Categories
Тактичка фудбалска анализа

Илкај Гундоган – тактичка анализа

Илкај Гундоган - фудбалска анализа

Би сакал да напишам за Гундоган нешто прецизно и едноставно – што би соодветствувало со неговиот играчки стил. Ех, камо секој збор да ми пристигнуваше точно кога треба и зборовите да ми го имаа неговото чувство за „тајминг“!

Истражувањето опфаќаше пет натпревари со идеја за хронолошко набљудување на неговиот развој, исечоци од неговите најдобри моменти, интервјуа, статии… Но, тешко е да се извлече есенцијата од еден играч и да се дестилира во опис. Уште потешко е ако пристапите кон задачата амбициозно и си додадете услов описот да има двојна функција: не само да ја стопли душата на оние бројни фудбалски љубители кои немаат баш обичај да читаат фудбалски анализи, туку и да стане (авто)референца која би можела понатаму да се искористи во начинот на кој се врамуваат фудбалските тренинзи.

 

Зошто Гундоган? Затоа што Гундоган – доколку дозволувате да искористам еден сосем обичен израз – заслужува. Шетајќи во неговата сенка сите овие денови додека ја подготвував статијата – и внимателно набљудувајќи ги неговите стапки – не можев а да не бидам восхитен пред фактот дека во секој отпечаток на Гундоган се јасно препознатливи неговото длабоко разбирање на игра и чувствување на просторот и времето („тајмингот“) за вклучување во акција.

1. Технички квалитети

Гундоган располага со широк спектар на технички квалитети, кои не се прва асоцијација за него само затоа што ја немаат спектакуларностa на оние „понижувачки“ дриблинг потези на Нејмаровците во светот. Па, сепак, јас нема да обрнувам внимание на очигледностите, како одличната техника на шут и големиот опсег на прецизни додавања; ќе пишувам за оние малку приметливи, (за некого) преситни аспекти од неговата игра – уште веднаш потенцирајќи дека ова веројатно е најважниот дел од статијата што следува.

 

 

1а) Скенирање (набљудување на просторот)

Ilkay Gundogan Scanning
Ilkay Gundogan Scanning
Ilkay Gundogan Scanning

1б) Водење на топка со кренат погледBall guide Ilkay Gundogan

 

1в) Прием со странична поставеност на телото, свртен према напред

1г) Освојување на простор или едноставно додавање

Ilkay Gundogan like Xavi

2. Многу нијанси на тактичка префинетост

Гундоган е како актер кој може да ја одигра која било улога (дефанзивен среден играч, длабок плејмејкер, централен среден играч, офанзивен среден играч кој одлично се снаоѓа во офанзивните полупростори). Клоп (во Борусија Дортмунд) го користеше најмноу пред одбраната, давајќи му задача да ги диригира почетните фази на изградба на акциите; кај Гвардиола, пак, во Манчестер Сити, Гундоган се покажан најбрилијантен како офанзивен среден играч, за што доказ се многуте голови и создадени шанси во последната третина од теренот. Гундоган е еден од оние играчи кои сите свои фудбалски лица ги покажуваат без напор – како секогаш да има подготвен одговор за потребите на секоја фудбалска ситуација.  

И покрај сите технички квалитети, ми се чини дека уникатноста на неговиот талент најмногу треба да се бара во неговите движења кога топката не е кај него, што би се рекло во неговата неверојатна просторно-временска интелигенција. 

2а) Интелигентно движење без топка

„Растегнување“ на одбраната
„Тајминг“ на движењата
Ilkay Gundogan false movement
Лажно движење
Блокирање на движењето на противникот

2б) Позиционирање

Сложено е за објаснување и со многу варијабли: зависи од замислите на тренерот, потребите на екипата, слабостите на противникот… Па, сепак, еве неколку интересни аспекти за посочување:

Ilkay Gundogan finding pockets of space
Пронаоѓање простор измеѓу линии
Ilkay Gundogan high starting position
Висока почетна позиција
Простор зад одбранбената линија
Ilkay Gundogan Rotating positions
Ротирање на позиции
Индиректна опција за додавање

Завршен коментар

Откако освои сè што можеше да се освои со Манчестер Сити, Гундоган направи трансфер во Барселона – разочарувачки само за навивачите на Манчестер Сити. Останатите, кои помислувате на релацијата Гундо-Чави, подгответе се за нови фудбалски равенки кои ќе ја напуштат својата „линеарност“: интелигентниот фудбал ќе биде на квадрат.

Categories
Тактичка фудбалска анализа

Аргентина – Франција: освојување на Светското првенство по изведување на пенали

На Светското првенство во Катар, дури пет пати победници беа одлучени по изведувањето на пеналите. Така беше и на последниот натпревар, оној меѓу Аргентина и Франција, натпревар полн со драматичност, пресврти и возбуди достојни за едно финале. За љубителите на статистиката, ова беше само третото Светско првенство кое е одлучено по изведување на пеналите (по Бразил – Италија во 1994, и Италија – Франција во 2006).

„Пеналите се само среќа“ – сме слушале често од различни експерти и на прес-конференции. Ех, колку многу треба да се работи на таа среќа! Доказите – во продолжение. Па, повелете: пеналите од финалето Аргентина – Франција, низ кадрите на Фудбал Фрејм!*


* Речиси наивно пристапивме со идејата за оваа тема. Истражувањето беше исклучително забавно и заврши со многу повеќе прашања отколку одговори. Се надеваме ќе ви бидат подеднакво забавни и стимулативни како што ни беа и нам.

Прва рунда: Мбапе и Меси (список и психологија)

Кој го прави списокот?

Секој со својата „филозофија“:

  • тренерот одлучува сам (најпосле, тој најдобро го познава техничкиот и психолошки профил на своите играчи). Според едно обемно истражување на 91.000 удари од белата точка во периодот од 2009-2018, неизненадувачки, најдобар избор се играчите кои редовно постигнуваат голови во игра, т.е. напаѓачите и играчите од средината на теренот, особено оние поискусните, над 30 години. (На темата, прочитајте ја и оваа многу интересна анализа за потенцијалната улога на тренерот во процесот.)
  • тренерот обично ги прашува играчите пред пенал-рулетот – кој сака и кој е подготвен да ја преземе одговорноста;
  • по правило, шутираат оние најуспешните од тренинзите кога се вежбале пеналите.

Психолoгијата зад пеналите

Зошто Мбапе и Меси изведуваат први?

Важноста на мечот може да има големо влијание врз техниката и тактиката (одлуката) на изведување пенали. Најпосле, пеналите се момент на исклучителен притисок. Позитивен старт значи помал притисок за наредниот играч. Затоа и има логика (но кој би знаел?) тоа што најдобрите играчи на теренот најчесто ги изведуваат воведните пенали.

Втора рунда: Коман и Дибала (заклучоци од истражувања и идеја што веднаш ќе ја прифатите)

Различни истражувања со различни заклучоци

Исчитавме многу статии и истражувања – и заклучоците од нив варираа многу! Има навистина многу фактори во игра, но се наметнува и впечатокот дека има промени во пристапот на пеналите во различните фудбалски периоди.

А, да прославуваш после секој постигнат гол во пенал низата?

Доколку го прославуваш погодокот од пенал многу ентузијастично, можеш да го зголемиш притисокот врз противникот кој треба да шутира наредно.

Трета рунда: Тшуамени и Паредес (подготовка за пеналите)

Голманската подготовка

Најдовме податоци дека се потребни само 300 милисекунди на изведувачот на пенал да постигне гол од белата точка. Токму поради ваквата брзина, голманите не се потпираат на брзина и агилност за да го сопрат ударот, туку на „претпоставката“ каде ќе се изведе ударот. Со исклучителниот број на податоци достапен денес, таа претпоставка е далеку помалку „лотарија“ од тоа што првично ни изгледа: постојат аналитичари на податоци и софтверски фирми кои ги преработуваат тие податоци, па голманот може да добие одлично спакувана информација од типот „Меси своите пенали во текот на кариерата /последната година/ова првенство/… ги шутира __ % на левата страна; не пробувај да го провоцираш (ха ха)…“

Сме виделе досега сцени во кои голманите имаат имаат некои ливчиња со информации за шутирачите (сите оние точки опишани подолу во четвртата рунда!) Од помош може да биде и анализа на генерални трендови во изведувањето на пенали (особено во недостиг на индивидуални извештаи).

На крај, се разбира дека зборуваме за веројатност, но таа е детално проучена веројатност.

Подготовка на играчот

Секако дека од исклучителна важност е тренирањето на техниката на изведување на пеналот. Не би смееле да ја заборавиме и психолошката подготовка, за да може соодветно да се одговори во моментот на голем притисок.

Како што се прават анализи на играчите, така се прават и анализи на навиките на голманот, неговите слабости и јаки страни.

Четврта рунда: Муани и Монтијел (каде, кога, како)

Каде:

Голман: каде да биде поставен?

Централно? Или повеќе на едната страна (која страна?), свесно оставајќи голем простор – во обид да влијае на одлуката на играчот?

Да влијаат ли претходните пенали во низата на шутирање на мојата одлука која страна да ја изберам наредно?

Играч: каде да шутне?

Лево, десно, во средина? Високо или ниско?

Оптималното место за шут: горе и високо во аголот (повеќе лево отколку десно) – тешко дофатно за голманот, но многу ризично. Некои истражувања за идеално место посочуваат поинаку: ниско, покрај стативата, но не преблиску до стативата.

Идеалниот пристап, според „теоријата на игри“, е мешање на стратегиите – за постигнување на најголема можна непредвидливост.

Уште поинтересно за анализа: кога ќе ја донесам одлуката?

Голман:

Кога ќе изреагира? Да изреагира порано за да ја насочи одлуката на играчот (да ја лажира ли својата вистинска намера)? Или да чека, на тој начин зголемувајќи ја напнатоста кај изведувачот? Подолгото чекање, разбирливо, е меч со две острици:

  • ќе има помалку време за реакција
  • но, ќе може да „прочита“ повеќе: правецот на стапалото на потпорната нога го одредува, со многу висок процент, правецот на шутот (повеќе од 80%!); ќе може да го види аголот на трчање (земањето залет) на изведувачот кон топката

Играч :

Колку ќе одолговлекува со донесувањето на одлуката? Одлучува ли пред да ја постави топката на пеналтикот? (едно истражување сугерира дека дури 73% од играчите одлучуваат каде да шутираат независно од голманот!)

Или ја одложува одлуката до самиот контакт со топката? – Ова е особено модерен пристап: топката само во периферен вид, очите насочени кон голманот во очекување на неговата реакција, бавен пристап до топката (или краток застој во тркот кон топката кој често знае да изнуди реакција од голманот) и завршница со лесен удар – која остава впечаток на отсуство на каков било напор.

Како?

Голман:

  • Да биде мирен на голот, да ги рашири рацете или да се движи – користејќи различни начини за дистракција (пример од финалето: Мартинез ја зема топката и наместо да му ја подаде на Тшуамени, му ја фрла топката далеку на страна)?
  • Да влегува во вербална интеракција со противничкиот играч во обид да му ја наруши концентрацијата и самодовербата?

Играч:

Како да шутира? Да се фокусира на „пласирање“ (техника) или на јачина?

Препораките се: да се гледа во голманот наместо во топката, да се земат повеќе од пет неизбрзани чекори и да се стави фокуост на техниката наместо на јачината на ударот (околу 75%?)

Примери за различна техника при изведување на пенал:

  • „Жоржињо“ техника (Меси шутираше така – бавно трчање, набљудување на реакции на голманот и одложување на сопствената одлука до контактот со топката)
  • „Мала мрежичка“ (страничниот дел на мрежата покрај стативата) (Мбапе и Монтијел)
  • По средината на голот – голманот ќе тргне на една или друга страна (Дибала и Муани шутираа така)
  • Силен удар во некој горен агол
  • Паненка

Заклучен коментар

Пеналите се чинеа како многу логичен крај на финалниот натпревар, и општо – на ова многу изедначено Светско првенство, во кој ниту една екипа не се одвои со доминантност.

Се надеваме дека наредниот пат, кога ќе слушнете дека пеналите се „лотарија“, ќе помислите дека можеби има повеќе од тоа. И, можеби, ќе помислите на оваа статија за која се сомневаме дека имавте сили да ја дочитате до крај.

Categories
Тактичка фудбалска анализа

Уште едно разочарувачко издание на Белгија против одличниот Мароко

Второ коло од групната фаза на натпревари на Светското првенство во Катар. Натпревар од групата Ф, група во која сè изгледа можно. Се соочуваат Белгија и Мароко.

Поглед на листот пред почетокот на натпреварот

Белгија, после почетната неубедлива победа против Канада, со три промени во почетниот состав: Меније, Онана и Торган Азар на местата од Дендонкер, Тилеманс и Караско. Меније и Онана би требало да овозможат одредена физичка доминација и опасност по прекините (иронично, ако се има предвид крајниот исход!)

Лукаку сè уште на клупата за резерви во обид да се врати во натпреварувачка форма после повреда. Но, нека не звучи ова како потценување на Батшуаји: дури и како резерва на Лукаку, има 27 голови на 49 натпревари за белгиската репрезентација. Гледаме тим со доволно добри играчи да победи кој било. Зошто тогаш толку неубедлива игра? – Симптомите на Белгијците се сложени за дијагноза.

Мароканците со истиот почетен состав како и во ремито од првото коло против Хрватска. Единаесетка со исклучителен квалитет. Единствен сомнеж, можеби, е длабочината на резервната клупа. Шести настап на Светско првенство, сонуваат за второ поминување во нокаут рундата.

Белгија: статичен, неинспириран фудбал

Натпреварот го започнуваат во својата стандардна 3-4-3 поставеност во организација со топка: Kaстањ на левата позиција во задната одбранбена тројка; Меније и Т. Азар (обележани на сликата) високо поставени на страничните офанзивни позиции, а меѓу нив Онана и Витсел во средината; зад Батшуаји како најистурен во нападот, Е. Азар и Де Бројне како офанзивни средишни играчи (две 10-ки).

Но тактичката поставеност, необично, се чини дури и ирелевантна: Белгијците одиграа еден целосно неинспириран фудбал. Дури и во здодевното прво полувреме, исполнето со несмасна игра на двете страни, можеше да се насети текот на натпреварот: и покрај големиот број додавања и високиот посед, меѓу Белгијците како да преовладуваше некое чувство на немоќ.

Пребавна игра, премалку движење и ротации, премалку креативност. Голем број на странични додавања и додавања наназад, без обиди да се „пресечат“ одбранбените линии со некој директен, вертикален пас.

Впечаток е дека Белгијците воопшто и не одиграа тимски. Само се обидуваа некако да стигнат до Еден Азар и Де Бројне, но и тие беа отсечени – па имаа само преретки блесоци во неколку акции, колку да нè потсетат дека сè е можно кога топката е кај нив. Сето ова за Белгија значеше блед натпревар со привидна контрола, но без вистински впечатливи шанси.

Дефанзивно, поставени во 4-1-1, немаа ни приближно доволно интензитет, страст и агресивност во дуелите (се сеќавате на Саудиска Арабија во дуелот против Аргентина?).

Мароко: лекција по задушување на просторот

Мароко се спротивставија со 4-1-2-3 формација во организација на играта. Иако малку ја имаа топката кај себе, сепак, промислено го контролираа натпреварот. После претпазливо одиграното прво полувреме, полека добија на самодоверба и се приближија поблиску до противничкиот гол. Во далеку подинамичното второ полувреме, со отворена игра на двете страни на теренот, го видовме и вистинскиот офанзивен потенцијал на мароканскиот брз и технички префинет тим. Амрабат делуваше во срцето на теренот, како прав стабилизитор и оска на играта. Вистинската опасност, сосем очекувано, доаѓаше од страничните напаѓачки позиции, и доминантноста и опасноста на Зијеш и Буфал во ситуациите еден на еден.

Зарем не сте слушнале за Буфал?

Роден во Франција и скаутиран од сите фудбалски гиганти, остана и без некое премногу блескаво фудбалско CV: Анже → Лил → Саутемптон → Селта Виго → Анже. Па, сепак, Буфал е еден од оние посебни играчи за кои се сеќавате кога сте ги виделе првпат. Задоволство е да се гледа, но неговиот дриблинг е и повеќе од обична претстава за гледачите. Кога е топката кај него, не можете да ја потиснете инстинктивната реакција на потстанување од столче. Има нешто во приемот, леснотијата на чекорот, контактот со топката, нешто што тешко се опишува, но и нешто што ви дава чувство дека неизбежно ќе следува мајсторија. Буфал, едноставно, игра фудбал во поинаков простор од останатите играчи. За него не постои нешто како „немаше каде” и „прегуста одбрана”. Без напор се протнува низ затворени одбранбени врати – и клучалката за него би била доволен простор за бегство!

Во Саутемптон го постигна голот на сезоната во Премиер лигата за 2017/18; во Селта, пак, имаше поинаков рекорд: играч со најмногу успешни дриблинзи во Ла Лига за 2018/19:


Дефанзивната поставеност на Мароканците, пак, беше во исклучително динамични 4-4-2. На натпреваров го видовме можеби и најкомпактниот тим на Светското првенство годинава. Исклучително добро организирани во секој момент, ја задушуваа секоја можна напаѓачка опција. Малку ја имаа топката во своите нозе, но беа толку удобни и така добро организирани дефанзивно што можеа без преголем напор да се одбранат уште 900 минути. Слабото движење на Белгијците го олеснуваше маркирањето, но нивната дисциплина беше совршена: можеме да земеме безмалку кој било момент од натпреварот и, посочувајќи ја поставеноста на Мароканците, да поучуваме за соодветно покривање на противнички играчи.

Статистиката само го потврдува субјективниот впечаток на окото: бројките за освоени дуели, како и за директен и индиректен пресинг, драстично натежнуваат на страната на Мароканците.

Два идентични погодоци од прекини, едниот поништен од ВАР

Крајот на првото полувреме ги изложи белгиските слабости на прекините. ВАР ги спаси во 46 минута, но не и во 73 минута: на идентичен начин (иако овојпат прекинот беше од левата страна), по еден многу силен центаршут на првата статива, Белгијците примија и втор, овојпат чист гол од прекин!

Белгиските играчи повеќе беа фокусирани на добивање на директните дуели со своите противници отколку на нешто барем истоветно битно: летот на топката. Можеме да зборуваме за недостаток на одбранбен играч на првата статива, но недостатокот на агресивен пристап за исфрлување на топката од опасната зона е поголем тактички пропуст отколку просторното позиционирање.

На крај, заслужена победа на мароканскиот тим – тим возбудлив за гледање и „електричен“ со топка, но и тим кој против Белгија точно знаше како да ги покрие сите силни страни на својот противник.

Завршен коментар

Нè очекува возбудлива завршница во групата Ф.

Мароко, против Канада, би требало да го има најлесниот натпревар во групата. Сомнежите за недостаток на „длабочина“ на клупата на Мароко испаднаа неосновани – не само што не се почувствува пад на играта по промените, туку играта доби и на свежина. И зарем смееме да не искоментираме: двата голови за Мароко беа постигнати од резервисти!

Белгија сè уште има шанси за продолжување понатаму, но мора да ја победи Хрватска. Горчлив вкус би оставило уште едно разочарувачко издание на „златната генерација“ на Белгијците, за која веќе почнува да се зборува дека оддава очигледни траги на патина.