Второ коло од групната фаза на натпревари на Светското првенство во Катар. Натпревар од групата Ф, група во која сè изгледа можно. Се соочуваат Белгија и Мароко.
Поглед на листот пред почетокот на натпреварот
Белгија, после почетната неубедлива победа против Канада, со три промени во почетниот состав: Меније, Онана и Торган Азар на местата од Дендонкер, Тилеманс и Караско. Меније и Онана би требало да овозможат одредена физичка доминација и опасност по прекините (иронично, ако се има предвид крајниот исход!)
Лукаку сè уште на клупата за резерви во обид да се врати во натпреварувачка форма после повреда. Но, нека не звучи ова како потценување на Батшуаји: дури и како резерва на Лукаку, има 27 голови на 49 натпревари за белгиската репрезентација. Гледаме тим со доволно добри играчи да победи кој било. Зошто тогаш толку неубедлива игра? – Симптомите на Белгијците се сложени за дијагноза.
Мароканците со истиот почетен состав како и во ремито од првото коло против Хрватска. Единаесетка со исклучителен квалитет. Единствен сомнеж, можеби, е длабочината на резервната клупа. Шести настап на Светско првенство, сонуваат за второ поминување во нокаут рундата.
Белгија: статичен, неинспириран фудбал
Натпреварот го започнуваат во својата стандардна 3-4-3 поставеност во организација со топка: Kaстањ на левата позиција во задната одбранбена тројка; Меније и Т. Азар (обележани на сликата) високо поставени на страничните офанзивни позиции, а меѓу нив Онана и Витсел во средината; зад Батшуаји како најистурен во нападот, Е. Азар и Де Бројне како офанзивни средишни играчи (две 10-ки).
Но тактичката поставеност, необично, се чини дури и ирелевантна: Белгијците одиграа еден целосно неинспириран фудбал. Дури и во здодевното прво полувреме, исполнето со несмасна игра на двете страни, можеше да се насети текот на натпреварот: и покрај големиот број додавања и високиот посед, меѓу Белгијците како да преовладуваше некое чувство на немоќ.
Пребавна игра, премалку движење и ротации, премалку креативност. Голем број на странични додавања и додавања наназад, без обиди да се „пресечат“ одбранбените линии со некој директен, вертикален пас.
Впечаток е дека Белгијците воопшто и не одиграа тимски. Само се обидуваа некако да стигнат до Еден Азар и Де Бројне, но и тие беа отсечени – па имаа само преретки блесоци во неколку акции, колку да нè потсетат дека сè е можно кога топката е кај нив. Сето ова за Белгија значеше блед натпревар со привидна контрола, но без вистински впечатливи шанси.
Дефанзивно, поставени во 4-1-1, немаа ни приближно доволно интензитет, страст и агресивност во дуелите (се сеќавате на Саудиска Арабија во дуелот против Аргентина?).
Мароко: лекција по задушување на просторот
Мароко се спротивставија со 4-1-2-3 формација во организација на играта. Иако малку ја имаа топката кај себе, сепак, промислено го контролираа натпреварот. После претпазливо одиграното прво полувреме, полека добија на самодоверба и се приближија поблиску до противничкиот гол. Во далеку подинамичното второ полувреме, со отворена игра на двете страни на теренот, го видовме и вистинскиот офанзивен потенцијал на мароканскиот брз и технички префинет тим. Амрабат делуваше во срцето на теренот, како прав стабилизитор и оска на играта. Вистинската опасност, сосем очекувано, доаѓаше од страничните напаѓачки позиции, и доминантноста и опасноста на Зијеш и Буфал во ситуациите еден на еден.
Зарем не сте слушнале за Буфал?
Роден во Франција и скаутиран од сите фудбалски гиганти, остана и без некое премногу блескаво фудбалско CV: Анже → Лил → Саутемптон → Селта Виго → Анже. Па, сепак, Буфал е еден од оние посебни играчи за кои се сеќавате кога сте ги виделе првпат. Задоволство е да се гледа, но неговиот дриблинг е и повеќе од обична претстава за гледачите. Кога е топката кај него, не можете да ја потиснете инстинктивната реакција на потстанување од столче. Има нешто во приемот, леснотијата на чекорот, контактот со топката, нешто што тешко се опишува, но и нешто што ви дава чувство дека неизбежно ќе следува мајсторија. Буфал, едноставно, игра фудбал во поинаков простор од останатите играчи. За него не постои нешто како „немаше каде” и „прегуста одбрана”. Без напор се протнува низ затворени одбранбени врати – и клучалката за него би била доволен простор за бегство!
Во Саутемптон го постигна голот на сезоната во Премиер лигата за 2017/18; во Селта, пак, имаше поинаков рекорд: играч со најмногу успешни дриблинзи во Ла Лига за 2018/19:
Дефанзивната поставеност на Мароканците, пак, беше во исклучително динамични 4-4-2. На натпреваров го видовме можеби и најкомпактниот тим на Светското првенство годинава. Исклучително добро организирани во секој момент, ја задушуваа секоја можна напаѓачка опција. Малку ја имаа топката во своите нозе, но беа толку удобни и така добро организирани дефанзивно што можеа без преголем напор да се одбранат уште 900 минути. Слабото движење на Белгијците го олеснуваше маркирањето, но нивната дисциплина беше совршена: можеме да земеме безмалку кој било момент од натпреварот и, посочувајќи ја поставеноста на Мароканците, да поучуваме за соодветно покривање на противнички играчи.
Статистиката само го потврдува субјективниот впечаток на окото: бројките за освоени дуели, како и за директен и индиректен пресинг, драстично натежнуваат на страната на Мароканците.
Два идентични погодоци од прекини, едниот поништен од ВАР
Крајот на првото полувреме ги изложи белгиските слабости на прекините. ВАР ги спаси во 46 минута, но не и во 73 минута: на идентичен начин (иако овојпат прекинот беше од левата страна), по еден многу силен центаршут на првата статива, Белгијците примија и втор, овојпат чист гол од прекин!
Белгиските играчи повеќе беа фокусирани на добивање на директните дуели со своите противници отколку на нешто барем истоветно битно: летот на топката. Можеме да зборуваме за недостаток на одбранбен играч на првата статива, но недостатокот на агресивен пристап за исфрлување на топката од опасната зона е поголем тактички пропуст отколку просторното позиционирање.
На крај, заслужена победа на мароканскиот тим – тим возбудлив за гледање и „електричен“ со топка, но и тим кој против Белгија точно знаше како да ги покрие сите силни страни на својот противник.
Завршен коментар
Нè очекува возбудлива завршница во групата Ф.
Мароко, против Канада, би требало да го има најлесниот натпревар во групата. Сомнежите за недостаток на „длабочина“ на клупата на Мароко испаднаа неосновани – не само што не се почувствува пад на играта по промените, туку играта доби и на свежина. И зарем смееме да не искоментираме: двата голови за Мароко беа постигнати од резервисти!
Белгија сè уште има шанси за продолжување понатаму, но мора да ја победи Хрватска. Горчлив вкус би оставило уште едно разочарувачко издание на „златната генерација“ на Белгијците, за која веќе почнува да се зборува дека оддава очигледни траги на патина.
Add a Comment