Categories
Издишана топка

Не ми поминувај пред телевизор сега

Не ми поминувај пред телевизор сега

Богат фудбалски пејзаж и цел куп фудбалски возбудувања на прагот!

Летово, додека се загревавме со пријателските натпревари од различните турнеи на фудбалските гиганти низ светот, можевме да видиме и како еден подзаборавен полуостров на спортската мапа, Саудиска Арабија, стана врвна туристичко-фудбалска атракција.

Во меѓувреме, Меси веќе не можеше да ја издржи сиромаштијата во ПСЖ и Франција, па замина на печалба во Америка, нешто после Бускетс и нешто пред Жорди Алба; штета што не ги подружи и Иниеста, па да ја погледавме уште малку Старата Барса, макар и на хајлајтси (зашто инаку треба во 2 по полноќ).

Од оваа страна на Океанот, Комјунити Шилдот меѓу Арсенал и Манчестер Сити беше одлична најава за англиската Премиер Лига што почнува веќе нареден викенд; тогаш почнува и новата ФПЛ сезона, па сигурни сме дека многумина деновиве одлучуваат дали ќе одат со Салах или Бруно и кого ќе одберат меѓу Воткинс и Жоао Педро како втор напаѓач…

Назад во реалноста, викендов почна и нашата прва фудбалска лига; ФК Вардар одново се врати во одбраното друштво, ама влечејќи си со себе некои стари болки. Годинава ќе му прави друштво и ФК Воска Спорт, за прв пат во својата историја. И ФК Брера ќе игра првпат во македонската прва лига, ама само заради тоа што ФК Академија Пандев неодамна се трансформираше под ова ново име.

И додека сопствениците на кладилниците си ги тријат рацете со возбуда а еднакво возбудените навивачи веќе чекаат во ред за новосезонските дресови од своите омилени тимови (некое поголемо бројче од лани, платено во стомачни масти), женската популација внимателно го изострува тајмингот за поминување пред телевизор во клучниот фудбалски момент… освен, нели, ако не го создава тој момент, на некое светско првенство таму долу.

Еј, а зошто никој не зборува за тоа?

Светско фудбалско првенство за жени во Австралија и Нов Зеланд е веќе во елиминационите рунди! Па, зарем не ви кажаа ништо за тоа вашите роднини од Мелбурн на последниот разговор преку скајпо?

Од она малку што успеав попатно да го видам, женскиот фудбал напредува со огромни чекори и воопшто не е помалку атрактивен.

Па, дозволете ми да си додадам задача во веќе невозможен распоред – им должам тактичка анализа. На роднините од Австралија. Поздрав до Џон и Мери!

Categories
Издишана топка

Пред финале Лига Шампиони 2023

Лига Шампиони вечер. Денешните активности се различни од обичен викенд, а светот не само што поинаку ротира, туку сигурно и успорува пред да почне натпреварот…

Познати навики и глетки. Чување на гласните жици за да се навива фамилијарно по дома или во некој бар со друштво… Навремено купување пијалаци и грицки, ама и автомобили со четири вклучени трепкачи пред 24-часовните продавници – на оние кои во 20:35h открија дека немаат пиво во фрижидер!… И попладневна дремка, секако, за да се собере потребната количина на свежина; па, сепак, стратезите секогаш зависат од нашите стручни коментари пред телевизорот, а играчите го уважуваат секој наш совет за тајмингот на шут, додавање или враќање во одбрана!…

Макар индиректно, ќе се измести светот и за оние малкумина имуни на фудбалската магија: вообичаените придружници ќе го откажат заедничкото гледање на турските серии и ѕвездите на Гранд или, ако не нешто повеќе, барем малку ќе задоцнат на журката во некоја од дискотеките…

Ох, штета – одложено ќе читате за тактичко-техничките особености на тимовите во финалево! Забрзано ќе „скролнете“ низ моите записи, а можеби и ќе прочитате некој краток параграф под повпечатлива слика.

Се извинувам однапред до сите „Интеристи“, но наредниве денови прво ќе следува тоа што не успеав да стигнам да го напишам пред почетокот на финалето: независно од исходот – и независно од фантастичната сезона – одамна им должам на Родри, КДБ и Гундоган една статија која секако нема да успее да ја долови нивната посебност.

Но, доволно ве/се задржувам. Си ја пуштам химната на ЛШ и си ги замислувам прскалките на олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул, кренатиот трофеј, а и еуфоријата во некоја нијанса на сина: светлосина (Манчестер Сити) или темносина (Интер)…

А, во недела наутро… Ех, во недела наутро ќе може да си продолжи светов вообичаено да ротира: чистење по дома, алишта за перење, позајмување на штипки од комшиите, правење скара, подготовки за работната седмица… А и фудбал, секако! Би било убаво да се најде некој термин уште за во понеделник…

Categories
Издишана топка

Прирачник за поминување на одморот на КРАЈ на сезоната

Можеби и се сеќавате на прирачникот за поминување на одморот меѓу фудбалските полусезони. Логично е сега да изработиме и некој сличен продолжеток – овојпат за поминување на одморот на крај на сезоната. Времето е потопло, туристичките агенции се разработија повторно, почна да се продава сладолед, на кеј е зголемена бројката на рекреативци, а и теретаните се наполнија со млади луѓе кои уште веруваат во брзи резултати…

Што да правам после напорна фудбалска сезона? Повелете некои идеи – од искуство:

  1. „Одам на одмор во Грчка. Уплативме 10 дена во една вила. Јас и девојка ми, и уште двајца другари од клуб, со нивните девојки. Цела вила ќе е наша, има базенче надвор, блиску е туристичкото место, журчиња ау…“
  2. „Земав плата од клуб (ми должат само уште три) и ќе одам негде егзотично – се мислам за Дубаи или Црна Гора. Ќе видите слика од квадрицепс на лежалка на Инста.“
  3. Ветеран: „Со маливе може до Охрид да тркнеме, мада ладен е Охрид во јуни. Ама шура ми има стан таму, па гага…“
  4. „Одам да се тетовирам, не можев за време на сезона. Фудбал со лав/волк и кинески букви. Многу јако. Го следам типот на Инстаграм.“
  5. „Немам многу време. Го освоивме Купот и рано ни почнуваат припреми. Уште не ми го обновија договорот, а се збори и тренерот дека ќе го менуваат, па додека не средам тоа не мрдам од тука.“
  6. „Брат, јас сум за спонтани работи, ако излезе нешто – ок. Ако не, ќе вежбам ноќен живот тука, со друштво не сум излегол не знам од кога…“
  7. „Ќе се кладам на кучиња и коњи, ха ха! Па, нема првенства сега. Кога ќе правиме едно кафе?“
  8. „Си уплатив кај еден масер во Н. Лисиче, многу е добар, сите го фалат. Имам многу превртени жили за местење.“
  9. „Ќе се одржувам во форма – базен, точак, гимнастика, ќе играм некое терминче, имам и испити да ги доположам…“
  10. „Не знам за натаму, ама сега во петок цел клуб одиме во кафана, ќе биде циркус!“
  11. „Батали брат ова, дај да најдеме некоја работа, од фудбалов нема фајде…“
Categories
Издишана топка

Како НЕ се игра фудбал

Замисли некому да фали играч за фудбал, да бидеш понуден како опција, а некој за тебе да рече: „Не, бе не го викај него!“

Страшно, нели? Тоа или си многу добар или, поверојатно, си направил некој од следниве прекршоци:

  • ја рогаш топката надвор од теренот по секоја наводна неправда;
  • ја напушташ играта затоа што судијата лошо суди или затоа што твојот соиграч упорно дрибла и не ти ја подава;
  • бараш фаул, замавнуваш со главата и се закануваш по забите на противничкиот играч (еј, патем, имаме одличен стоматолог за препорака!)
  • бараш „енац“ и кога е „прилепена”; или, обратно – не признаваш „енац“ иако и од твоја екипа признаваат дека бил: а, бе, разбацан си и рамото ти е спуштено пониско;
  • додека чекаш да се изведе корнерот, правиш џудо потези на влечење со противникот, иако во тие моменти твојот соиграч сè уште чека топката да ја вратат комшиите од дворот и си ги врзува патиките;
  • откажуваш присуство на фудбалски термин на еден час пред натпреварот – ти излегле некои обврски;
  • доцниш на термин „само” десет минути, но сепак лежерно излегуваш од кола и влегуваш на терен како да си Марадона на Светско ’86-та;

  • иако играш термин со другарите од маало, си остануваш верен на мотото „топката може да помине, играч не“ од твоите славни фудбалски денови во трета лига исток;
  • треба да се загреваш, но влегуваш и веднаш шутираш со сета сила (случајни минувачи: бидете внимателни!); ако прсне нешто – тоа е знак дека веќе не си за фудбал;
  • уште се расправаш со противникот дека не било фаул таму покрај аут линија и покрај тоа што поминале 30 минути од ситуацијата и ти отвораат простор за контра;
  • викаш по соиграчите секојпат кога ќе направат грешка – зашто, нели, твојата последна грешка беше во 2002 кога погоди статива на празен гол.

Сите случајности со познати мигови се намерни. Можеби се препознавте: ве молиме да не ги практикувате.

П.С. Ви фали играч за фудбал? Викнете нè!

Categories
Издишана топка

Прирачник за поминување на одморот меѓу фудбалските полусезони (инспириран од коментарите на фудбалерите)

Штотуку заврши есенската полусезона во македонското фудбалско првенство. Почнувајќи од младинските категории па сè до сениорските, македонските фудбалери од сите рангови на натпреварување (прва, втора, трета и четврта лига) заминуваат на пауза, на различно заслужен одмор.

Прашањето што неизбежно се поставува пред секого сега е: „Што ли да правам кога немам тренинг секој ден?“ И во оваа „оф-сезона“, нашите фудбалери имаат бројни пристапи по ова прашање, секој од нив различно симпатичен и екстремен на сопствен начин:

1. „Купив амино и топачи на масти. Ќе најмам еден многу јак тренер, Србин, убрзан курс кај него: за десет дена ти прави sixpack. Има да го направам телово срча.“

2. „Одам да се издувам: на предновогодишни, новогодишни и постновогодишни журки. До Стара-Нова така и после – намалувам!“

3. „Ќе се опуштам, поправање до 5 кг е дозволено. Ќе го истопам после вишокот килограми на припреми.“

4. „Играм мал фудбал 2-3 пати неделно со другарите од маало. Може одамна не тренираат тие, ама ги имаат уште шорцевите што ги украле во младински категории.“

5. „Само избегнувам благо и леб. И газирано, да.“

6. „Се мислам да пробам кето исхрана или ‘интермитент фастинг’. Читав на интернет. Порано сум ја пробал и диетата Жан Митрев, ама сега нешто него го судат – па му ја бојкотирам.“

7. „Ја залечувам повредата што ја влечкам пет кола веќе. Што мајка барав да клизам по колена на суви терени!“

8. „Се одржувам во форма, еден другар ќе ми среди за проба во странство. Ако тоа не ми успее, во план ми е трансфер од ФК Плачковица во ФК Осогово. Правев веќе муабет со газдата.“

9. „Не ми треба никој. Правам 1000 стомачни дневно. Ќе ги објавам резултатите на Инстаграм, како локален Роналдо.“

10. „А, бе, или го имаш тоа или го немаш. Џабе ќе се спремам сега, тоа не се учи. Може ќе бидам воспален до трето коло, ама кога ќе влезам во форма, ни Тен Хаг не ме вади од екипа!“ (Ви текнува, Роналдо?)

11. „Само Водно. Четири пати неделно. Може и со жичара, важно да наполнам плуќа таму горе.“

12. „Не пипам топка. Копачките во торбица, оставени така од последното коло. Ма, и фудбал и сè веќе…“

13. „Фитнес тренерот од клубот ни испрати програма за одржување (ја најде на интернет од некој рагби-клуб во САД), ама кој ќе вежба…“

14. „Не застанувам. Вистински професионалец сум и наредната полусезона ќе ја дочекам како што доликува. Тоа ќе биде мојата најдобра полусезона досега.“

15. „’Утринско’ (12:30) кафе со другарите од клуб, после до кладилница и… не знам… Стварно бе, шо ќе правам?“

Categories
Издишана топка

Живи описи за фудбалска мајсторија

Правиш/гледаш некоја фудбалска мајсторија (дриблинг, шут, подавање, дуел…), и потоа коментираш:

1. Купи си мрежички од Орка! – по протнување на топката низ нозе.

2. Му ги искрши зглобовите или го извади од копачки – дриблинг со промена на правец, особено ако противничкиот играч се лизне и падне долу.

3. Мајсторот му ја сокри топката – незгоден техничар со добар дриблинг на мал простор.

4. Шајка: пречката уште ѕвони – јак шут со мала ротација на топката, во странство познат како knuckle ball.

5. Ја искина пајажината каде се љубат пајаците – оригиналната верзија не е баш со љубење, и пајажина не успева баш на стативите, но ова е многу прецизен шут во агол.

6. Го изврте како рингишпил – бравура на мал простор, во кој противничкиот играч се врти околу но никако да ја допре топката.

7. Го искости – многу јак физички дуел по кој едниот бара лекарска интервенција.

8. Те пратив по бурек – противникот веќе нема што да прави по ефикасниот дриблинг и може слободно да оди во локалната бурекџилница.

9. Го однесе сосе оградата – клизач покрај аут линија, собирање и на топка и на противник.

10. Го врати во пелени – толкуа го посрамоти.

11. Му ја крцна кичмата, треба да оди на местач да му ја вратат назад – слично како му ги искрши зглобовите, но со изместување и на горниот дел од телото.

12. Го погоди во трепка – прецизно подавање, уште попознато како снајпер.

13. Му ја скрати кариерата за минимум 5 години – голема доминација во 1 vs 1 дуел.

14. Ги измочавме – тежок, речиси понижувачки пораз (поздрав до Ачки!).

15. Партали летаа – јак дуел на несразмерни сили.

16. Има очи позади на главата или цело време му работат ретровизорите – има одлична прегледност и добивате чувство дека сè гледа на теренот.

17. Промаја таму – лесно поминување низ одбрана.

18. Испадна од игра ко денарче од паричник – лесно изгубен дуел со противникот кој потоа ја остава екипата во небрано.

19. Го истресе како шампон после долга употреба – уште еден опис за физичка доминација, најчесто употребуван кај екипите кои се натпреваруваат во понизок ранг. Побогатите, редовно си купуваат нови шампони.

20. Го прати на костозглобно во Охрид – има трауматолошки оддели и во другите градови низ Македонија, но се чини дека Охридската е специјализирана за опоравување после фудбалско-дриблинг понижување.

Categories
Издишана топка

Видови прослави на гол

„А, бе, знаеш, фудбалот се игра за голови…“. Точно, се познава – по прославите на головите. „Најјако“ е кога тие повеќе се памтат отколку фудбалските мајстории. Еве една скромна листа со потенцијал да се проширува. Ќе се препознаете во некоја прослава?

  1. Финта-поздрав со цимерот – со кого играме плејстејшн по 4-5 саати измеѓу тренинзи. Прво ја видовме како ја прават Леброн и Вестбрук, па си направивме наша верзија.
  2. Тишина. Прст пред носот и устата: ШШШШ. Престанете да зборувате, потивко. Омилена на фудбалери кои сакаат кино, а не се до толку богати за да си направат кино дома, во ќуќата од 650m2.

3. Кики Роналдо. Скок во воздух, па мала ротација која би добила поени и во некој натпревар за уметничко лизгање. Па, спуштање на рацете покрај тело, „Сииии!“, и неизбежното грчење на извајана стомачна мускулатура.

4. Нема време. Земам топка од гол и брзо ја носам на центар. Ќе памтам и прославам на наредниот гол – ако изедначиме.

5. Трчам како луд. Играм многу години, ама и јас се изненадив како ми легна шутот.

6. Мачји кашаљ. Не се изненадив воопшто, напаѓач сум и тоа ми е работа. Нека скокаат другиве околу мене. Останувам уште саат време после тимски тренинг. Незадоволен сум, 2/5 за мене е слаба реализација.

7. Танц со ѕвездите. Се договараме детално пред утакмица и вежбаме посветено кореографија за прослава – и повеќе отколку што се посветивме на другиот тренинг неделава. Прославата останува во кабина. Губиме 0-4, прво полувреме.

8. Боксирам знаменце. Локалниот боксерски клуб ми го затворија па морам да ја одржувам техниката; плус, како млад учествував во неколку тепачки во кои не успевав да ја наметнам мојата боксерска техника.

9. Провокација кон публиката на противничкиот тим. Ова доколку сте жедни и сакате да ви фрлат некое шише. Ние препорачуваме прво да си побарате вода од вашата клупа.

10. Воздух! Се зезнав, не можам да дишам. Дадов гол и не знам зошто, ама одма легнувам на тревата; и пред да можам да изреагирам – сите скокнале врз мене. А, бе, тргнете се! – не можам да дишам.

11. Лулам бебе. Од нигде-никаде, и јас одлучив да прославам така: ми се роди син, ама жена ми го успива и се буди со него во три сабајле. Потоа ја ставам топката под маица. Прославата е невозможна за аматери со стомачни масти: тие веќе имаат „топка“, и нема место за уште една.

12. Реванш на противникот – истиот оној што ти направи џигерица на претходниот корнер. Го бараш веднаш, му викаш дека џигерот има неверојатна и уникатна способност за регенерација, и играта продолжува.

13. Гушкање на тренерот. Кога знаете дека тренерот навистина верува во вас и ви дал поддршка во многу тешки моменти.

14. Соблекувам маичка. Особено популарна прослава после нова тетоважа. Тие што се без девојка и не можат да одат на одмор летово, ја користат и како изговор да покажат колку се во форма.

15. Цела клупа трча. Масерот се лизнува и истегнува задна ложа, ама вредеше повредата.

16. Салто во воздух. Го правеше Обафеми Мартинс на времето; во наша средина е ретко, зашто гимнастиката не ни е до толку развиена.

17. Давам гол, се вртам и пцујам – зашто само тогаш ми е дозволено без да ме исфрлат од тимот. Непрепорачливо.

18. Бразилска самба. Особено препорачливо после некоја фудбалска магија. Кај нас, по некоја логика, би требало соодветна верзија да е „Пајдушко“ – еднаш започната но брзо прекината на еден терен во Ѓорче.

19. Клизач на коленици. Пожелно е теренот да е мокар и да не е вештачки, инаку повреда во најава.

20. Давам гол и барам замена. Нема што повеќе да докажувам на теренот. Има еден цар и тоа сум јас.

21. Вамос! Нè асоцира на Рафа и замавнување со тупаница во воздухот. Ние си викаме „Ајде!“ – се гледа колку многу ни значи играта.

22. Мала забава. Далеку ми е да е да трчам до сите, а секако го ценам и додавањето пред асистенцијата, па ќе си прославам само со соиграчот до мене.

23. Пукај бе братучед. Пушка, пиштол, снајпер, митралез, снајпер, лак и стрела – демек стрелец, не само во хороскоп.

24. Џокер. Последен пристигнувам на прославата, но сите знаат дека од мене се очекува некоја глупост.

25. Бакнување на клубскиот амблем. По можност да нема свежи отпечатоци на вашите усни од амблемот на претходниот клуб.

26. Знам дека е твој голов! Покажување со прст кон човекот кој ја направил претходно магијата на теренот. Голот беше само логичен и едноставен завршеток.

27. Качување на „ушка“. Само неколку чекори се возможни доколку е голема разликата во телесната маса.

28. Мало шоу на клупата за резервни играчи. Вообичаено е вклучен голманот: не нè прашувајте зошто.

29. Соблекување на дресот. Маичка со порака под него. Симпатично кога е некаква поддршка. Трагикомично кога е нешто како „Мамо, уклучи го бојлерот“.

Categories
Издишана топка

Валкани игри во шеснаесетник

Валкани игри во шеснаесетник за време на изведување слободен удар или корнер

Не се така озлогласени како ватерполо дуелите под вода, ама ги има и во фудбал:

  • штипење за кожна дипла на бицепс или трицепс – кратко, но ефикасно;
  • „ќе ти влезам во џигер“ – вербална закана за вашиот црн дроб, на која не се имуни ниту тие со прележан хепатит;
  • пцовка која вклучува „сѐ по список“, но никој уште не ги видел тие списоци, а во јавноста кружат дојави дека никој не ги ни направил досега;
  • „случаен“ лакт при завртување, проследен со шмекерско глумење невиност; како она лажно замавнување за „да пукне“ што трансформира во премин на прстите низ коса во истиот опсег на движењето;
  • газење на ножните прсти на противникот – потег кој учествува во заштеда на противничкиот играч (при планираното лакирање на ноктите со виолетов лак);
  • „ќе видиш после утакмица“ и „ќе ни дојдете вие кај нас на домашен терен“ – повеќе како најава за нештата што секако ќе се случат (и ќе гледа и ќе ги сменат улогите на домашна и гостинска екипа) отколку вистинска закана;
  • дишење и дување во врат со што се наежува противничкиот играч и ја вовлекува главата како желка – па помалку гледа што се случува наоколу;
  • „Судац види го“, но судијата не гледа – го пропушти последниот термин на очно и се труди да не го зема при срце весело изговоренето „слепец еден“.

Не ги одобруваме овие игри, но како што рече еднаш еден другар од средно, кога му беше посочено дека Дрогба е валкан играч:

Па, не може да се игра во одело!

Categories
Издишана топка

Опрема и други ресурси за фудбал

  • Маичка. Широка палета на можности:
    • Стара маичка од некоја компромитирачка фотографија од средношколските денови.
    • Стара маичка со продолжен век на траење, особено издржлива доколку е позајмена од вашиот постар брат.
    • Нова, спортска маичка. Не ве поти толку. А легендата вели дека колку е поскапа, толку поретко играте фудбал.
    • Дрес од тимот за кој навивате. Бидејќи верни навивачи, не ја вадите од ранец, дури и кога на тимот не му оди нешто последниве… десетина години. (Сите сличности со навивачите на Манчестер Јунајтед се случајни... до негде.)
    • Маичка за пресоблекување. Единствен критериум: да е сува.
  • Шорцеви. Или, како што ги викаат некои, „гаќици“. Многу опции и тука:
    • Со логото од вашиот омилен клуб.
    • „Позајмени“ од последниот клуб за кого сте играле.
    • Широки и долги – доколку негувате полежерен моден стил, што би се рекло, freestyle.
    • Кнап шорцеви. Што поради непланираното зголемување на телесната маса со повеќе-од-што-треба килограми, што поради смалување како резултат на погрешна програма на машината за перење.
    • Ретро шорцеви. Не сосем кратки за да бидат hot pants, ама доволно кратки за да потсетуваат на убавите денови на југословенскиот фудбал. Може и тренерки за зиморливите – тогаш убаво би било да се стеснуваат околу глуждовите доколку не сакате да применувате „тренерки во чорапи“ моден изглед.
  • Спортска чорапа. По можност бела и да пишува на неа „СПОРТ“. Се прифакја и доколку пишува „TENNIS“. Може и црна, или сива, но тоа открива недостиг на овде-ми-се-за-фудбал-чорапите резервиран простор во вашата фиока. Брендирани од врвни спортски фирми или во форма на штуцни, укажуваат на поранешно фудбалско искуство. Може и „Pumba“, „Mike“ или „Adibas“ – сѐ додека се свиткани кај критичната буква. Сме виделе и фудбал со оние кратки, под-глужд чорапи, но не би препорачале.
  • Стегач за проблематичниот зглоб. Најчесто колено или скочен зглоб. Дава чувство на загревање и стегнатост. Завој за бандажирање на скочните зглобови и масти за загревање се во пакетчето на оние несреќно истрауматизираните од многу повреди во минатото.
  • Вода. Ќе ви се пие, ќе си викате зошто не си земав од дома. Иако секогаш има опција да се пие од дворот на другарчето што живее најблиску или да се лизнат неколку голтки од некој што донел 1,5 литарско шише за себе.
  • Патики. Стари – доколку ви овозможиле да дадете многу голови во минатото или имате некоја убава причина да ги нарекувате „среќни“. Може и нови, но морате во тој случај да сметате на инкубациски период – додека да „легнат“ на вашето лесно деформирано стапало. Зависно од возраста, може и да играте со новите патики за на школо… ама, секако дека ова е План Б, за оние ретки случаи кога сте ја заборавиле опремата за физичко, а повикот за фудбалска игра е неодолив. И боса нога е опција во летните месеци, доколку не ви пречи болка од некое остро камче, трнче, удрен палец од бетон. Копачки се неопходност доколку се занимавате попрофесионално.
  • Топка. Фрлена од рацете на наставникот по физичко. Купена од мајката на едно од другарчињата. Позајмена од вујкото поранешен фудбалер. Купена од заштеда од локалната продавничка. Во итни случаи, и необични предмети можат да послужат: на пример, шишарка на патот или новогодишен балон.
  • Другарчиња. Од улица, од клуб, од средно, од факултет или од работа. Па и полупознаници, непријатели, непознати ентузијасти, замислени противници…
  • Организатор. Доколку ја немате сѐ уште магијата на спонтаниот детски собир, ви треба некој со дебели (барем неколку слоеви миелин) живци за да ги издржи сите откажувања на 2 саати пред термин, „Ќе ти кажам до утре“, „Зошто си го викнал овој?“, „Нема форсирање, ако не иде нема да играме”, итн. итн. Кој не организирал досега, препорачуваме да проба. Ретко искуство. Англичаните би рекле: Humbilng.

Убав фудбал викендов. Ако ви треба човек, барајте нè!