Categories
Детско катче

Шампионите на ФК Кул (генерација 2009) – Дел 2

Вториот дел од одличната генерација (2009) на ФК Кул, која освои второ место на државно ниво во детската лига на ФФМ (видете го овде првиот дел).

Мартин Митановски

Најсмирениот и најинтелигентниот во екипата. Малку страв, но тоа го надополнува со брзо учење и совладување на препреките. Технички „поткован“, како да има лепак на нозете, одличен пас меѓу линии, секогаш дава максимум и се наоѓа на право место во право време.

Горазд Ѓуроски

Марко Матераци – само деснак, висок, тенок, без страв, со по некој опасен старт. Смирен и сталожен, со одлична фудбалска интелигенција.

Стефан Адамчевски

Сакале-нејќеле, сите страдаа од него: ќе речеш мал е, ама не ти бега низок ѓон и газење по нога. Пожртвуван и неуморен во дефанзива, фудбалски паметен и интелигентен, ама и малку себичен од позади, па тренерот често го советуваше да се ослободува побрзо од топката. Дуплиот пас го користеше во секоја прилика, како и „уфрлувањето од втор план“.

Никола Динов

Петата му беше омилена – па ако не ја направеше на натпревар или на тренинг, исто како да не истренирал! Секој паѓаше на неговиот „лажњак“ поради непредвидливоста на неговиот дриблинг и, кога сакаше да игра, едноставно беше најдобриот во екипата. Ако се ишиша, ќе има и поголема прегледност!

Иван Смилевски

Интелигенција на високо ниво, како фудбалска така и природна, интересен и непредвидлив дриблинг, визија за додавање во простор. Ситен чекор, брзо проигрување… ама само кога сака!

Леон Андовски

Крило, ама не пилешко, туку по мерка за секој тренер; „лажњак“ на секој втор чекор како легнат полицаец; комотно колите на центрирање да ги носите кај него, зашто од корнер или слободен удар не промашил досега!

Марио Николовски

Крупен чекор, стабилен на топка, противниците се молат да нема шут и центаршут – зашто или е гол или е асистенција. Кога ја има топката, противниците тешко му се доближуваат, зашто телото и рацете ги користи феноменално за градење.

Марко Магларовски

Новиот Љоренте: висина, брзина, шут, стабилност и удар со глава исто како него. За нијанса е и подобар, зашто е побрз, а и подобар реализатор.

Марио Антоновски

Ситен чекор и одлична стартна брзина – на 10 метри најбрз во екипа — а и непредвидлив прием на топка: ни самиот некогаш не знае каде ќе ти избега! Роден за напаѓач – топка во простор за него е најлесната задача во светот.

Петар Трпковски

Градењето го користеше секогаш кога можеше и одлично му одеше во тоа. Повратна топка за мерак и солидно појавување меѓу линии. Ама, некогаш требаше и тренерот да викне за да му текне да тргне.

Тренер: Марко Арсовски

Поранешен играч, елегантен и технички префинет, а сега посветен, детален и аналитичен тренер во младински категории. Очекуваме големи успеси и богата тренерска кариера!

Categories
Детско катче

Шампионите на ФК Кул (генерација 2009) – Дел 1

Екипа која е задоволство да се гледа – Ви ја претставуваме одличната генерација на ФК Кул, генерација 2009, која освои второ место на државно ниво во детската лига на ФФМ.

Божидар Георгиевски

Можеби не многу висок како за голман, но високо котира во книгата за Гинисов рекорд за задржување на време! Одлично се поставува на голот и баш во тој момент кога мислиш дека ќе прими гол, парадата ја вади како ас од ракав. Минатата година имаше 97% успешност на фатени зицери, поточно само еден примен гол од зицер позиција.

Матеј Ивановски

Роден лидер во екипата. Поливалентен за позиции, агресивен, пожртвуван, неуморен. Солиден дриблинг, многу брз, јак удар, страв и трепет ако влезе еднаш во дуел. Имаше краток фитиљ и експлодираше, ама купи коноп и го продолжи – сега е смирен како гуру.

Андреј Илијевски

Не многу сигурен со топка, но кога станува збор за пожртвуваност во игра, става глава каде што некој не става нога. Освен на натпревар, тоа го правеше и на тренинг, па за жал се повреди и не беше директен учесник во финалето, туку индиректно ја бодреше екипата како „помошник тренер“.

Матеј Фидановски

Топ во левата нога, може да те промаши со додавање и центаршут само ако тој сака. Едноставен дриблинг кој секогаш успеваше, брз само кога сака – треба да го турнеш за да тргне! Уфрлување по левата страна секогаш на време.

Матеј Манев

Напредуваше и „згази“. Роден за бек, неважно дали лев или десен, се „уфрла“ со леснотија, секогаш на право место и во право време. Едноставноста му е омилена: не сака да комплицира, ретко шутира. Но, кога ќе шутне – статива или пречка!

Петар Крчаноски

Везен играч каков што би посакал секој тренер: кондициски неуморен, технички одличен, тактички одлично позиционирање. Додавањата и шутевите – секогаш перфектни. Помагаше и во одбрана и во напад, а „лажњак“ за мерак – по двајца паѓаа и секогаш на враќање му носеа бурек со јогурт.

Јорго Цаца

Дриблинг за мерак, висок, цврст и брз, брзо учи. Понекогаш се случуваше сите да ги издрибла и да не шутне, па тренерот се фаќаше често за глава.

Марко Стојаноски

Савичевиќ, само во светлосин дрес. Низок и брз, одличен дриблинг, влез во простор како од шала… Завршницата можеби не му е јака страна, ама и покрај тоа, реши многу натпревари.

Филип Дукоски

MVP зашто секогаш даваше 1000% за екипата. Можеби најтимскиот играч, од пожртвуваност, агресивност и тивко лидерство, до техничка, тактичка и кондициона спремност. Додавање и прием – перфектни; приоѓањето меѓу линии и повратните топки – како од шала; дриблингот – изненадувачки и пропратен со одлична завршница секогаш кога требало. Многу упорен, па затоа и решаваше многу натпревари со голови и асистенции.

Јован Гиевски

Јосип Иличиќ во млади години. Висок и цврст, никој не успеваше да му ја одземе топката кога ќе се градеше, елегантен дриблинг во движење, одлично додавање во простор. Да не шутне затоа што му се смешка еврогол. Можеби не трча многу, ама затоа одлично се поставува. Дефанзивно ретко играше, но се покриваше со потезите и решавачките голови и асистенции – па правеше голема разлика.

Кирил Стојановски

Крило за мерак: бара топка во простор, приоѓа, дрибла, шут со лева и десна. Неуморен како да има боца кислород на него и не се троши. Секогаш пожртвуван за екипата: дај му една задача, две ќе заврши!

Вториот дел од оваа исклучителна генерација, следува наскоро.

Categories
Фудбалска училница

Кратки правила за детска исхрана

A, бе, деца! Цел ден трчате – a можеби и спортувате – па, мора да знаете што треба да јадете во текот на денот! Не дека вашите умни глави не слушнале досега за свежо овошје и салати, но еве некои правила на кои треба да внимавате.

Mалку досадни, бла, бла, бла информации за вашето детство – токму како на час по „Природни науки“.

Во детството, како интензивен период на раст и развој во секоја можна смисла (еј, не мора да ја развивате и неумноста!), потребата и потрошувачката на енергија се зголемени. Истовремено, ова е период и на оформување на здрави, прехранбени навики – тука многумина имаат влијание: врсниците, родителите и семејството, училиштето, тренерите.

За децата спортисти

Основните препораки се слични за сите спортисти без разлика на возраста, но децата, сепак, имаат одредени карактеристики различни од возрасните па на нив треба да се посвети посебно внимание. Невозможно е… бла, бла, бла… да се даде универзална формула (програма за исхрана) за соодветен енергетски внес кај децата. Како и за повеќето нешта, бла, бла, бла, потребен е индивидуален пристап – затоа што енергетскиот внес зависи од многу фактори: возраста, висината и тежината, видот на спортот, тренинзите (колку, какви тренинзи, колку траат…)

Значи, не зависи само кој вид спорт се тренира (со други зборови, нема едни насоки за фудбалери, други за кошаркари, пливачи…), туку:

ЕНЕРГЕТСКИОТ ВНЕС СЕ ОДРЕДУВА ЗА СЕКОЈ СПОРТИСТ ПОСЕБНО!

Деца, чујте и почујте: ГОЛЕМО НЕ!

  • НE за програми за слабеење! Не ги имитирајте возрасните со нивните диети за намалување на телесните масти. Повеќето од нив имаат погрешен пристап: пребрзо слабеење, премногу тренинг одеднаш, и едното и другото неконтролирано од доктор…
  • НE за исхрана која исклучува некој од макронутритиентите (јаглехидрати, на пример)
  • НE за брза храна (fast food, junk food). Знаеме дека се вкусни и практични сендвичите и тостовите кога сме многу гладни, ама сепак…
  • НE за додатоци во исхраната – особено не за такви што се непроверени и не доаѓаат по препорака од вашиот доктор по спортска медицина!

Деца, чујте и почујте: ГОЛЕМО ДА!

  • За навиките околу исхраната треба да мислиме на долг рок (значи, не како ќе се храниме во наредните десет денови, две недели или еден месец – туку како ќе се храниме за наредните неколку години). Треба да знаеме како да го прилагодиме внесот на храна зависно од активностите: не е исто ако денеска играме фудбал или – не дај Боже – седиме цел ден на телефон!
  • Треба да научиме за јаглехидрати, протеини и масти во различни оброци. Со помош на родителите да повнимаваме на внесот на калциум, витамин Д и железо (младите спортисти можат да имаат недостиг на овие микронутритиенти)
  • Доволен внес на течности (колку? – читајте наскоро кај нас!)

Categories
Детско катче Офлајн настани

Најава: одличниот тим на ФК Маџари Јуниор!

Летен Куп Скопје 2022 заврши. Имаше многу екипи на турнирот со фудбалери на различна возраст, и секое дете, талентирано на свој начин, доби можност да ги покаже своите фудбалски вештини.
Со големо задоволство Ви ја презентираме фантастичната екипа на ФК Маџари Јуниор (фудбалери родени 2012), која се натпреваруваше во група со една година постари (2011).

Дамјан Анастасовски – Даме

Пожртвуван, со извонредно читање на играта во дефанзива и офанзива, технички одличен со извонредни моторички способности .

Секогаш има пас и центаршут опасен по противничкиот гол во третата половина од теренот.

Ѓорѓи Стојановски

Одличен техничар со извонредна интелигенција и брзина …дефанзивно ретко кога ќе дозволи да го поминат …офанзивно: шило према противнички гол.

Никола Младеновски

Гениј за читање на намерата на противничкиот играч (каде ќе го даде пасот ) – извонредно излeгување пред играч за одземање на топка ….крајно борбен и пожртвуван за секоја педа од теренот .

Стефан Милошоски

  • Вистински топ во левата нога …играч со одличен шут и центаршут, технички добро поткован.

Алек Милошевски

  • Мозок на екипата ….одлична прегледност на играта …отварање на право место во право време … одличен асистент и работник за екипата во средина на теренот … Тивок и скоро неприметлив, но префинет во секоја смисла на зборот .

Лука Јордановски

  • Магионичар во ситуации 1 на 1 ….страшен дриблер кој не се плаши да земе топка и да влезе во тројца…. со извонредна моторичка и техничка способност.

Марио Стаменковски – Агуеро

  • Страшно вљубен во фудбалот …извонреден техничар … човек за секоја позиција … јак на топка ( тешко му се одзема кога ќе се загради ) .

Омер Скоко

Класичен шпиц …го краси инаетот и желбата да постигне гол … пргав и полн со самодоверба … добра игра со глава … jак во дуел.

Вук Ѓурѓановиќ и Алексеј Карчев

  • Едниот засилување од Србија, другиот редовно одличен на голот на ФК Маџари Јуниор. Вистински пантери на голот.

Тренер: Александар Арсовски

  • Вистинска приказна: кога беше активен фудбалски играч, на почетокот од еден тренинг, во дуел, му ја пукнаа аркадата. Отиде веднаш во болница, му ја сошија и се врати да го доработи тренингот. Што мислите, како игра тимот на таков човек?
Categories
Фудбалска училница

Храна за на голем одмор

Ѕррррннн! Завршува вториот час, време е за голем одмор. Трка до најблиската продавничка: „Добар ден, тетка Горде. За мене една кифла со еурокрем, чипс и она премногу портоколаво сокче!“

Пица, кифла, баничка, бурек, смоки , чипс, газиран сок… Што јадеше ти на голем одмор денес?

Уште поважно: а знаеш ли што би требало да јадеш на голем одмор, а тоа да биде и здраво и вкусно?

Храната претставува главен извор на енергија за телото. Благодарение на храната ние одиме, трчаме, учиме, играме и растеме. Исто како што одеден вид гориво им е потребно на автомобилите за тие да се движат, така здравата храна му е потребна на нашето тело.

А, што ако јадам од онаа вкусна „брза“ храна цело време?

„Брзата храна“ има големо количество на сол, шеќер, лоши масти (заситени или трансмасти)- нешта што не се здрави во големи количини.

Јадењето ваква храна предизвикува нагли промени во нивото на шеќер во крвта или крвниот притисок- што може да доведе проблеми со стомачето, расипување на забчињата, недоволно енергија и концентрација за играње и учење, нарушено опоравување после тренинг поради чувство на замор…

Никој од нас не го сака тоа, нели?

Родители, убаво е и вие да прочитате

Како за возрасните, така и за децата, хранливите материи се делат во 2 основни категории:

  • Макронутриенти : јаглехидрати, протеини и масти. Секој на свој начин е потребен за нормално функционирање на организмот. Ти на организмот му се потребни во поголеми количини. Избалансирана исхрана значи соодветно присуство на секој од овие макронутритиенти во исхраната.
  • Микронутритиенти : витамини и минерали. Материи кои во организмот му с епотребни во помали количества, но без кои телото не може нормално да функционира.

Правилна распределба на исхраната

За макронутритиентите, дневниот енергетски внес за балансирана исхрана, кои ќе ги задоволи потребите во текот на денот треба да биде распределен отприлика вака:  јаглехидрати минимум 50-65%, протеини 10-15%, масти 25-30% (важен е видот на мастите).

За микронутритиентите:

  • спортистите кои се хранат соодветно, немаат потреба од витамински додатоци.
  • Од минералите, кај децата, исклучително важни се калциумот (важен за коските, го добиваме најчесто преку млекото и млечните производи) и железото (го внесуваме преку храна од животинско потекло (месо, риба) или зеленчук)

За вода и надополнување на течности , нема цврсти препораки. Генерално се препорачува 2-3л дневно или околу 10 чаши течности, пред се вода. Внесот на течности зависи од спортот, бројот и видот на тренинзиите, надворешните временски услови (дали е лето или зима)… За правилен внес на течности за време на и по тренинг ќе пишуваме наскоро.

Гладен си или имаш криза за нешто благо?

Стомакот е одговорен за чувството на глад, а мозокот ја контролира кризата за јадење. Вака некако оди тоа: мозокот добива сигнал од хормоните на системот за варање, односно стомачето преку хормоните да вика „празно сум!“. А мозокот „слуша“ и ти вика: време е за јадење!

Замислете- Празниот желудник е со големина на тупаница, но може да се прошири како големина на фудбалска топка!

Ok, сé тоа, и сега: што да си подготвам или нарачам за утре?

Во продолжение ви даваме предлози за здрави и вкусни оброци кои ќе можете да ги подготвите и сами или со помош на домашните, а ќе ви помогнат да дадете многу голови на тренинг и натпревар, но и да добиете многу петки на училиште.