Categories
Тактичка фудбалска анализа

Уште едно разочарувачко издание на Белгија против одличниот Мароко

Второ коло од групната фаза на натпревари на Светското првенство во Катар. Натпревар од групата Ф, група во која сè изгледа можно. Се соочуваат Белгија и Мароко.

Поглед на листот пред почетокот на натпреварот

Белгија, после почетната неубедлива победа против Канада, со три промени во почетниот состав: Меније, Онана и Торган Азар на местата од Дендонкер, Тилеманс и Караско. Меније и Онана би требало да овозможат одредена физичка доминација и опасност по прекините (иронично, ако се има предвид крајниот исход!)

Лукаку сè уште на клупата за резерви во обид да се врати во натпреварувачка форма после повреда. Но, нека не звучи ова како потценување на Батшуаји: дури и како резерва на Лукаку, има 27 голови на 49 натпревари за белгиската репрезентација. Гледаме тим со доволно добри играчи да победи кој било. Зошто тогаш толку неубедлива игра? – Симптомите на Белгијците се сложени за дијагноза.

Мароканците со истиот почетен состав како и во ремито од првото коло против Хрватска. Единаесетка со исклучителен квалитет. Единствен сомнеж, можеби, е длабочината на резервната клупа. Шести настап на Светско првенство, сонуваат за второ поминување во нокаут рундата.

Белгија: статичен, неинспириран фудбал

Натпреварот го започнуваат во својата стандардна 3-4-3 поставеност во организација со топка: Kaстањ на левата позиција во задната одбранбена тројка; Меније и Т. Азар (обележани на сликата) високо поставени на страничните офанзивни позиции, а меѓу нив Онана и Витсел во средината; зад Батшуаји како најистурен во нападот, Е. Азар и Де Бројне како офанзивни средишни играчи (две 10-ки).

Но тактичката поставеност, необично, се чини дури и ирелевантна: Белгијците одиграа еден целосно неинспириран фудбал. Дури и во здодевното прво полувреме, исполнето со несмасна игра на двете страни, можеше да се насети текот на натпреварот: и покрај големиот број додавања и високиот посед, меѓу Белгијците како да преовладуваше некое чувство на немоќ.

Пребавна игра, премалку движење и ротации, премалку креативност. Голем број на странични додавања и додавања наназад, без обиди да се „пресечат“ одбранбените линии со некој директен, вертикален пас.

Впечаток е дека Белгијците воопшто и не одиграа тимски. Само се обидуваа некако да стигнат до Еден Азар и Де Бројне, но и тие беа отсечени – па имаа само преретки блесоци во неколку акции, колку да нè потсетат дека сè е можно кога топката е кај нив. Сето ова за Белгија значеше блед натпревар со привидна контрола, но без вистински впечатливи шанси.

Дефанзивно, поставени во 4-1-1, немаа ни приближно доволно интензитет, страст и агресивност во дуелите (се сеќавате на Саудиска Арабија во дуелот против Аргентина?).

Мароко: лекција по задушување на просторот

Мароко се спротивставија со 4-1-2-3 формација во организација на играта. Иако малку ја имаа топката кај себе, сепак, промислено го контролираа натпреварот. После претпазливо одиграното прво полувреме, полека добија на самодоверба и се приближија поблиску до противничкиот гол. Во далеку подинамичното второ полувреме, со отворена игра на двете страни на теренот, го видовме и вистинскиот офанзивен потенцијал на мароканскиот брз и технички префинет тим. Амрабат делуваше во срцето на теренот, како прав стабилизитор и оска на играта. Вистинската опасност, сосем очекувано, доаѓаше од страничните напаѓачки позиции, и доминантноста и опасноста на Зијеш и Буфал во ситуациите еден на еден.

Зарем не сте слушнале за Буфал?

Роден во Франција и скаутиран од сите фудбалски гиганти, остана и без некое премногу блескаво фудбалско CV: Анже → Лил → Саутемптон → Селта Виго → Анже. Па, сепак, Буфал е еден од оние посебни играчи за кои се сеќавате кога сте ги виделе првпат. Задоволство е да се гледа, но неговиот дриблинг е и повеќе од обична претстава за гледачите. Кога е топката кај него, не можете да ја потиснете инстинктивната реакција на потстанување од столче. Има нешто во приемот, леснотијата на чекорот, контактот со топката, нешто што тешко се опишува, но и нешто што ви дава чувство дека неизбежно ќе следува мајсторија. Буфал, едноставно, игра фудбал во поинаков простор од останатите играчи. За него не постои нешто како „немаше каде” и „прегуста одбрана”. Без напор се протнува низ затворени одбранбени врати – и клучалката за него би била доволен простор за бегство!

Во Саутемптон го постигна голот на сезоната во Премиер лигата за 2017/18; во Селта, пак, имаше поинаков рекорд: играч со најмногу успешни дриблинзи во Ла Лига за 2018/19:


Дефанзивната поставеност на Мароканците, пак, беше во исклучително динамични 4-4-2. На натпреваров го видовме можеби и најкомпактниот тим на Светското првенство годинава. Исклучително добро организирани во секој момент, ја задушуваа секоја можна напаѓачка опција. Малку ја имаа топката во своите нозе, но беа толку удобни и така добро организирани дефанзивно што можеа без преголем напор да се одбранат уште 900 минути. Слабото движење на Белгијците го олеснуваше маркирањето, но нивната дисциплина беше совршена: можеме да земеме безмалку кој било момент од натпреварот и, посочувајќи ја поставеноста на Мароканците, да поучуваме за соодветно покривање на противнички играчи.

Статистиката само го потврдува субјективниот впечаток на окото: бројките за освоени дуели, како и за директен и индиректен пресинг, драстично натежнуваат на страната на Мароканците.

Два идентични погодоци од прекини, едниот поништен од ВАР

Крајот на првото полувреме ги изложи белгиските слабости на прекините. ВАР ги спаси во 46 минута, но не и во 73 минута: на идентичен начин (иако овојпат прекинот беше од левата страна), по еден многу силен центаршут на првата статива, Белгијците примија и втор, овојпат чист гол од прекин!

Белгиските играчи повеќе беа фокусирани на добивање на директните дуели со своите противници отколку на нешто барем истоветно битно: летот на топката. Можеме да зборуваме за недостаток на одбранбен играч на првата статива, но недостатокот на агресивен пристап за исфрлување на топката од опасната зона е поголем тактички пропуст отколку просторното позиционирање.

На крај, заслужена победа на мароканскиот тим – тим возбудлив за гледање и „електричен“ со топка, но и тим кој против Белгија точно знаше како да ги покрие сите силни страни на својот противник.

Завршен коментар

Нè очекува возбудлива завршница во групата Ф.

Мароко, против Канада, би требало да го има најлесниот натпревар во групата. Сомнежите за недостаток на „длабочина“ на клупата на Мароко испаднаа неосновани – не само што не се почувствува пад на играта по промените, туку играта доби и на свежина. И зарем смееме да не искоментираме: двата голови за Мароко беа постигнати од резервисти!

Белгија сè уште има шанси за продолжување понатаму, но мора да ја победи Хрватска. Горчлив вкус би оставило уште едно разочарувачко издание на „златната генерација“ на Белгијците, за која веќе почнува да се зборува дека оддава очигледни траги на патина.

Categories
Звуците на стадионот

Фудбал Фрејм на многу локално дерби

Бавно неделно утро. Проверувам прогноза, малку пооптимистична во однос на предвидувањата претходната ноќ. Па што и ако врне. Последен натпревар полусезонава, плус дерби – на „Јурја“, играат ФК Вардар 75 и ФК Слободен, домаќини на истиот терен – зарем смеам да пропуштам? Го пакувам животот во ранецот и со помош на насоките од Гугл, одам да го гледам првиот четвртолигашки натпревар во животов.

 Додека се снајдам и паркирам, натпреварот е веќе почнат. Некој прославува. Што? – еден дечко кој исто така доцни – „Вардар 75“ води? Не сме победиле на ниту еден натпревар сезонава…

Нерамно, но убаво зелено игралиште, локална публика покрај оградите, куче – што  како џокер без маркер – влегува и излегува во натпреварот, пријатели во двата стручни тимови, петел кукурика во позадина, трактор поминува покрај патот… Широка насмевка.

Не престанав да се смешкам целиот натпревар: забавни навивачки досетки и тренерски инструкции, „расправии“ меѓу играчите, убави голови. Интересни играчи во секоја играчка линија. Да ви кажам ли за 10-ките од двата тима?! Папас (Вардар 75) и Мариос (Слободен), неизненадувачки уметници: дриблинг, визија, пас со пета кој никој не го насети, гол со „копната“ топка преку клизачот на голманот…

И таму, на едно мало, природно испакнато место: live streaming! И фотоапарат за забележување на случувањата – дечкиве од ФК Слободен ја препознаваат убавината на фудбалот. Алал да ви е!

ФК Слободен триумфираа убедливо, но голманот на ФК Вардар 75 на своите соиграчи им спомна за „кафана од мене“. Некако, на крајот, сите победија.

Фудбал со широка насмевка – како што треба да биде.

Categories
Тактичка фудбалска анализа

Изненадувањето на Саудиска Арабија против Аргентина: висока дефанзивна линија, правилото на „кратка маица“ и малку среќа

Светско првенство во Катар, 2022 година. Уште на самиот почеток, и повеќе од изненадување: Саудиска Арабија ја победи Аргентина! До пред некој ден, статија со таков наслов веројатно би се чинела попогодна за категоријата „паравести“…

Големината на подвигот (и статистичкото чудо) во пет факти

  1. Пред овој натпревар, Аргентина беше на пат да сруши рекорд: немаше пораз на 36 натпревари со ред, само еден помалку од Италијанците кои го поставија рекордот лани.
  2. Уште поимпресивно, Аргентинците имаа примено само два гола на последните 15 натпревари; седум од последните осум натпревари им беа победи без примен гол!
  3. Гол-разликата на Аргентина на последните пет меча (Италија, Естонија, Хондурас, Јамајка, ОАЕ)? 19-0!
  4. Впрочем, Аргетина немаше пораз цели три години: последниот им беше во полуфиналето на Копа Америка во 2019, и тоа од нивните најлути ривали, Бразил: 0-2.
  5. Сите играчи од репрезентацијата на Саудиска Арабија (според рејтингот на ФИФА, 53. репрезентација во светот) играат во тимови од Саудиска Арабија.

Солидна изведба на Аргентина

Тимот на Скалони беше поставен во 4-4-2 формација. Со оглед на високата поставеност на играчите, не би било погрешно да зборуваме и за 4-2-4 поставеност.

Изнесувањето на топката од одбраната и нејзиното циркулирање беше пристојно. Сепак, недостасуваа играчи во средината на теренот: едниот дефанзивен играч од средината на теренот обично се спушташе меѓу централните бекови, а другиот најчесто се поставуваше по страничните позиции. Ова оневозможуваше комбинаторна игра и играчите на Аргентина се потпираа на многу директен пристап во играта.

Десет успешни офсајд замки

Уште една статистичка необичност на овој натпревар: во судиското продолжение на првото полувреме – поточно во 47 минута – Аргентинците влегоа во својот осми офсајд! Што значи, нивните напаѓачи беа фатени во офсајд замка по еднаш на секои осум минути. Или: само во текот на едно полувреме во Катар, против Аргентина беа досудени повеќе офсајди отколку на сите четири натпревари што ги одиграа албичелестите на Светското во 2018-та!

Малку е да се каже дека Саудиска Арабија играше ризично: ефикасно поставување на офсајд замки е и повеќе од неопходно кога се игра со така високо поставена дефанзивна линија. Сепак, ова е поголем неуспех на Аргентинците отколку успех на Саудиска Арабија. Аргентинците не успеаја да се адаптираат на играта на својот противник и да ги искористат џокер-картите кои им беа дадени: ниту офанзивните играчи најдоа начин да ги прилагодат своите утрчувања во простор (т.е. да не играат постојано на работ на офсајд), ниту пак додавачот – донесувачот на одлука – успеа барем еднаш да се ослободи од топката навремено, некој дел од секундата порано.

Низ речиси целиот натпревар Аргентина имаше отворен простор зад задната четворка на Саудиска Арабија – простор кој не знаеше како да го искористи. Иронично, можеби токму тоа беше и проблемот: имаа премногу простор, повеќе отколку што се навикнати. И препримамливо е да се игра со директни пасови при таква поставеност. Но, за тоа треба синхронизација, а квалитетот на последното додавање и тајмингот на последниот трк на напаѓачите во ниеден момент не беа во созвучје.

Покрај тоа, центаршутевите на Ди Марија не успеваа често, а дури и кога беа добри, не завршуваа на главите или во нозете на аргентинските напаѓачи. Причината: Аргентина и немаше играчи кои ги напаѓаа нафрлените топки во последниот дел од теренот. А тешко се дава гол со малку играчи во шеснаесетникот.

Е, сега, можеме да филозофираме дека постоеше некое преовладувачко чувство на општа неуредност во поставеноста на Аргентина, но вистината е дека недостасуваше квалитетен „краен производ“: последното додавање во простор, избегнувањето на офсајд замката, навременото пристигнување во шеснаесетникот…

Офсајд правило: линијата на кратки ракави

Линијата на кратки ракави (7-8 cm под рамото), е област со која можете да постигнете гол. Бидејќи смеете да дадете гол и со рамо, и рамото се смета за офсајд.

Каде да го играм Меси?

Меси беше покриен од неколку противнички играчи во секое време, дури и пред да ја прими топката. Колку и да е посакувано присуството на Меси насекаде (и на било која позиција на теренот), ова си доаѓа со цена: поставувањето подлабоко во средината и учеството во организација на нападите значи негово отсуство во завршницата.

Очекувано, ова резултираше со еднодимензионалност на аргентинскиот тим – впечатокот е како речиси сè да мораше да помине преку Меси.

Саудиска Арабија заслужи

Но, доволно за Аргентина. Саудиска Арабија одигра квалитетен натпревар. Впечатлива беше исклучително високо поставената дефанзивна линија. Со мешавина од зонски пристап и маркирање „човек на човек“, одбраната (поставена во 4-1-3-2 или 4-3-3) се одликуваше со голема компактност меѓу линиите. Беше необично агресивна и ниеднаш не дозволи лесно вртење на играчот со топка.


Поважно, на натпреварот не видовме тим кој влегува во дуел со голем фаворит со ставот „сите позади топка, па да се надеваме дека ќе се одбраниме, а може и ќе изненадиме со некоја контра“. Не! Ги одиграа тактичките замисли на тренерот, ризикуваа, и постигнаа гол против тим кој не прима голови. И дури и тогаш не се повлекоа сосема и високо ја држеа одбранбената линија! Но, би било нефер доколку не ја истакнеме одличната игра на целиот тим на Саудиска Арабија, почнувајќи од голманот, преку фантастичната задна четворка и пресингот на средњаците, па сè до одличните напаѓачи кои не само што помагаа редовно во одбраната, туку и имаа квалитет да ги искористат малкуте шанси што ги добија.

Патем, не треба да бидеме толку многу изненадени од она „два удари на гол – два гола“ (поточно, беа три удари на гол, од кои два во рамките на голот – и во него). Пазете го овој податок: на квалификациите за Катар, Саудиска Арабија имала највисока стапка на реализација на „големи шанси“ меѓу сите азиски репрезентации – фантастични 41,2%, што би се рекло секоја втора голема шанса (останатите екипи имале просек од „само“ 14,3%).

Завршен коментар

Лошиот прв резултат сигурно не значи крај за Аргентина. Најпосле, ова е можеби најдобриот склоп на играчи собрани околу Меси во неговата долга кариера – добро балансиран тим со фантастични индивидуалци. Доколку ги искористеа шансите во првото полувреме, денеска ќе се смеевме за „самоубиствениот“ пристап на Саудиска Арабија, и анализата веројатно ќе беше за натпревар со многу голови.

Но, натпреварот што ни го понудија и вака беше превозбудлив за гледање – атмосферата од 88.012 навивачи на стадионот се чувствуваше и преку екраните! Седиштата веројатно издржаа, но потребни се проверки на покривот: еуфоријата на навивачите на Саудиска Арабија предизвика вибрации низ сите континенти. Сигурно било магично во епицентарот.

Светот ја ажурираше дефиницијата за чудо.

Categories
Детско катче

Шампионите на ФК Кул (генерација 2009) – Дел 2

Вториот дел од одличната генерација (2009) на ФК Кул, која освои второ место на државно ниво во детската лига на ФФМ (видете го овде првиот дел).

Мартин Митановски

Најсмирениот и најинтелигентниот во екипата. Малку страв, но тоа го надополнува со брзо учење и совладување на препреките. Технички „поткован“, како да има лепак на нозете, одличен пас меѓу линии, секогаш дава максимум и се наоѓа на право место во право време.

Горазд Ѓуроски

Марко Матераци – само деснак, висок, тенок, без страв, со по некој опасен старт. Смирен и сталожен, со одлична фудбалска интелигенција.

Стефан Адамчевски

Сакале-нејќеле, сите страдаа од него: ќе речеш мал е, ама не ти бега низок ѓон и газење по нога. Пожртвуван и неуморен во дефанзива, фудбалски паметен и интелигентен, ама и малку себичен од позади, па тренерот често го советуваше да се ослободува побрзо од топката. Дуплиот пас го користеше во секоја прилика, како и „уфрлувањето од втор план“.

Никола Динов

Петата му беше омилена – па ако не ја направеше на натпревар или на тренинг, исто како да не истренирал! Секој паѓаше на неговиот „лажњак“ поради непредвидливоста на неговиот дриблинг и, кога сакаше да игра, едноставно беше најдобриот во екипата. Ако се ишиша, ќе има и поголема прегледност!

Иван Смилевски

Интелигенција на високо ниво, како фудбалска така и природна, интересен и непредвидлив дриблинг, визија за додавање во простор. Ситен чекор, брзо проигрување… ама само кога сака!

Леон Андовски

Крило, ама не пилешко, туку по мерка за секој тренер; „лажњак“ на секој втор чекор како легнат полицаец; комотно колите на центрирање да ги носите кај него, зашто од корнер или слободен удар не промашил досега!

Марио Николовски

Крупен чекор, стабилен на топка, противниците се молат да нема шут и центаршут – зашто или е гол или е асистенција. Кога ја има топката, противниците тешко му се доближуваат, зашто телото и рацете ги користи феноменално за градење.

Марко Магларовски

Новиот Љоренте: висина, брзина, шут, стабилност и удар со глава исто како него. За нијанса е и подобар, зашто е побрз, а и подобар реализатор.

Марио Антоновски

Ситен чекор и одлична стартна брзина – на 10 метри најбрз во екипа — а и непредвидлив прием на топка: ни самиот некогаш не знае каде ќе ти избега! Роден за напаѓач – топка во простор за него е најлесната задача во светот.

Петар Трпковски

Градењето го користеше секогаш кога можеше и одлично му одеше во тоа. Повратна топка за мерак и солидно појавување меѓу линии. Ама, некогаш требаше и тренерот да викне за да му текне да тргне.

Тренер: Марко Арсовски

Поранешен играч, елегантен и технички префинет, а сега посветен, детален и аналитичен тренер во младински категории. Очекуваме големи успеси и богата тренерска кариера!

Categories
Детско катче

Шампионите на ФК Кул (генерација 2009) – Дел 1

Екипа која е задоволство да се гледа – Ви ја претставуваме одличната генерација на ФК Кул, генерација 2009, која освои второ место на државно ниво во детската лига на ФФМ.

Божидар Георгиевски

Можеби не многу висок како за голман, но високо котира во книгата за Гинисов рекорд за задржување на време! Одлично се поставува на голот и баш во тој момент кога мислиш дека ќе прими гол, парадата ја вади како ас од ракав. Минатата година имаше 97% успешност на фатени зицери, поточно само еден примен гол од зицер позиција.

Матеј Ивановски

Роден лидер во екипата. Поливалентен за позиции, агресивен, пожртвуван, неуморен. Солиден дриблинг, многу брз, јак удар, страв и трепет ако влезе еднаш во дуел. Имаше краток фитиљ и експлодираше, ама купи коноп и го продолжи – сега е смирен како гуру.

Андреј Илијевски

Не многу сигурен со топка, но кога станува збор за пожртвуваност во игра, става глава каде што некој не става нога. Освен на натпревар, тоа го правеше и на тренинг, па за жал се повреди и не беше директен учесник во финалето, туку индиректно ја бодреше екипата како „помошник тренер“.

Матеј Фидановски

Топ во левата нога, може да те промаши со додавање и центаршут само ако тој сака. Едноставен дриблинг кој секогаш успеваше, брз само кога сака – треба да го турнеш за да тргне! Уфрлување по левата страна секогаш на време.

Матеј Манев

Напредуваше и „згази“. Роден за бек, неважно дали лев или десен, се „уфрла“ со леснотија, секогаш на право место и во право време. Едноставноста му е омилена: не сака да комплицира, ретко шутира. Но, кога ќе шутне – статива или пречка!

Петар Крчаноски

Везен играч каков што би посакал секој тренер: кондициски неуморен, технички одличен, тактички одлично позиционирање. Додавањата и шутевите – секогаш перфектни. Помагаше и во одбрана и во напад, а „лажњак“ за мерак – по двајца паѓаа и секогаш на враќање му носеа бурек со јогурт.

Јорго Цаца

Дриблинг за мерак, висок, цврст и брз, брзо учи. Понекогаш се случуваше сите да ги издрибла и да не шутне, па тренерот се фаќаше често за глава.

Марко Стојаноски

Савичевиќ, само во светлосин дрес. Низок и брз, одличен дриблинг, влез во простор како од шала… Завршницата можеби не му е јака страна, ама и покрај тоа, реши многу натпревари.

Филип Дукоски

MVP зашто секогаш даваше 1000% за екипата. Можеби најтимскиот играч, од пожртвуваност, агресивност и тивко лидерство, до техничка, тактичка и кондициона спремност. Додавање и прием – перфектни; приоѓањето меѓу линии и повратните топки – како од шала; дриблингот – изненадувачки и пропратен со одлична завршница секогаш кога требало. Многу упорен, па затоа и решаваше многу натпревари со голови и асистенции.

Јован Гиевски

Јосип Иличиќ во млади години. Висок и цврст, никој не успеваше да му ја одземе топката кога ќе се градеше, елегантен дриблинг во движење, одлично додавање во простор. Да не шутне затоа што му се смешка еврогол. Можеби не трча многу, ама затоа одлично се поставува. Дефанзивно ретко играше, но се покриваше со потезите и решавачките голови и асистенции – па правеше голема разлика.

Кирил Стојановски

Крило за мерак: бара топка во простор, приоѓа, дрибла, шут со лева и десна. Неуморен како да има боца кислород на него и не се троши. Секогаш пожртвуван за екипата: дај му една задача, две ќе заврши!

Вториот дел од оваа исклучителна генерација, следува наскоро.

Categories
Издишана топка

Живи описи за фудбалска мајсторија

Правиш/гледаш некоја фудбалска мајсторија (дриблинг, шут, подавање, дуел…), и потоа коментираш:

1. Купи си мрежички од Орка! – по протнување на топката низ нозе.

2. Му ги искрши зглобовите или го извади од копачки – дриблинг со промена на правец, особено ако противничкиот играч се лизне и падне долу.

3. Мајсторот му ја сокри топката – незгоден техничар со добар дриблинг на мал простор.

4. Шајка: пречката уште ѕвони – јак шут со мала ротација на топката, во странство познат како knuckle ball.

5. Ја искина пајажината каде се љубат пајаците – оригиналната верзија не е баш со љубење, и пајажина не успева баш на стативите, но ова е многу прецизен шут во агол.

6. Го изврте како рингишпил – бравура на мал простор, во кој противничкиот играч се врти околу но никако да ја допре топката.

7. Го искости – многу јак физички дуел по кој едниот бара лекарска интервенција.

8. Те пратив по бурек – противникот веќе нема што да прави по ефикасниот дриблинг и може слободно да оди во локалната бурекџилница.

9. Го однесе сосе оградата – клизач покрај аут линија, собирање и на топка и на противник.

10. Го врати во пелени – толкуа го посрамоти.

11. Му ја крцна кичмата, треба да оди на местач да му ја вратат назад – слично како му ги искрши зглобовите, но со изместување и на горниот дел од телото.

12. Го погоди во трепка – прецизно подавање, уште попознато како снајпер.

13. Му ја скрати кариерата за минимум 5 години – голема доминација во 1 vs 1 дуел.

14. Ги измочавме – тежок, речиси понижувачки пораз (поздрав до Ачки!).

15. Партали летаа – јак дуел на несразмерни сили.

16. Има очи позади на главата или цело време му работат ретровизорите – има одлична прегледност и добивате чувство дека сè гледа на теренот.

17. Промаја таму – лесно поминување низ одбрана.

18. Испадна од игра ко денарче од паричник – лесно изгубен дуел со противникот кој потоа ја остава екипата во небрано.

19. Го истресе како шампон после долга употреба – уште еден опис за физичка доминација, најчесто употребуван кај екипите кои се натпреваруваат во понизок ранг. Побогатите, редовно си купуваат нови шампони.

20. Го прати на костозглобно во Охрид – има трауматолошки оддели и во другите градови низ Македонија, но се чини дека Охридската е специјализирана за опоравување после фудбалско-дриблинг понижување.

Categories
Фудбалологија

Вода и надополнување на течности Дел 4

Се надеваме дека веќе ги прочитавте Дел 1 (Основи: внес и губиток на вода), Дел 2 (Внес на течности ПРЕД вежбање) и Дел 3 (Како да ја мериш состојбата на хидрираност), од овој серијал. И дека, кога ќе ви притреба потсетување за тоа колку/кога/како да пиете вода во вашиот физички активен живот – ќе ни се навратите пак.

Многу практичен сегмент е на ред.

Дел 4: Внес на течности за време и после тренинг

За време на тренинг

Ве проверуваат ли тренерите, имате ли навика да си носите вода за време на физичката активност? Ви даваат ли пауза за да се напиете?

Има очигледни придобивки од пиење на течност за време на вежбање (особено ако е продолжено вежбањето, и особено на топло време):

  • намалување на ризикот за дехидратација и зголемување на телесната температура,
  • спречување на намалена способноста за тренирање.

Спортските пијалоци се посложени за објаснување. Содржат јаглехидрати како енергетски извор, натриум за електролитен баланс, оптимизиран вкус – и на тој начин стимулирање на пиењето. Сепак, накратко:

После тренинг

Внесот на течности после тренинг е исклучително важен за рехидратација на организмот. Паралелно со внесот на течности, треба да се размислува и за надополнување на електролитите, и останатите хранливи материи потребни за соодветно опоравување од тренингот. Препораката да се внесе повеќе течност од тоа што е изгубено ги зема во предвид загубите од продолженото потење и од уринирањето.

Завршете го читањето на овој серијал со пиење на една чаша вода. Голема е веројатноста дека Ви е потребна.

Categories
Фудбалологија

Вода и надополнување на течности Дел 3

Во Дел 2, од овој серијал спомнавме дека треба да утврдиме метод за проценка на нашето ниво на хидрираност. Навистина, од каде да знам дали сум доволно хидриран и дали е доволно тоа што го внесувам?

Се надеваме нема да ни замерите за свесно пропуштените посложени објаснувања, во обид да ви посочиме кратки, и едноставни за спроведување начини за мерење.

Дел 3: Како да ја мериш состојбата на хидрираност

Ви ги препорачуваме следниве четири најпрактични начини:

  1. боја на урината
  2. колку често (колку многу) уринираме
  3. варијации во дневна телесна тежина
  4. телесна тежина пред и после тренинг

Накратко

  • Набљудување на урината: боја, количина и честота
  • Мерење на телесната тежина во ист период од денот
  • Мерење на телесната тежина пред тренинг и после тренинг (ќе помогне да знам колку да надополнам после тренингот – прочитајте во Дел 4)
Categories
Фудбалологија

Вода и надополнување на течности Дел 2

Доколку не прочитавте досега, проверете го „Дел 1: Внес и губиток на вода“.

Лесно е да се постави прашањето „Колку течности треба да внесувам дневно?“ Тешко е да се одговори – затоа што зависи од многу фактори. Е, кои? Кога веќе се прашувате: возраст, физичка активност (вид, траење), надворешна температура, облека која се носи, видот на исхрана, внес на различни пијалоци во текот на денот (кафе и алкохол), лекови…

Некои преопшти насоки се: мажите да внесуваат околу 3л течност, жените околу 2,2л.

Поиндивидуализиран пристап за спортисти би бил: 1мл за секоја енергетска калорија што сме ја внесле.

Единствениот начин да се одржи хидратацијата на дневна основа, е да се осигураме дека дневниот внес е еднаков на дневната загуба.

Но, да тргнеме со ред.

Дел 2: Внес на течности ПРЕД вежбање

Прво, кога се воспоставува план за внес на течности пред вежбање, треба да се размислува и кога се внесува, не само колку!

Видови течности

Вода, сок, млеко – сите се одличен избор за одржување на хидратацијата пред тренинг. Водата е наједноставен и многу соодветен избор, особено ако е придружена од некој вид на соодветен оброк. Некои спортисти користат сокови, други млеко. Но, тие можат да предизвикаат „вознемирување“ на системот за варење. Затоа индивидуално мора да се одлучиме за она кое најмногу ни „годи“.

Накратко

  • Внесувајте течности според упатствата за хидратација пред вежбање.
  • Вода, сок, млеко – изборот треба биде според она што најмногу ни „годи“.
  • Треба да утврдиме метод за проценка на нашето ниво на хидрираност
    (Чекај, што? Читајте во наредното продолжение од овој серијал – следува Дел 3).
Categories
Фудбалологија

Вода и надополнување на течности Дел 1

Легендата кажува дека на секој фудбалски термин има барем еден играч кој секогаш доаѓа опремен со шише вода. Тој ресурс потоа е поделен од неколкумина, кои и минатиот пат ветија дека ќе си донесат вода, ама заборавија.

О, простете, Фудбал Фрејм се сомнева дека би сакале да ги прочитате сите оние безвкусни (како водата!) информации за важноста на водата во организмот. Слушавте, учевте на биологија, на факултет… на ТВ би го промениле каналот кога би слушнале од некој експерт „водата игра неколку критични улоги во организмот…“

Па, затоа се одлучивме за еден серијал од пократки, повизуелни информации.

Дел 1: Внес и губиток на вода

Можеби најмалку „практична“ лекција од серијалот, но важни основи да се знаат:

Накратко

  • вода најмногу се внесува преку течности (какво изненадување, нели!), па храна, а малку и од метаболизам.
  • при мирување течноста се губи преку: урина (60%), и по малку од пот, кожа и дишење.
  • при активност дури 90% се губи преку пот.

За домашна, напишете го ова три пати на лист. Се гледаме нареден час (Следува Дел 2)