Замисли некому да фали играч за фудбал, да бидеш понуден како опција, а некој за тебе да рече: „Не, бе не го викај него!“
Страшно, нели? Тоа или си многу добар или, поверојатно, си направил некој од следниве прекршоци:
- ја рогаш топката надвор од теренот по секоја наводна неправда;
- ја напушташ играта затоа што судијата лошо суди или затоа што твојот соиграч упорно дрибла и не ти ја подава;
- бараш фаул, замавнуваш со главата и се закануваш по забите на противничкиот играч (еј, патем, имаме одличен стоматолог за препорака!)
- бараш „енац“ и кога е „прилепена”; или, обратно – не признаваш „енац“ иако и од твоја екипа признаваат дека бил: а, бе, разбацан си и рамото ти е спуштено пониско;
- додека чекаш да се изведе корнерот, правиш џудо потези на влечење со противникот, иако во тие моменти твојот соиграч сè уште чека топката да ја вратат комшиите од дворот и си ги врзува патиките;
- откажуваш присуство на фудбалски термин на еден час пред натпреварот – ти излегле некои обврски;
- доцниш на термин „само” десет минути, но сепак лежерно излегуваш од кола и влегуваш на терен како да си Марадона на Светско ’86-та;
- иако играш термин со другарите од маало, си остануваш верен на мотото „топката може да помине, играч не“ од твоите славни фудбалски денови во трета лига исток;
- треба да се загреваш, но влегуваш и веднаш шутираш со сета сила (случајни минувачи: бидете внимателни!); ако прсне нешто – тоа е знак дека веќе не си за фудбал;
- уште се расправаш со противникот дека не било фаул таму покрај аут линија и покрај тоа што поминале 30 минути од ситуацијата и ти отвораат простор за контра;
- викаш по соиграчите секојпат кога ќе направат грешка – зашто, нели, твојата последна грешка беше во 2002 кога погоди статива на празен гол.
Сите случајности со познати мигови се намерни. Можеби се препознавте: ве молиме да не ги практикувате.
П.С. Ви фали играч за фудбал? Викнете нè!
Add a Comment