Можеби и се сеќавате на прирачникот за поминување на одморот меѓу фудбалските полусезони. Логично е сега да изработиме и некој сличен продолжеток – овојпат за поминување на одморот на крај на сезоната. Времето е потопло, туристичките агенции се разработија повторно, почна да се продава сладолед, на кеј е зголемена бројката на рекреативци, а и теретаните се наполнија со млади луѓе кои уште веруваат во брзи резултати…
Што да правам после напорна фудбалска сезона? Повелете некои идеи – од искуство:
- „Одам на одмор во Грчка. Уплативме 10 дена во една вила. Јас и девојка ми, и уште двајца другари од клуб, со нивните девојки. Цела вила ќе е наша, има базенче надвор, блиску е туристичкото место, журчиња ау…“
- „Земав плата од клуб (ми должат само уште три) и ќе одам негде егзотично – се мислам за Дубаи или Црна Гора. Ќе видите слика од квадрицепс на лежалка на Инста.“
- Ветеран: „Со маливе може до Охрид да тркнеме, мада ладен е Охрид во јуни. Ама шура ми има стан таму, па гага…“
- „Одам да се тетовирам, не можев за време на сезона. Фудбал со лав/волк и кинески букви. Многу јако. Го следам типот на Инстаграм.“
- „Немам многу време. Го освоивме Купот и рано ни почнуваат припреми. Уште не ми го обновија договорот, а се збори и тренерот дека ќе го менуваат, па додека не средам тоа не мрдам од тука.“
- „Брат, јас сум за спонтани работи, ако излезе нешто – ок. Ако не, ќе вежбам ноќен живот тука, со друштво не сум излегол не знам од кога…“
- „Ќе се кладам на кучиња и коњи, ха ха! Па, нема првенства сега. Кога ќе правиме едно кафе?“
- „Си уплатив кај еден масер во Н. Лисиче, многу е добар, сите го фалат. Имам многу превртени жили за местење.“
- „Ќе се одржувам во форма – базен, точак, гимнастика, ќе играм некое терминче, имам и испити да ги доположам…“
- „Не знам за натаму, ама сега во петок цел клуб одиме во кафана, ќе биде циркус!“
- „Батали брат ова, дај да најдеме некоја работа, од фудбалов нема фајде…“
Add a Comment