„А, бе, знаеш, фудбалот се игра за голови…“. Точно, се познава – по прославите на головите. „Најјако“ е кога тие повеќе се памтат отколку фудбалските мајстории. Еве една скромна листа со потенцијал да се проширува. Ќе се препознаете во некоја прослава?
Финта-поздрав со цимерот – со кого играме плејстејшн по 4-5 саати измеѓу тренинзи. Прво ја видовме како ја прават Леброн и Вестбрук, па си направивме наша верзија.
Тишина. Прст пред носот и устата: ШШШШ. Престанете да зборувате, потивко. Омилена на фудбалери кои сакаат кино, а не се до толку богати за да си направат кино дома, во ќуќата од 650m2.
3. Кики Роналдо. Скок во воздух, па мала ротација која би добила поени и во некој натпревар за уметничко лизгање. Па, спуштање на рацете покрај тело, „Сииии!“, и неизбежното грчење на извајана стомачна мускулатура.
4. Нема време. Земам топка од гол и брзо ја носам на центар. Ќе памтам и прославам на наредниот гол – ако изедначиме.
5. Трчам како луд. Играм многу години, ама и јас се изненадив како ми легна шутот.
6. Мачји кашаљ. Не се изненадив воопшто, напаѓач сум и тоа ми е работа. Нека скокаат другиве околу мене. Останувам уште саат време после тимски тренинг. Незадоволен сум, 2/5 за мене е слаба реализација.
7. Танц со ѕвездите. Се договараме детално пред утакмица и вежбаме посветено кореографија за прослава – и повеќе отколку што се посветивме на другиот тренинг неделава. Прославата останува во кабина. Губиме 0-4, прво полувреме.
8. Боксирам знаменце. Локалниот боксерски клуб ми го затворија па морам да ја одржувам техниката; плус, како млад учествував во неколку тепачки во кои не успевав да ја наметнам мојата боксерска техника.
9. Провокација кон публиката на противничкиот тим. Ова доколку сте жедни и сакате да ви фрлат некое шише. Ние препорачуваме прво да си побарате вода од вашата клупа.
10. Воздух! Се зезнав, не можам да дишам. Дадов гол и не знам зошто, ама одма легнувам на тревата; и пред да можам да изреагирам – сите скокнале врз мене. А, бе, тргнете се! – не можам да дишам.
11. Лулам бебе. Од нигде-никаде, и јас одлучив да прославам така: ми се роди син, ама жена ми го успива и се буди со него во три сабајле. Потоа ја ставам топката под маица. Прославата е невозможна за аматери со стомачни масти: тие веќе имаат „топка“, и нема место за уште една.
12. Реванш на противникот – истиот оној што ти направи џигерица на претходниот корнер. Го бараш веднаш, му викаш дека џигерот има неверојатна и уникатна способност за регенерација, и играта продолжува.
13. Гушкање на тренерот. Кога знаете дека тренерот навистина верува во вас и ви дал поддршка во многу тешки моменти.
14. Соблекувам маичка. Особено популарна прослава после нова тетоважа. Тие што се без девојка и не можат да одат на одмор летово, ја користат и како изговор да покажат колку се во форма.
15. Цела клупа трча. Масерот се лизнува и истегнува задна ложа, ама вредеше повредата.
16. Салто во воздух. Го правеше Обафеми Мартинс на времето; во наша средина е ретко, зашто гимнастиката не ни е до толку развиена.
17. Давам гол, се вртам и пцујам – зашто само тогаш ми е дозволено без да ме исфрлат од тимот. Непрепорачливо.
18. Бразилска самба. Особено препорачливо после некоја фудбалска магија. Кај нас, по некоја логика, би требало соодветна верзија да е „Пајдушко“ – еднаш започната но брзо прекината на еден терен во Ѓорче.
19. Клизач на коленици. Пожелно е теренот да е мокар и да не е вештачки, инаку повреда во најава.
20. Давам гол и барам замена. Нема што повеќе да докажувам на теренот. Има еден цар и тоа сум јас.
21. Вамос! Нè асоцира на Рафа и замавнување со тупаница во воздухот. Ние си викаме „Ајде!“ – се гледа колку многу ни значи играта.
22. Мала забава. Далеку ми е да е да трчам до сите, а секако го ценам и додавањето пред асистенцијата, па ќе си прославам само со соиграчот до мене.
23. Пукај бе братучед. Пушка, пиштол, снајпер, митралез, снајпер, лак и стрела – демек стрелец, не само во хороскоп.
24. Џокер. Последен пристигнувам на прославата, но сите знаат дека од мене се очекува некоја глупост.
25. Бакнување на клубскиот амблем. По можност да нема свежи отпечатоци на вашите усни од амблемот на претходниот клуб.
26. Знам дека е твој голов! Покажување со прст кон човекот кој ја направил претходно магијата на теренот. Голот беше само логичен и едноставен завршеток.
27. Качување на „ушка“. Само неколку чекори се возможни доколку е голема разликата во телесната маса.
28. Мало шоу на клупата за резервни играчи. Вообичаено е вклучен голманот: не нè прашувајте зошто.
29. Соблекување на дресот. Маичка со порака под него. Симпатично кога е некаква поддршка. Трагикомично кога е нешто како „Мамо, уклучи го бојлерот“.
ФК Воска Спорт беше одлично освежување во фудбалската сезона 21/22. На само чекор до влез во првата лига (изгубија во бараж натпреварот против ФК Тиквеш), малку нешта недостигаа за заокружување на нивната убава приказна.
Можеби подобра ефикасност на прекините? – тие често знаат да бидат одлучувачки за крајниот резултат и се важен дел од тактичкиот тренинг. Тактичката замисла за прекините (корнери, слободни удари, аути) се прилагодува на одбранбената поставеност на играчите од противничкиот тим (одбегнување на нивните силни страни, искористување на слабостите).
Па, каква беше организацијата на фудбалерите на ФК Воска, за нивните офанзивни корнери? Фудбал Фрејм ги забележа следниве тактички шеми.
Најчесто противниците на ФК Воска беа поставени со комбинација од зонска одбрана и маркирање на човек.
ФК Воска корнерите ги изведува со десна нога од левата страна, лева нога од десната страна – што значи траекторија на топката која се приближува кон голот (Eng. inswing).
Две најчести шеми на движење
Шема 1
Шема 2
Дефанзивна транзициона фаза после офанзивните прекини (корнери и слободни удари)
Играчите на ФК Воска во зоната на поддршка (во висина на шеснаесетникот) беа фокусирани и будно ја набљудуваа секоја одбиена топка. Враќањето назад во компактна дефанзивна форма им беше брзо. Лесен контра-напад не беше дозволен.
Завршен коментар
Тренерот Раде Цицмиловиќ, на повеќе натпревари, во зависност од противничкиот тим, воведува варијации на таргет зони за пристигнување на топката, и различни насоки за движење на играчите. Напаѓа слабости во зонската поставеност, противнички играчи со послаба скок игра, поставува играч пред противничкиот голман за оневозможување на лесна голманска интервенија.
Но, и покрај тоа, во четирите набљудувани натпревари, гол од офанзивни прекини не беше постигнат. Интересно ќе биде да се набљудуваат промените со тактичките замисли на новиот тренер Берат Имери и новиот играчки кадар. Од натпреварувачката 22/23 Запад и Исток ќе бидат споени во единствена лига со 16 екипи – нешто што ветува уште поголема компетитивност и квалитет. На ФК Воска Спорт им посакуваме успешна сезона и возбудливи натпревари.
A, бе, деца! Цел ден трчате – a можеби и спортувате – па, мора да знаете што треба да јадете во текот на денот! Не дека вашите умни глави не слушнале досега за свежо овошје и салати, но еве некои правила на кои треба да внимавате.
Mалку досадни, бла, бла, бла информации за вашето детство – токму како на час по „Природни науки“.
Во детството, како интензивен период на раст и развој во секоја можна смисла (еј, не мора да ја развивате и неумноста!), потребата и потрошувачката на енергија се зголемени. Истовремено, ова е период и на оформување на здрави, прехранбени навики – тука многумина имаат влијание: врсниците, родителите и семејството, училиштето, тренерите.
За децата спортисти
Основните препораки се слични за сите спортисти без разлика на возраста, но децата, сепак, имаат одредени карактеристики различни од возрасните па на нив треба да се посвети посебно внимание. Невозможно е… бла, бла, бла… да се даде универзална формула (програма за исхрана) за соодветен енергетски внес кај децата. Како и за повеќето нешта, бла, бла, бла, потребен е индивидуален пристап – затоа што енергетскиот внес зависи од многу фактори: возраста, висината и тежината, видот на спортот, тренинзите (колку, какви тренинзи, колку траат…)
Значи, не зависи само кој вид спорт се тренира (со други зборови, нема едни насоки за фудбалери, други за кошаркари, пливачи…), туку:
ЕНЕРГЕТСКИОТ ВНЕС СЕ ОДРЕДУВА ЗА СЕКОЈ СПОРТИСТ ПОСЕБНО!
Деца, чујте и почујте: ГОЛЕМО НЕ!
НE за програми за слабеење! Не ги имитирајте возрасните со нивните диети за намалување на телесните масти. Повеќето од нив имаат погрешен пристап: пребрзо слабеење, премногу тренинг одеднаш, и едното и другото неконтролирано од доктор…
НE за исхрана која исклучува некој од макронутритиентите (јаглехидрати, на пример)
НE за брза храна (fast food, junk food). Знаеме дека се вкусни и практични сендвичите и тостовите кога сме многу гладни, ама сепак…
НE за додатоци во исхраната – особено не за такви што се непроверени и не доаѓаат по препорака од вашиот доктор по спортска медицина!
Деца, чујте и почујте: ГОЛЕМО ДА!
За навиките околу исхраната треба да мислиме на долг рок (значи, не како ќе се храниме во наредните десет денови, две недели или еден месец – туку како ќе се храниме за наредните неколку години). Треба да знаеме како да го прилагодиме внесот на храна зависно од активностите: не е исто ако денеска играме фудбал или – не дај Боже – седиме цел ден на телефон!
Треба да научиме за јаглехидрати, протеини и масти во различни оброци. Со помош на родителите да повнимаваме на внесот на калциум, витамин Д и железо (младите спортисти можат да имаат недостиг на овие микронутритиенти)
Доволен внес на течности (колку? – читајте наскоро кај нас!)
Со огромно задоволство, нашиот прв фудбалски портрет е Марјан Белчев, роден 1982, поранешен фудбалер на Цементарница, Вардар, Тетекс, Брегалница, со меѓународно искуство во Иран, Албанија, Мјанмар и Швајцарија, капитен во сите младински репрезентации.
Разговорот со него го почнуваме како кратка содржина на задната корица од книга: брз обид за пополнување на празнините за некои клучни животни случувања. Чувството е како да се видовме последен пат вчера на тренинг, а не како да поминале десетина години: Белчев е од оние ретки луѓе со кои времето не те оддалечува.
За полесно снаоѓање на читателите, направен е обид за хронолошко подредувањe на случувањата. Се надеваме ќе ја доловиме топлината што излегува од секој негов збор.
Зашто дури и на прашања како „Кој лош совет, препорака го слушаш често, а сметаш дека треба да се игнорира?”, од Белчев не излегува критика: „Нема такво нешто! Од секоја препорака можеш да научиш: на тебе е како и дали ќе ја примениш,“ одговара по кратко размислување.
Впрочем, дури и кога раскажува за своите илузии, неуспеси, грешки, не излегува горчина од него. Но, да тргнеме од фудбалските почетоци.
Погледнувајќи наназад кон своите фудбалски почетоци
„Во минатото гледам како на едно големо искуство. Кога ќе погледнам назад, не ја замислував иднината тогаш како што е сега. Моите фудбалски почетоци беа сосем позитивни, се развивав многу брзо. Лидерски способности имав уште од мал, бев капитен на Вардар, капитен на младинските репрезентации, еден од водечки играчи. И чувствував дека иднината ми се насмевнуваше. Минатото ми дава до знаење дека не можеш да земаш ништо здраво за готово, дека така ќе биде или вака… Почнаа повреди и тогаш сè тргна надолу.“
Подготовка за натпреварите, фудбалски квалитети
Белчев е пример за човек посветен на тренинг, фитнес, внимавање на исхрана, вода, спиење…
„Дополнително работев на мојата телесна подготвеност […] Можеби требало да работам повеќе на работите што ми биле јака страна (потребна е работа и на слабите страни, но јаките треба да ги направиш уште појаки). Имав добра десна нога, технички доста солиден, физички бев доста спремен, карактерот и моите лидерски способности успевав да ги пренесам на теренот. За да бидам елитен можеби ми недостигало тоа што го имаше Пандев и на 18 години: перцепцијата, читање на играта неколку чекори, неколку потези однапред. Перцепцијата на играта што ја имав на 27-28 години ќе беше убаво да ја имам на 18. Се тренира тоа, меѓутоа треба многу рано да почнеш (некои го имаат веќе тоа, како дарба) – учење што да гледаш и кога да гледаш, кои информации да ги процесираш.“
Прашања и одговори за играч од средината на теренот
Дали и што размислуваш додека играш?
„Размислуваш за ситуацијата: бараш простор, ги бараш противниците, бараш каде се твоите играчи, бараш решенија. Тоа е размислувањето. Меѓутоа, голем дел од тоа е автоматизирано, тренирано. Во средина секако е најкомплексно затоа што си опкружен со играчи од сите страни.“
Каде гледаш најчесто, кои решенија прво ги проверуваш?
„Првите решенија секако ти се кон напред, вертикално. […] Ти си тој што можеш и да го промениш решението: сè се случува толку брзо на терен што треба да реагираш инстантно, па всушност треба да имаш не едно, туку три решенија во секој момент. Е, сега, дали ќе го одбереш најдоброто од трите зависи од ситуацијата – тоа ги дели квалитетните од просечните играчи“
Што мислиш дека најмногу недостасува кај играчите од средината на теренот?
„Баш таа перцепција на игра, читање на играта, правовремено земање информации, процесирање и носење одлука. Меѓутоа целиот процес, навиките да бараш информација недостасуваат. И тие се учат во пониски категории на 14-15 години. Тогаш се почнува и му ги втемелуваш на играчот за подоцна да може да го прави тоа на повисоко ниво, многу побрзо, почесто.“
Kojа е твојата замисла за одличен играч?
„За мене модерен играч е доволно добро технички поткован, ја чита играта, тактички е супериорен, со добри физички предизпозиции и карактерно-лидерско способности. Меѓутоа, многу е тешко да се најде таква комбинација.“
Прва асоцијација за врвни играчи од средината на теренот?
„Таа генерација на Барселона со Гвардиола: Чави и Иниеста. Го памтам порано и Макелеле, страшен играч.“
Повредите и лекциите од нив
Се повредува рано и често. Предолг е списокот на оперативни интервенции: преден вкрстен лигамент на двете колена, менискус, ’рскавица…
„Не верувам дека причината е генетска. Мислам дека е сè заедно – несоодветен тренажен процес, одмор, исхрана, хидратација, рехабилитација… Можеби таа едукација околу тренажниот процес, колку и зошто да тренираш, тоа сигурно.
Јас бев пресамоуверен и претврдоглав и изгледа мојот разум можеше многу повеќе од моето тело, па веројатно тоа е она што доведе до повредите. Но, во тој период сметам дека созреав. Човек мора да проживее нешто за да сознае. Сфатив што е важно во животот, кои се моите јаки и слаби страни.“
И кои се?
„Јас сум човек што не се откажува. Кога ќе налетам на препрека, ќе направам сé за да ја надминам… Со повредите се справував самоиницијатвно, со волја, да се изборам, издржам, да одам понатаму. Морав да застанам, да направам пауза, да научам. Во процесот учиш. Можеби можев порано да сменам курс, но јас доцнам со одлуките и се трудам да го научам тоа…“
А што е важно во животот?
„Да бидеш искрен, да ги почитуваш другите, да бидеш љубезен, да даруваш доверба, да даруваш љубов. Тие се работите што се важни.“
Заминува во Швајцарија во 2014, на 32 години
Станиците низ сениорскиот фудбал се Вардар, Цементарница, Македонија Ѓорче Петров, Тетекс и Брегалница, меѓународно искуство во Иран, Албанија и Мјанмар, а, последното поглавје од својата играчка кариера го завршува во Швајцарија.
Зошто замина?
„Есенскиот дел од 2012 бев шест месеци во Брегалница, а потоа зимата заминав за Мјанмар. Ја поминав 2013 цела таму сè до ноември, a после – откако се вратив од Мјанмар – станав дел од Тетекс, кои тогаш се натпреваруваа во втората лига. Имаше многу добра екипа (со Боби Божиновски, Драган Начевски…), па успеавме да влеземе во прва лига, но добив многу мала понуда за да продолжам. Тоа е една од повеќето причини… Пробав и отворив фирма за копачки и спортска опрема со еден пријател од Словенија. Очекувањата ми беа преголеми, а тоа што се случуваше беше сосем друго. Осетив дека не сум за бизнис, дека не можам да продавам магла и да правам како што знае да се прави понекогаш во Македонија, јас бев искрен околу сето тоа… и тоа беше една од причините.“
Има многу заеднички работи помеѓу фудбалот и денешната работата како раководител на тимот во пошта (Извор)
Додека полуаматерски игра фудбал во Швајцарија, патот воопшто не е како што повеќето замислуваат. Попатни станици се фабрика за месо и фирма за декорации, но и течно научен јазик (германски), тренерски дипломи, почеток на тренерска асистентска работа, работа во пошта.
Сега води исклучително динамичен живот во Берн (Швајцарија), со нешто што изгледа како повеќе од две работни места: раководител на одделение во пошта и помошник тренер на младите екипи (U16) на Јанг Бојс.
Останатото време го посветува на семејството.
„Би сакал да имам повеќе време за фамилијата (сопругата и шестгодишната ќерка) и за себе. Мене деновите ми се долги а ноќите кратки. Се обидувам да спијам по седум часа навечер, но тоа не е секогаш лесно.“
Изгледаат пресоодветни и местото и позицијата каде што е сега. Можев да го замислам уште тогаш – во некој стручен штаб, раководител, лидер во секоја можна смисла. Што за него значи да се биде лидер?
„Лидер значи да имаш интегритет, тоа што го мислиш и тоа што го зборуваш и тоа што го правиш да биде во иста линија. И да носиш одлуки и тогаш кога е најтешко, кон сите искрено да се однесуваш.“
Најпаметната инвестиција
„Вложувај во знаење, во книги. Читај книги за луѓе што направиле некоја разлика . Учи од нив и нивните искуства.“
Од домашната библиотека на Марјан Белчев
Ментори и најдобри играчи
„Можам да кажам дека Христијан Цветковски е мојот фудбалски ментор, многу ми е близок, и ден-денес сме во контакт, а и фамилијарно сме блиски.“
Кои се најдобрите играчи со кои си играл, со индивидуални и тимски квалитети?
„Од постарите играчи – Тони Јакимовски, а во млади категории, секако – Дени Ѓошевски (барем додека не се повреди). Тие ја имаа баш таа перцепција на игра: Дени го имаше тоа на 18 години.“
Омилени фудбалски спомени и натпревари за паметење
„Финалето на купот, Вардар против Работнички. Исто и Цементарница-Силекс – тоа ми беше последна утакмица во Цементарница. А и Тетекс-Елфсборг (2011). Иако изгубивме 2-1, тоа беше моја добра утакмица – барем колку што се сеќавам.“
За носталгијата и пријателствата
Што би му кажал на 18 годишниот Марјан Белчев?
„Да намали со темпото малку. Да се фокусира на јаките страни, да биде малку потрпелив и да биде отворен за повеќе нови работи.“
Имаш ли твој омилен неуспех?
„Повредите ми се омилен неуспех. Можеби да не се повредев, ќе направев некоја страшна меѓународна кариера, но човечки веројатно немаше да бидам на нивото на коешто сум сега, немаше да се развијам. Така што, сè се случува со причина. Јас сметам дека повредите што ги имав всушност ме развија и ’разбудија.‘“
Што би рекол дека најмногу ти недостасува од фудбалскиот живот?
„Подготовката за натпревар, целиот тренажен процес, тензијата.
Во последно време ме фаќа носталгија. Ми недостасуваат моите, другарството. Имам многу пријатели, уште сум во контакт и секогаш драго се сретнувам со нив кога и да дојдам. […] На крајот на краиштата, сè се сведува на квалитетот на времето што го посветуваш на некого […] но, како старееш, бираш повеќе, сортираш повеќе, бараш квалитет наместо квантитет. Од секој да научиш нешто. Затоа и правиш селекција.
Јас, секако, создадов пријателства и тука (во Швајцарија). Но, требаше да се избориме со новиот предизвик. Климент (Климент Настоски – со него заедно заминуваат во Швајцарија) и ден-денес ми остана близок, а и уште 2-3 македонски фамилии со кои се дружиме заедно интензивно тука, со нашиве деца. Тоа што имаме добро пријателство, тоа нè одржува тука.“
Белчев во Фудбалскиот речник
Што гледаш кога ќе погледнеш напред во иднината, која e твојата среќна визија?
„Се надевам дека ќе бидам посмирен човек, поконкретен. Се надевам на многу среќни, радосни моменти, многу насмевки, заеднички моменти со пријателите.“
Со неговата контролирано присутна амбициозност, сосем извесно е продолжување на исклучителноста. Кога му посочив колку ми е мерак; дека не знам како изгледа од внатре кругот во кој се врти, но од надвор изгледа убаво (патот кој го поминал и местото каде е сега), ми одговори: трпение и одлучност.
Марјан Белчев во фудбалскиот речник би бил: чист клизач со собирање на топката кога мислиш дека веќе си поминал.
Валкани игри во шеснаесетник за време на изведување слободен удар или корнер
Не се така озлогласени како ватерполо дуелите под вода, ама ги има и во фудбал:
штипење за кожна дипла на бицепс или трицепс – кратко, но ефикасно;
„ќе ти влезам во џигер“ – вербална закана за вашиот црн дроб, на која не се имуни ниту тие со прележан хепатит;
пцовка која вклучува „сѐ по список“, но никој уште не ги видел тие списоци, а во јавноста кружат дојави дека никој не ги ни направил досега;
„случаен“ лакт при завртување, проследен со шмекерско глумење невиност; како она лажно замавнување за „да пукне“ што трансформира во премин на прстите низ коса во истиот опсег на движењето;
газење на ножните прсти на противникот – потег кој учествува во заштеда на противничкиот играч (при планираното лакирање на ноктите со виолетов лак);
„ќе видиш после утакмица“ и „ќе ни дојдете вие кај нас на домашен терен“ – повеќе како најава за нештата што секако ќе се случат (и ќе гледа и ќе ги сменат улогите на домашна и гостинска екипа) отколку вистинска закана;
дишење и дување во врат со што се наежува противничкиот играч и ја вовлекува главата како желка – па помалку гледа што се случува наоколу;
„Судац види го“, но судијата не гледа – го пропушти последниот термин на очно и се труди да не го зема при срце весело изговоренето „слепец еден“.
Не ги одобруваме овие игри, но како што рече еднаш еден другар од средно, кога му беше посочено дека Дрогба е валкан играч:
Летен Куп Скопје 2022 заврши. Имаше многу екипи на турнирот со фудбалери на различна возраст, и секое дете, талентирано на свој начин, доби можност да ги покаже своите фудбалски вештини. Со големо задоволство Ви ја презентираме фантастичната екипа на ФК Маџари Јуниор (фудбалери родени 2012), која се натпреваруваше во група со една година постари (2011).
Дамјан Анастасовски – Даме
Пожртвуван, со извонредно читање на играта во дефанзива и офанзива, технички одличен со извонредни моторички способности .
Секогаш има пас и центаршут опасен по противничкиот гол во третата половина од теренот.
Ѓорѓи Стојановски
Одличен техничар со извонредна интелигенција и брзина …дефанзивно ретко кога ќе дозволи да го поминат …офанзивно: шило према противнички гол.
Никола Младеновски
Гениј за читање на намерата на противничкиот играч (каде ќе го даде пасот ) – извонредно излeгување пред играч за одземање на топка ….крајно борбен и пожртвуван за секоја педа од теренот .
Стефан Милошоски
Вистински топ во левата нога …играч со одличен шут и центаршут, технички добро поткован.
Алек Милошевски
Мозок на екипата ….одлична прегледност на играта …отварање на право место во право време … одличен асистент и работник за екипата во средина на теренот … Тивок и скоро неприметлив, но префинет во секоја смисла на зборот .
Лука Јордановски
Магионичар во ситуации 1 на 1 ….страшен дриблер кој не се плаши да земе топка и да влезе во тројца…. со извонредна моторичка и техничка способност.
Марио Стаменковски – Агуеро
Страшно вљубен во фудбалот …извонреден техничар … човек за секоја позиција … јак на топка ( тешко му се одзема кога ќе се загради ) .
Омер Скоко
Класичен шпиц …го краси инаетот и желбата да постигне гол … пргав и полн со самодоверба … добра игра со глава … jак во дуел.
Вук Ѓурѓановиќ и АлексејКарчев
Едниот засилување од Србија, другиот редовно одличен на голот на ФК Маџари Јуниор. Вистински пантери на голот.
Тренер: Александар Арсовски
Вистинска приказна: кога беше активен фудбалски играч, на почетокот од еден тренинг, во дуел, му ја пукнаа аркадата. Отиде веднаш во болница, му ја сошија и се врати да го доработи тренингот. Што мислите, како игра тимот на таков човек?
Македонска Фудбалска Лига, Втора Лига- Исток, 26 Коло, 7 мај 2022 год во 17 часот. На стадионот „Младост“ во Струмица, се одигра вистинско дерби на Истокот, битка за второто место на табелата кое води до бараж и надеж за игра во првата лига следната сезона.
Возбудлив натпревар со контроверзни моменти за време на натпреварот, жалби после него. На крајот, радост и еуфорија само на едната страна – како што вообичаено се случува.
II Стартни состави, форма и формација
Беласица направи промени во составот кој минатиот викенд изгуби (3 – 0), против, сега веќе новиот прволигаш- тимот на Победа. На местото на Чукарски Христијан, во игра беше Јовановски Дарио на десната бековска позиција.
Слога Виница, од друга страна, направи две промени во составот кој одигра нерешено (0 – 0) против ФК Каменица Саса. Тренерот Никола Кузманов им даде шанса на Сефо Алтин и Ѓорѓиев Љубомир, на местото од Лазаров Огнен и Петровски Мартин, со очигледни промени во тактичкиот концепт.
Форма на ФК Беласица
И
Победа
3-0
Беласица
30.04.22
П
Беласица
3-0
ФК Пехчево
23.04.22
П
Беласица
2-0
Каменица Саса
16.04.22
П
Осогово
0-5
Беласица
09.04.22
П
Беласица
6-0
Лок. Градско
02.04.22
п=победа, н=нерешено, и=изгубен натпревар
Форма ФК Слога Виница
Н
Слога Виница
0-0
Каменица Саса
30.04.22
П
Осогово
0-1
Слога Виница
23.04.22
П
Слога Виница
8-0
Лок. Градско
16.04.22
П
Братство 07
0-3
Слога Виница
09.04.22
П
Слога Виница
2-1
Детонит Јуниор
02.04.22
п=победа, н=нерешено, и=изгубен натпревар
III Краток извештај за натпреварот
Бавен почеток на натпреварот со бавен проток на топка на двете страни, главно на средината на теренот. Добро тактичко покривање и неможност за наоѓање на слободен играч кој би имал повеќе време на топка и можност за создавање играч повеќе во т.н. трета зона (финалните третини од теренот).
Гол во 11мин.
Милушев(3) лесно се снаоѓа во офанзивната задача по левата аут линија, го проигрува Михаилов (11) кој, оставајќи простор за Милушев, правилно е поставен повнатре во просторот (на работ на шеснаесетникот). Следува одличен краток пас на Михаилов,кој го согледува луцидното протнување на Коцев(6) во слободниот простор позади одбранбената тројка (неуспешен обид за офсајд замка). Смиреност во завршницата, впечаток на леснотија и рутинско завршување на акцијата од Коцев.
Како што одминува полувремето, ФК Слога Виница се чини дека има повеќе контрола врз играта и топката, но тоа е без некое конкретно завршно додавање или шанса за шут на гол.
Во продолжение на натпреварот, улогите се кристализираа. ФК Беласица гледаше да се брани добро чекајќи ја својата можност преку контранапади, додека ФК Слога Виница ја имаше топката кај себе и се обидуваше да го пробие густиот, низок дефанзивен блок, најчесто по страничните позиции. Не искористија премногу од нападот по страничните позиции и центаршутовите, но изнудија многу слободни удари и сепак претставуваа закана.
Играта после црвениот картон
ФК Беласица успешно се справуваше со притисокот додека силите беа рамноправни на теренот. Во 69 мин, после фаул врз Митров Иван (Слога Виница), Јовановски Д. (23) (Беласица) доби втор жолт картон. Тренерот реагираше веднаш, внесувајќи го Стојков Д. (5)(Беласица) кој сосем солидно ја покри десната бековска позиција. Но, и покрај предноста од еден човек, играчите на Слога Виница, не успеаа сосем ефективно да ја дезорганизираат дефанзивната структурата на Беласица (одбранбените играчи на Беласица реагираа сo блокирани центаршутеви, исфрлени опасни топки од 16никот и со одбранбена компактност).
IV Тактички аспекти
Одбрана и одбранбена транзиција (по губење на топка)
Висока поставеност на дефанзивниот блок која овозможува висок почеток на пресингот- зонски, и често изолиран (со еден или два играчи), но е многу интензивен и ефикасен. Одбраната преминува во зонски, позиционо ориентиеран пристап кога е поставена во среден блок (преминуваат во 5-3-2: бековите се спуштаат ниско, Митров Иван (7) влегува во средната линија, и прави тројка, приклучувајќи им се на двајцата дефанзивни играчи за врска.)
Општиот впечаток за одбраната е цврстина и агресивност, и со исклучок на пропустот при примањето на голот, одбраната изгледа многу компактно.
Напад и офанзивна транзиција (по освојување на топка)
Офанзивната транзиција не е премногу нагласена – фудбалерите на Слога Виница повеќе се потпираат на организиран напад: преку Иванов Бојан (10) пренесување на играта најчесто на крилната позиција кон Митров Иван (7) – за да се искористат неговите квалитети (пробивност во дуелите 1 на 1, квалитетен центаршут, изнудување на фаул).
Партнерството на играчите од средината на теренот (Стојов Стојче (8) и Сефо Алтин (21)) функционира одлично, иако ретко имаше мигови на долг организиран напад и развој на игра (недостигот на долг организиран напад е всушност карактеристика на повеќето тимови во македонската фудбалска лига).
(Нападот на ФК Беласица остава чувство на отсеченост, што е можеби тактичка замисла- зголемена одбранбена густина и игра со брза транзиција во напад, користејќи ги креативните подавања во простор на Коцев Александар)
Прекини
Прекините ги изведува Иванов Б.(10) од десната страна и Митров И.(7) од левата. Одлични, остри центаршутеви во незгодниот „измеѓу“ простор (помеѓу одбранбената линија и голманот) (изнудуваат многу фаули!).
Поставеноста на играчите при офанзивен и дефанзивен прекин е надвор од опсегот на овој исечок тактичка анализа.
V Индивидуални особености и еден малку поинаков тајмлајн
Индивидуални особености
Милушев Александар (3) (Беласица), сигурен на левата бековска позиција, крупен чекор, пробивен, добар центаршут.
Коцев Александар (6) (Беласица), среден играч со офанзивни задачи и карактеристики, удобен на топка, одличен во меѓупростор (така е постигнат и голот). Погледнете ја протурената топка во 51:58 или 86:35!
Рамани Хамза (21) (Беласица), во средниот ред пред одбраната, со солидни технички квалитети (погледнете го одличниот ролинг во 37:22), и одлично завршување на дефанзивниот дел од задачата покривајќи ги просторите оставени од бековската линија.
Иванов Бојан (10) (Слога Виница) изгледа како креативниот мозок во екипата. Често се враќа многу назад за да ја добие топката. Сигурен е на топка и тешко ја губи. Доколку му се остави време на топка, одлично ја разигрува екипата. Десетката во тимот со технички квалитети и око за квалитетно додавање.
Алтин Сефо (21) (Слога Виница) е моторот, одлично дефанзивно покривање и радиус на движење. Добра позиционираност и редовно е достапен за двојно додавање, со брз проток на топка.
Митров Иван (7) (Слога Виница) е човекот што се бара во нападот. По страничните позиции, одлично заградување на топката, директен пробив и центаршут. Знае како да извлече фаул.
Малку поинаков тек на натпреварот (engl. timeline)
Завршен коментар
Браво @СлогаВиница за одличниот натпревар на дербито. И за одличната сезона. Препорачуваме да го погледнете натпреварот преку архивата на ФФМ https://tv.ffm.mk/.
Упатство при употреба:
Направената анализа е исечок од многу подетална анализа. Понудениот исечок е од информативен – не и прескриптивен карактер, и нуди краток субјективен поглед на главните тактички аспекти на натпреварот. Не се изгубени од вид нејзините ограничувања: некомплетност – недостига клучен сегмент како анализа на прекините (корнери, слободни удари, аути); недостиг на статистички податоци и информации од сензорни уреди (GPS); набљудуван е само еден натпревар- премалку за да се донесат заклучоци за навики, рутински решенија и грешки, слабости и јаки страни.
Мал успех! Фудбал Фрејм во партнерство со ФК Маџари Јуниор го организираше својот прв спортски настан. Научивме многу, споделивме весела фудбалска енергија (Да! Ќе гледате фотографии и видеа од случувањата!) и… и… ќе организираме настани пак!
Сигурно сте гледале некаде и некогаш спортски настан. Кажете ни, дали се случило притоа да нема пиво и грицки за заокружување на доживувањето?
А што, не гледате спорт? Тогаш сигурно, додека сте гледале нешто сосема друго на ТВ, ви се појавила во некој момент реклама за пиво. Би се обложил во омилените копачки што треба да ги носам на шиење дека имало нешто врзано со фудбал во неа!
Вие што спортувате, пак, неизбежно сте слушнале за пиво после тренинг/натпревар: Ајде на едно пиво, витамин Б, добро е за опоравување... Или, можеби: Напиј се едно пред да играш – ќе ти го намали стресот и ќе те релаксира!
Спортуваме и ние. И секогаш сме се прашувале колку вистина има во тие тврдења. Пивото е третиот најконсумиран пијалок во светот после водата и чајот.1, 2 Па, претпоставуваме дека вреди истражувањево за пиво пред или после фудбал.
Нутритивни квалитети, придобивки и штетни дејства
Вистина е она што сте го чуле – пивото има добри нутритивни квалитети: вода, Б витамини и минерали (калиум, калциум, железо, цинк, силициум; но ниска количина на натриум3), антиоксиданти (полифеноли?)4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 па и мала количина на протеини. И покрај ова, секако дека „течниот леб“ не може да победи во директна нутритивна битка со – погодувате – овошјето и зеленчукот.
Листата на потенцијални придобивки од пивото е долга:
намалување на ризикот за кардиоваскуларни болести
подобрување на контролата на шеќерот во крвта
намалување на ризикот за деменција
подобрување на цврстината на коските (ефект на силициумот)
Листата на потенцијални штетности (краткорочни и долгорочни) е уште подолга 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 20 :
нарушување на координацијата (при голем внес)
пореметено расудување и донесување одлуки,
нарушена рехидратација (или предизвикување на дехидратација)
општо нарушување на опоравувањето после тренинг и после повреда
Воопшто не е изненадувачки дека најмногу нешта зависат од количината (колку алкохол е внесен за колку време). Впрочем, треба ли да кажеме: пијте умерено! 22, 23,24
Колку пиво е премногу пиво (колку треба да се пие)?
Препорачаните дневни дози25, 2627 се: една лименка пиво за жени, и две лименки пиво за мажи.
Малку постручно, препораките за внес на алкохолен пијалок се следни:
за здрави мажи: не повеке од 14 единици неделно (отприлика 2 единици дневно) или 4 единици по повод (за време на прослава) ; за постари од 65год не повеќе од една единица на ден
за здрава, небремена жена: не повеќе од 7 единици неделно (отприлика 1 единица дневно) или 3 пијалоци по повод
1 единица пијалок претставува 1дл вино, 250мл пиво, 1 чашка ракија
Како прецизно да пресметате единица алкохолен пијалок 28, 29 : јачина на пијалокот(% на алкохол) x волумен (ml) ÷ 1,000 = ______ единици алкохолен пијалок Пример: лименка пиво (вообичаено е 350ml) со 5% алкохол. 5 (%) x 350 ÷ 1000= 1,75 единици алкохолен пијалок
Забавна информација: Општо кажано, ниско-алкохолните пива се помалку калорични поради малиот процент на алкохол (една алкохолна единица содржи 56 калории) 30
Приказната за пивското „меше“
Сите го обвинуваат пивото за зголемување на обемот на стомакот31, 32, 33, 34, 35, 36. Но, не е негова вина, виновни се калориите! Лименка пиво содржи околу 150 калории. Ќе се напиете неколку пива, некое мезе од страна, и калориите се собрале! А нивното согорување воопшто не е така лесно и брзо. Калории од било кој извор, доколку се вишок, го предизвикуваат истото: престанете да го обвинувате пивото!
Пивце за живце
Алкохолот има двоен ефект на мозокот:-
го зголемува нивото на допамин (што доведува до чувство на еуфорија) од една страна
го намалува нивото на ексцитаторни (поттикнувачки) невротрансмитери што доведува до „успорување“ на мозочното функционирање
Сепак, внимателно со пиво „за да ме успие“. Седативниот ефект на пивото (алкохолот) може првично да ни’ помогне да заспиеме, но дури и еден пијалок преблиску до времето за спиење може да го поремети квалитетот и квантитетот на сонот. 37, 38,
Заклучок
Пиво пред тренинг/натпревар е непрепорачливо- можеби, доколку инсистирате, размислете за некоја помалку алкохолна варијанта.
Пиво после тренинг/натпревар не е идеалниот напиток за опоравување како што се зборува. Што не значи деке не можете да се напиете повремено, особено ако опоравувањето не ви е приоритет. Уживајте во вкусот и дружбата, но важно е да запомнете 39, 40, 41, 42, 43, 44 дека:
треба да се контролирате (внимавајте колку ќе испиете)
пијте многу вода (едноставен трик- колку што ќе испиете пиво, испијте иста количина и на вода – за да избегнете дехидратација)
убаво е да не го занемарите оброкот после тренинг/натпревар (ќе објавиме за тоа наскоро)
Кој било пијалок со повеќе од 2% присуство на алкохол не е препорачан како идеален пијалок за рехидратација 45
Ѕррррннн! Завршува вториот час, време е за голем одмор. Трка до најблиската продавничка: „Добар ден, тетка Горде. За мене една кифла со еурокрем, чипс и она премногу портоколаво сокче!“
Пица, кифла, баничка, бурек, смоки , чипс, газиран сок… Што јадеше ти на голем одмор денес?
Уште поважно: а знаеш ли што би требало да јадеш на голем одмор, а тоа да биде и здраво и вкусно?
Храната претставува главен извор на енергија за телото. Благодарение на храната ние одиме, трчаме, учиме, играме и растеме. Исто како што одеден вид гориво им е потребно на автомобилите за тие да се движат, така здравата храна му е потребна на нашето тело.
А, што ако јадам од онаа вкусна „брза“ храна цело време?
„Брзата храна“ има големо количество на сол, шеќер, лоши масти (заситени или трансмасти)- нешта што не се здрави во големи количини.
Јадењето ваква храна предизвикува нагли промени во нивото на шеќер во крвта или крвниот притисок- што може да доведе проблеми со стомачето, расипување на забчињата, недоволно енергија и концентрација за играње и учење, нарушено опоравување после тренинг поради чувство на замор…
Никој од нас не го сака тоа, нели?
Родители, убаво е и вие да прочитате
Како за возрасните, така и за децата, хранливите материи се делат во 2 основни категории:
Макронутриенти : јаглехидрати, протеини и масти. Секој на свој начин е потребен за нормално функционирање на организмот. Ти на организмот му се потребни во поголеми количини. Избалансирана исхрана значи соодветно присуство на секој од овие макронутритиенти во исхраната.
Микронутритиенти : витамини и минерали. Материи кои во организмот му с епотребни во помали количества, но без кои телото не може нормално да функционира.
Правилна распределба на исхраната
За макронутритиентите, дневниот енергетски внес за балансирана исхрана, кои ќе ги задоволи потребите во текот на денот треба да биде распределен отприлика вака: јаглехидрати минимум 50-65%, протеини 10-15%, масти 25-30% (важен е видот на мастите).
За микронутритиентите:
спортистите кои се хранат соодветно, немаат потреба од витамински додатоци.
Од минералите, кај децата, исклучително важни се калциумот (важен за коските, го добиваме најчесто преку млекото и млечните производи) и железото (го внесуваме преку храна од животинско потекло (месо, риба) или зеленчук)
За вода и надополнување на течности , нема цврсти препораки. Генерално се препорачува 2-3л дневно или околу 10 чаши течности, пред се вода. Внесот на течности зависи од спортот, бројот и видот на тренинзиите, надворешните временски услови (дали е лето или зима)… За правилен внес на течности за време на и по тренинг ќе пишуваме наскоро.
Гладен си или имаш криза за нешто благо?
Стомакот е одговорен за чувството на глад, а мозокот ја контролира кризата за јадење. Вака некако оди тоа: мозокот добива сигнал од хормоните на системот за варање, односно стомачето преку хормоните да вика „празно сум!“. А мозокот „слуша“ и ти вика: време е за јадење!
Замислете- Празниот желудник е со големина на тупаница, но може да се прошири како големина на фудбалска топка!
Ok, сé тоа, и сега: што да си подготвам или нарачам за утре?
Во продолжение ви даваме предлози за здрави и вкусни оброци кои ќе можете да ги подготвите и сами или со помош на домашните, а ќе ви помогнат да дадете многу голови на тренинг и натпревар, но и да добиете многу петки на училиште.