Almost a win COMPRESSED

Шампионите на ФК Кул (генерација 2009) – Дел 1

Екипа која е задоволство да се гледа – Ви ја претставуваме одличната генерација на ФК Кул, генерација 2009, која освои второ место на државно ниво во детската лига на ФФМ.

Божидар Георгиевски

Можеби не многу висок како за голман, но високо котира во книгата за Гинисов рекорд за задржување на време! Одлично се поставува на голот и баш во тој момент кога мислиш дека ќе прими гол, парадата ја вади како ас од ракав. Минатата година имаше 97% успешност на фатени зицери, поточно само еден примен гол од зицер позиција.

Матеј Ивановски

Роден лидер во екипата. Поливалентен за позиции, агресивен, пожртвуван, неуморен. Солиден дриблинг, многу брз, јак удар, страв и трепет ако влезе еднаш во дуел. Имаше краток фитиљ и експлодираше, ама купи коноп и го продолжи – сега е смирен како гуру.

Андреј Илијевски

Не многу сигурен со топка, но кога станува збор за пожртвуваност во игра, става глава каде што некој не става нога. Освен на натпревар, тоа го правеше и на тренинг, па за жал се повреди и не беше директен учесник во финалето, туку индиректно ја бодреше екипата како „помошник тренер“.

Матеј Фидановски

Топ во левата нога, може да те промаши со додавање и центаршут само ако тој сака. Едноставен дриблинг кој секогаш успеваше, брз само кога сака – треба да го турнеш за да тргне! Уфрлување по левата страна секогаш на време.

Матеј Манев

Напредуваше и „згази“. Роден за бек, неважно дали лев или десен, се „уфрла“ со леснотија, секогаш на право место и во право време. Едноставноста му е омилена: не сака да комплицира, ретко шутира. Но, кога ќе шутне – статива или пречка!

Петар Крчаноски

Везен играч каков што би посакал секој тренер: кондициски неуморен, технички одличен, тактички одлично позиционирање. Додавањата и шутевите – секогаш перфектни. Помагаше и во одбрана и во напад, а „лажњак“ за мерак – по двајца паѓаа и секогаш на враќање му носеа бурек со јогурт.

Јорго Цаца

Дриблинг за мерак, висок, цврст и брз, брзо учи. Понекогаш се случуваше сите да ги издрибла и да не шутне, па тренерот се фаќаше често за глава.

Марко Стојаноски

Савичевиќ, само во светлосин дрес. Низок и брз, одличен дриблинг, влез во простор како од шала… Завршницата можеби не му е јака страна, ама и покрај тоа, реши многу натпревари.

Филип Дукоски

MVP зашто секогаш даваше 1000% за екипата. Можеби најтимскиот играч, од пожртвуваност, агресивност и тивко лидерство, до техничка, тактичка и кондициона спремност. Додавање и прием – перфектни; приоѓањето меѓу линии и повратните топки – како од шала; дриблингот – изненадувачки и пропратен со одлична завршница секогаш кога требало. Многу упорен, па затоа и решаваше многу натпревари со голови и асистенции.

Јован Гиевски

Јосип Иличиќ во млади години. Висок и цврст, никој не успеваше да му ја одземе топката кога ќе се градеше, елегантен дриблинг во движење, одлично додавање во простор. Да не шутне затоа што му се смешка еврогол. Можеби не трча многу, ама затоа одлично се поставува. Дефанзивно ретко играше, но се покриваше со потезите и решавачките голови и асистенции – па правеше голема разлика.

Кирил Стојановски

Крило за мерак: бара топка во простор, приоѓа, дрибла, шут со лева и десна. Неуморен како да има боца кислород на него и не се троши. Секогаш пожртвуван за екипата: дај му една задача, две ќе заврши!

Вториот дел од оваа исклучителна генерација, следува наскоро.

Ознаки: нема ознака

One Response

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *