување: Саудиска Арабија ја победи Аргентина! До пред некој ден, статија со таков наслов веројатно би се чинела попогодна за категоријата „паравести“…

Големината на подвигот (и статистичкото чудо) во пет факти

  1. Пред овој натпревар, Аргентина беше на пат да сруши рекорд: немаше пораз на 36 натпревари со ред, само еден помалку од Италијанците кои го поставија рекордот лани.
  2. Уште поимпресивно, Аргентинците имаа примено само два гола на последните 15 натпревари; седум од последните осум натпревари им беа победи без примен гол!
  3. Гол-разликата на Аргентина на последните пет меча (Италија, Естонија, Хондурас, Јамајка, ОАЕ)? 19-0!
  4. Впрочем, Аргетина немаше пораз цели три години: последниот им беше во полуфиналето на Копа Америка во 2019, и тоа од нивните најлути ривали, Бразил: 0-2.
  5. Сите играчи од репрезентацијата на Саудиска Арабија (според рејтингот на ФИФА, 53. репрезентација во светот) играат во тимови од Саудиска Арабија.

Солидна изведба на Аргентина

Тимот на Скалони беше поставен во 4-4-2 формација. Со оглед на високата поставеност на играчите, не би било погрешно да зборуваме и за 4-2-4 поставеност.

Изнесувањето на топката од одбраната и нејзиното циркулирање беше пристојно. Сепак, недостасуваа играчи во средината на теренот: едниот дефанзивен играч од средината на теренот обично се спушташе меѓу централните бекови, а другиот најчесто се поставуваше по страничните позиции. Ова оневозможуваше комбинаторна игра и играчите на Аргентина се потпираа на многу директен пристап во играта.

Десет успешни офсајд замки

Уште една статистичка необичност на овој натпревар: во судиското продолжение на првото полувреме – поточно во 47 минута – Аргентинците влегоа во својот осми офсајд! Што значи, нивните напаѓачи беа фатени во офсајд замка по еднаш на секои осум минути. Или: само во текот на едно полувреме во Катар, против Аргентина беа досудени повеќе офсајди отколку на сите четири натпревари што ги одиграа албичелестите на Светското во 2018-та!

Малку е да се каже дека Саудиска Арабија играше ризично: ефикасно поставување на офсајд замки е и повеќе од неопходно кога се игра со така високо поставена дефанзивна линија. Сепак, ова е поголем неуспех на Аргентинците отколку успех на Саудиска Арабија. Аргентинците не успеаја да се адаптираат на играта на својот противник и да ги искористат џокер-картите кои им беа дадени: ниту офанзивните играчи најдоа начин да ги прилагодат своите утрчувања во простор (т.е. да не играат постојано на работ на офсајд), ниту пак додавачот – донесувачот на одлука – успеа барем еднаш да се ослободи од топката навремено, некој дел од секундата порано.

Низ речиси целиот натпревар Аргентина имаше отворен простор зад задната четворка на Саудиска Арабија – простор кој не знаеше како да го искористи. Иронично, можеби токму тоа беше и проблемот: имаа премногу простор, повеќе отколку што се навикнати. И препримамливо е да се игра со директни пасови при таква поставеност. Но, за тоа треба синхронизација, а квалитетот на последното додавање и тајмингот на последниот трк на напаѓачите во ниеден момент не беа во созвучје.

Покрај тоа, центаршутевите на Ди Марија не успеваа често, а дури и кога беа добри, не завршуваа на главите или во нозете на аргентинските напаѓачи. Причината: Аргентина и немаше играчи кои ги напаѓаа нафрлените топки во последниот дел од теренот. А тешко се дава гол со малку играчи во шеснаесетникот.

Е, сега, можеме да филозофираме дека постоеше некое преовладувачко чувство на општа неуредност во поставеноста на Аргентина, но вистината е дека недостасуваше квалитетен „краен производ“: последното додавање во простор, избегнувањето на офсајд замката, навременото пристигнување во шеснаесетникот…

Офсајд правило: линијата на кратки ракави

Линијата на кратки ракави (7-8 cm под рамото), е област со која можете да постигнете гол. Бидејќи смеете да дадете гол и со рамо, и рамото се смета за офсајд.

Каде да го играм Меси?

Меси беше покриен од неколку противнички играчи во секое време, дури и пред да ја прими топката. Колку и да е посакувано присуството на Меси насекаде (и на било која позиција на теренот), ова си доаѓа со цена: поставувањето подлабоко во средината и учеството во организација на нападите значи негово отсуство во завршницата.

Очекувано, ова резултираше со еднодимензионалност на аргентинскиот тим – впечатокот е како речиси сè да мораше да помине преку Меси.

Саудиска Арабија заслужи

Но, доволно за Аргентина. Саудиска Арабија одигра квалитетен натпревар. Впечатлива беше исклучително високо поставената дефанзивна линија. Со мешавина од зонски пристап и маркирање „човек на човек“, одбраната (поставена во 4-1-3-2 или 4-3-3) се одликуваше со голема компактност меѓу линиите. Беше необично агресивна и ниеднаш не дозволи лесно вртење на играчот со топка.


Поважно, на натпреварот не видовме тим кој влегува во дуел со голем фаворит со ставот „сите позади топка, па да се надеваме дека ќе се одбраниме, а може и ќе изненадиме со некоја контра“. Не! Ги одиграа тактичките замисли на тренерот, ризикуваа, и постигнаа гол против тим кој не прима голови. И дури и тогаш не се повлекоа сосема и високо ја држеа одбранбената линија! Но, би било нефер доколку не ја истакнеме одличната игра на целиот тим на Саудиска Арабија, почнувајќи од голманот, преку фантастичната задна четворка и пресингот на средњаците, па сè до одличните напаѓачи кои не само што помагаа редовно во одбраната, туку и имаа квалитет да ги искористат малкуте шанси што ги добија.

Патем, не треба да бидеме толку многу изненадени од она „два удари на гол – два гола“ (поточно, беа три удари на гол, од кои два во рамките на голот – и во него). Пазете го овој податок: на квалификациите за Катар, Саудиска Арабија имала највисока стапка на реализација на „големи шанси“ меѓу сите азиски репрезентации – фантастични 41,2%, што би се рекло секоја втора голема шанса (останатите екипи имале просек од „само“ 14,3%).

Завршен коментар

Лошиот прв резултат сигурно не значи крај за Аргентина. Најпосле, ова е можеби најдобриот склоп на играчи собрани околу Меси во неговата долга кариера – добро балансиран тим со фантастични индивидуалци. Доколку ги искористеа шансите во првото полувреме, денеска ќе се смеевме за „самоубиствениот“ пристап на Саудиска Арабија, и анализата веројатно ќе беше за натпревар со многу голови.

Но, натпреварот што ни го понудија и вака беше превозбудлив за гледање – атмосферата од 88.012 навивачи на стадионот се чувствуваше и преку екраните! Седиштата веројатно издржаа, но потребни се проверки на покривот: еуфоријата на навивачите на Саудиска Арабија предизвика вибрации низ сите континенти. Сигурно било магично во епицентарот.

Светот ја ажурираше дефиницијата за чудо.