Categories
Фудбалологија

Пиво и спорт

Сигурно сте гледале некаде и некогаш спортски настан. Кажете ни, дали се случило притоа да нема пиво и грицки за заокружување на доживувањето?

А што, не гледате спорт? Тогаш сигурно, додека сте гледале нешто сосема друго на ТВ, ви се појавила во некој момент реклама за пиво. Би се обложил во омилените копачки што треба да ги носам на шиење дека имало нешто врзано со фудбал во неа!

Вие што спортувате, пак, неизбежно сте слушнале за пиво после тренинг/натпревар: Ајде на едно пиво, витамин Б, добро е за опоравување... Или, можеби: Напиј се едно пред да играш – ќе ти го намали стресот и ќе те релаксира!

Спортуваме и ние. И секогаш сме се прашувале колку вистина има во тие тврдења. Пивото е третиот најконсумиран пијалок во светот после водата и чајот.1, 2 Па, претпоставуваме дека вреди истражувањево за пиво пред или после фудбал.

Нутритивни квалитети, придобивки и штетни дејства

Вистина е она што сте го чуле – пивото има добри нутритивни квалитети: вода, Б витамини и минерали (калиум, калциум, железо, цинк, силициум; но ниска количина на натриум3), антиоксиданти (полифеноли?)4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 па и мала количина на протеини. И покрај ова, секако дека „течниот леб“ не може да победи во директна нутритивна битка со – погодувате – овошјето и зеленчукот.

Листата на потенцијални придобивки од пивото е долга:

  • намалување на ризикот за кардиоваскуларни болести
  • подобрување на контролата на шеќерот во крвта
  • намалување на ризикот за деменција
  • подобрување на цврстината на коските (ефект на силициумот)

Листата на потенцијални штетности (краткорочни и долгорочни) е уште подолга 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 20 :

  • нарушување на координацијата (при голем внес)
  • пореметено расудување и донесување одлуки,
  • нарушена рехидратација (или предизвикување на дехидратација)
  • општо нарушување на опоравувањето после тренинг и после повреда
  • ризик за хипогликемија 21
  • отежнато одржување на телесната температура
  • зголемен ризик за зависност од алкохол
  • ризик од депресија
  • нарушено функционирање и болести на црниот дроб
  • зголемување на тежина

Воопшто не е изненадувачки дека најмногу нешта зависат од количината (колку алкохол е внесен за колку време). Впрочем, треба ли да кажеме: пијте умерено! 22, 23, 24

Колку пиво е премногу пиво (колку треба да се пие)?

Препорачаните дневни дози 25, 26 27 се: една лименка пиво за жени, и две лименки пиво за мажи.

Малку постручно, препораките за внес на алкохолен пијалок се следни:

  1. за здрави мажи: не повеке од 14 единици неделно (отприлика 2 единици дневно) или 4 единици по повод (за време на прослава) ; за постари од 65год не повеќе од една единица на ден
  2. за здрава, небремена жена: не повеќе од 7 единици неделно (отприлика 1 единица дневно) или 3 пијалоци по повод
  • 1 единица пијалок претставува 1дл вино, 250мл пиво, 1 чашка ракија
  • Како прецизно да пресметате единица алкохолен пијалок 28, 29 :
    јачина на пијалокот(% на алкохол) x волумен (ml) ÷ 1,000 = ______ единици алкохолен пијалок
    Пример: лименка пиво (вообичаено е 350ml) со 5% алкохол. 5 (%) x 350 ÷ 1000= 1,75 единици алкохолен пијалок
  • Забавна информација: Општо кажано, ниско-алкохолните пива се помалку калорични поради малиот процент на алкохол (една алкохолна единица содржи 56 калории) 30

Приказната за пивското „меше“

Сите го обвинуваат пивото за зголемување на обемот на стомакот31, 32, 33, 34, 35, 36. Но, не е негова вина, виновни се калориите! Лименка пиво содржи околу 150 калории. Ќе се напиете неколку пива, некое мезе од страна, и калориите се собрале! А нивното согорување воопшто не е така лесно и брзо. Калории од било кој извор, доколку се вишок, го предизвикуваат истото: престанете да го обвинувате пивото!

Пивце за живце

Алкохолот има двоен ефект на мозокот:-

  • го зголемува нивото на допамин (што доведува до чувство на еуфорија) од една страна
  • го намалува нивото на ексцитаторни (поттикнувачки) невротрансмитери што доведува до „успорување“ на мозочното функционирање

Сепак, внимателно со пиво „за да ме успие“. Седативниот ефект на пивото (алкохолот) може првично да ни’ помогне да заспиеме, но дури и еден пијалок преблиску до времето за спиење може да го поремети квалитетот и квантитетот на сонот. 37, 38,

Заклучок

Пиво пред тренинг/натпревар е непрепорачливо- можеби, доколку инсистирате, размислете за некоја помалку алкохолна варијанта.

Пиво после тренинг/натпревар не е идеалниот напиток за опоравување како што се зборува. Што не значи деке не можете да се напиете повремено, особено ако опоравувањето не ви е приоритет. Уживајте во вкусот и дружбата, но важно е да запомнете 39, 40, 41, 42, 43, 44 дека:

  • треба да се контролирате (внимавајте колку ќе испиете)
  • пијте многу вода (едноставен трик- колку што ќе испиете пиво, испијте иста количина и на вода – за да избегнете дехидратација)
  • убаво е да не го занемарите оброкот после тренинг/натпревар (ќе објавиме за тоа наскоро)

Кој било пијалок со повеќе од 2% присуство на алкохол не е препорачан како идеален пијалок за рехидратација 45